Величе не задоволи во Кристал Палас
Нашиот репрезентативец Величе Шумуликоски останува без клуб откако не успеа да го задоволи стручниот штаб на англискиот Кристал Палас, на чело со поранешниот шкотски селектор Џорџ Барли.
Шумуликоски, кој на Островот играше за Ипсвич и Престон, во моментов е без ангажман, а тоа му создава голем проблеми и на селекторот Мирсад Јонуз, во пресрет на завршните подготовки на Малта за септемврискиот старт на квалификациите за Евро 2012 година во Братислава кај Словачка.
Играчот од средината на теренот помина неколкудневна проба во овој клуб, но не успеа да се наметне кај менаџерот Барли, кој беше селектор на Шкотите во квалификациите за СП 2010 година и кај раководството на Кристал Палас на двата пријателски натпревара што ги одигра.
„Не му понудивме договор на момчето. Во моментов бараме други опции“, објасни Барли за случајот со Шумуликоски.
Шумуликоски ќе продолжи да бара нов клуб во кој ќе може да добие поголема минутажа откако сосема ја загуби натпреварувачката форма во Престон, неговиот поранешен клуб.