Eве ги почнаа
Го читам составот за репрезентација (А - репрезентација, најдобрата национална селекција) и се прашувам дали е тоа навистина најдоброто од Македонија??? Па, во Вардар има поголем квалитет. Добро, не можам да разберам кого тие, извинете на изразот - „заебаваат“, дали самите себе, народот или нас фудбалерите?! Ова веќе не личи на ништо, стварно претераа! Нема веќе никаков критериум за да се биде репрезентативец...
Долго време бев (10 години) и знам што значи да го носиш светиот дрес на државата, знам што значи да застанеш на химна и какви емоции имаш... А денес?! Па, половина репрезентативци не знаат ни како почнува химната. Порано за да бидеш репрезентативец требаше да играш континуирано добро во клубот за да го заслужиш репрезентативниот дрес, а сега??? Доволно е да одиграш 5 минути за некој смешен клуб во некоја смешна лига и да имаш повик за репрезентација. Ова е можно само во Македонија!
Знам дека не сме Бразил и немаме 500 квалитетни играчи, ама во репрезентацијата секогаш треба да играат најподготвените и играчи што ќе играат со срце и со душа за државата, а не да се игра од интерес за да се направи трансфер во странство. Половина играчи не играат во своите клубови. Разбирам да не играш стандардно во некој клуб во Италија, Шпанија, Англија, Германија... Ама да не играш ниту во мали клубови и да си репрезентативец???
Не сакам оваа моја изјава да се сфати дека се наметнувам кај некого, затоа што искрено ја изгубив тотално желбата за репрезентацијата. Додека бев во Вардар добив повик за четири натпревари, од кои добив шанса само 45 минути и на моја несреќа го повредив рамото. Утредента НИКОЈ од ФФМ не ме праша дали сум во ред? А, само да потсетам тоа беше мојот 50. настап за националниот тим, кој толку долго го чекав и никој не го одбележи со некоја благодарница. Едноставно после натпревар ми рекоа дека заборавиле и мене не ми се веруваше што ми зборуваат. Па, само да потсетам дека 7 играчи имаат над 50 настапи во националниот тим на Македонија и како само мене ме заборавија?
Бев, видов што се се случува таму, се разочарав. Не е веќе тоа репрезентација, повеќе ми наликува на пазар за продавање на играчи... Па, Тошак како странец баш ништо не знае што се случува, затоа што во месецот е 4 дена во Македонија. Секој може да биде така селектор, да си седи дома, да си добива плата, друг да го составува списокот (сите знаеме КОЈ) и да дојде неколку дена пред натпревар. Јас мислев дека еден поранешен тренер на Реал Мадрид сигурно ќе биде поголем професионалец.
Не се виновни само лугето од ФФМ и стручниот штаб, сигурно тука вина има и кај фудбалерите. Некои треба да сфатат дека настап за репрезентација значи да играш за државата со гордост, пред својот народ да гинеш на терен, а не само да се дојде дома и да се „лумпува“ по дискотеки или да играш за да му паднеш во око на некој менаџер. Не е во мој стил изјавава, јас никогаш не сум критикувал никого, ама стварно ме боли кога ке ја видам ранг-листата на ФИФА и нашето 98. место (бевме и под „стотка“), кога гледам дека не можеме никого да победиме.
Доста го лажете народот, кој е гладен за фудбалски успех, доста правите будали од фудбалерите кои навистина стварно заслужуваат повик, вратете го имиџот и ликот на фудбалската репрезентација за да се гордееме со неа....На кого му зборувам?! Сите тие многу добро ќе се препознаат во оваа моја изјава.
Влатко Грозданоски