Кога веќе го покриваме овој временски период, да споделам два документа на кои наидов деновиве. Имено, бев заинтригиран кои се корените на Француската политика спрема Македонија, која во континуитет е многу на страната на нашите непријатели.
Откако почнав да чешлам документи, излезе на повидок фактот дека Наполеон имал едно откровение, еден момент кога се менува се, во поглед на ширењето на моќта на француската империја!
Имено, при посетата на Ватикан и на папските држави, на 9. февруари 1797 год. Наполеон престојувал во Анкона, пристаниште на Јадранско Море. Анкона била стратешки важна точка, посебно за односите со Цариград, а била населена со Турци, Албанци, Грци, Босанци, итн.
При моментот на откровение, Наполеон пишува:
" Човек може да стигне [од тука] до Македонија за дваесет и четири часа, а дo Цариград за десет дена. ... Ние мораме да го задржиме пристаништето Анкона кога ќе се склучи мировниот договор за тоа засекогаш да биде француско. Тоа ќе ни овозможи големо влијание врз Отоманската Порта, и ќе не направи господари на Јадранското Море. ..."
(Correspondance de Napoleon publee par orde de l'empereur Napoleon III, 32 vols. (Paris 1858-1870), Corr ii. n. 1497 (15 February, 1797)).
Шест месеци подоцна, Наполеон го повторува овој првобитен сентимент:
" Крф и Јонските острови за нас вредат повеќе отколку цела Италија. ... Империјата на Турците се распаѓа со секој нареден ден: имањето во посед на овие острови ќе ни овозможи да го потпомогнеме [распаѓањето на империјата], и да си го земеме нашиот дел од неа. ..."
(Correspondance de Napoleon publee par orde de l'empereur Napoleon III, 32 vols. (Paris 1858-1870), Corr. III n. 2103 (16 August, 1797))
Еве каде е Анкона (обележано со зелено):
Наполеон поминал во Скопје?!
Авиокомпанијата „Кроација ерлајнс“ во есенското издание на промотивното списание што им го дели на патниците на своите летови има статија за Скопје со флагрантни историски невистини. Најмногу боде очи податокот дека дури и францускиот војсководец Наполеон своевремено поминал низ Скопје!?
Инаку, најголемиот дел од статијата со наслов „Скопје божествен град“ е посветен на Мајка Тереза и последиците од земјотресот од 1963 година.
- Текстот треба да е посветен на историјата на градот, ама се добива впечаток дека неговата авторка како да ја избрифирал некој преголем ентузијаст што имал желба да ја истакне важноста на Скопје низ вековите, но со малку интерес за вистината - вели Филип Стојановски од фондацијата „Метаморфозис“, кој случајно го видел списанието, па на својот блог развигор.блог.мк ја изразува својата зачуденост.
Како најпроблематичен дел од текстот, тој го издвојува делот во кој се вели: „Низ таа немирна крстосница на трговски патишта, култури и религии, минувал и Наполеон на патот за Средниот Исток...“.
- Тоа е флагрантна историска невистина. Наполеон навистина во 1798 година водел поход кон Средниот Исток, ама патот го водел по море до Египет, по копно до Сирија и потоа назад до Египет со враќање по море кон Франција. Историјата би била многу поинаква ако во која било насока поминал низ Скопје, оти тоа би повлекло уништување на Османлиското Царство - вели Стојановски.
Историчарите исто така реагираат на овој неточен податок публикуван во хрватското списание.
- Во историјата нема таков податок. Наполеон никогаш не дошол во Скопје. Не знам од каде авторите на овој текст ја нашле оваа информација. Во Македонија, според историографските податоци, имало француска војска, и тоа во Првата светска војна, но Наполеон никогаш не поминал од тука. Овие публикации веројатно не се рецензирани од компететнтни автори и поради тоа излегуваат такви невистини - вели Новица Велјановски, професор по историја.
Според Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи на Македонија, секој може да дојде до пари, по пат на грантови и донации и да печати публикации наменети за туристите. Според него, тоа резултира со несериозен однос кон историографските податоци и добивање производ со сомнителни квалитети.
- Ако поминал Наполеон, нека ни покажат каде, ќе поставиме патокази, ќе носиме туристи. Сепак, морам да нагласам дека таквите списанија се приватна работа, секој индивидуално има одговорност. Ако публикува вакви дезинформации, самото списание губи од угледот. Во ваквите публикации постојано се провлекуваат невистини или полувистини, бидејќи во нивното рецензирање не се вклучуваат компетентни лица. А тоа, сепак, е интерна уредувачка политика - нагласува Босилков.
Василка Димитровска, археолог и лиценциран туристички водич, истакнува дека ниту една институција не се грижи за информациите изнесени во печатените материјали за македонскиот туризам, а тоа се случува и при нивното презентирање на Интернет.
- Најчестите невистини што можеа да се прочитаат во туристичките водичи за Македонија издадени кај нас е дека, на пример, Охрид е најстариот град на светот, или дека античкиот пат Виа Егнатиа минувал покрај градовите Скупи и Стоби. Поради зголемениот број на странски туристи во нашата земја последниве години, државните и приватните лица што печатат брошури и сериозно се занимаваат со туризмот како дејност, почнаа да најмуваат експерти, па грешките се помали. Инаку, на Интернет најголем број невистини служат за нечии ниски профити, а на штета за нашето природно и културно богатство - вели Димитровска.
Реакциите на корисниците на социјалните мрежи на написот на „Кроација ерлајнс“ се однесуваат и на некои невешти формулации на овдешниот мултикултурен контекст. Една таква формулација е следната: „Од минарето над Чаршијата и денес се слушаат повици на молитва, живо потсетувајќи на мултикултурното минато“.
- Како сегашноста да не ни е мултикултурна, или да нема џамии со минариња што функционираат и на други места низ градот - вели Стојановски, кој забележува и на тоа што фотографиите во текстот не изгледаат премногу „тазе“, иако во него се споменуваат и понови градби.
Ова е само уште еден куршлус во целата мешаница со сервирањето на историски невистини од нестручните туристички водичи и аматерски направените туристички прирачници што последниве години станаа практика во земјава. Ваквиот девалвирачки однос кон туристите, но и кон македонското културно-историско наследство, за жал, сé уште никој не го санкционира.
Автор: Мимоза Петревска - Георгиева
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1111184495&id=16&prilog=0&setIzdanie=22178