Ѓорѓиев: Ова е моја сезона од соништата
Македонскиот одбојкарски репрезентативец Никола Ѓорѓиев во дресот на Париз ја игра една од најдобрите сезони во кариерата, а потврда за тоа стигна и пред неколку дена кога го прими признанието за МВП на регуларниот дел од шампионатот на Франција. Коректорот на клубот од „градот на светлината“ е свесен за висината на квалитетот на своите настапи сезонава, кои се подобри и од неговите најоптимистички прогнози пред почетокот на францускиот шампионат.
“Оваа сезона секако дека е една од најуспешните во мојата кариера, сезона од соништата. Искрено ни на најубавиот сон не ми доаѓаше дека одма во дебитантската година ќе бидам прв поентер во лигата, четврти сервер и МВП на првенството на Франција, кое е едно од најсилните четири во светот. Презадоволен сум, пресреќен сум од ова признание и тоа е само уште еден доказ дека го повлеков вистинскиот потег кога од многубројните понуди го избрав Париз за следа дестинација.” – изјави Ѓорѓиев за ЕКИПА.
Капитенот на нашата репрезентација сепак признава дека при промената на клубската средина летово имал одреден страв од тоа како ќе се прилагоди во новата средина за што напорно работел индивидуално речиси цело лето.
“
Кога потпишав искрено имав малку страв, оној позитивен страв кога го потпишав договорот во Франција бидејќи четири години во Турција се ми беше познато и веќе бев навикнат. Меѓутоа, исто така бев свесен дека ќе морам да работам двојно повеќе за да ги постигнат истите резултати од Турција, па дури и да ги подобрам. Минатото лето скоро да имав само 15 дена пауза, преостанатото време секогаш го користев за физички тренинг, па така тука дојдов максимално подготвен за предизвиците. Во континуитет ги одиграв сите натпревари, значи го дадов максимумот на теренот и во трите натпреварувања, Лигата на шампионите, Купот на Франција и домашната лига” – вели во разговорот Ѓорѓиев.
Првата ударна игла на Париз сезонава, Ѓорѓиев истакна дека наградата веќе е во втор план со оглед на тоа дека со сите сили, како на физички така и на психички план е сконцентриран на плејофот и борбата за титулата.
“Веќе започна плејофот, амбициите на мојот клуб се секогаш највисоки, така да атакуваме на титулата, тоа е сто отсто сигурно. Меѓуто секогаш сме со ладни глави и не размислуваме за таа титула, туку одиме од натпревар во натпревар. Првиот меч од четвртфиналето против Тулуз го добивме со 3-0, сега во вторник е реваншот на нивен терен, па се надевам со победа ќе го завериме полуфиналетио. Чекор по чекор, скала по скала и се надевам дек на 9 мај ќе бидеме ние шампиони на Франција.” - завршува капитенот на нашиот национален тим, Ѓорѓиев.
Несомнено сезоната која што полека но сигурна ја остава зад себе Ѓорѓиев е голем магнет за неколку силни светски клуба, како од Европа, така и од Азија кои следната сезона ќе сакат да го видат во своите редови. Договорот на Македонецот со Париз му истекува заклучно со завршување на сезоната, па тој летово станува слободен агент.
http://ekipa.mk/gorgiev-ova-e-sezona-od-sonishtata/