МАКЕДОНИЈА ВО БИТКА ЗА БАРАЖ
Македонската ватерполо репрезентација вечерва од 20 часот на „Олимпискиот базен“ во Скопје ќе го одигра натпреварот од 4.коло во квалификациите за Европското првенство што следната година ќе се одржи во Ајндховен, Холандија.
Противник на Македонија ќе и биде Белорусија, репрезентација која Македонија во првиот дуел во Минск ја совлада со 9:6.
Во ова коло слободна е Шпанија.
За натпреварот со Белорусија македонскиот селектор Сашко Поповски нема да може да смета на Благоје Ивовиќ, Милан Петровиќ и на Ненад Босанчиќ, но сепак Македонија ја има улогата на фаворит.
- Целта ни е пласман во баражот за Европското првенство, а тоа мора да го оствариме единствено ако и во овој натпревар ја победиме Белорусија. Доколку ја повториме играта од Минск и ги запреме нивните најдобри играчи мислам дека нема да имаме проблем да дојдеме до втората победа и да го обезбедиме второто место во групата во која светскиот вицешампион Шпанија е главен фаворит, изјави Поповски.
Во групата „Ц“ по трите одиграни натпревари прва е Шпанија со 6 бодови, Македонија има 3, а Белорусија е без бод.
Покрај натпреварот во Скопје, квалификациски натпревари се играат и во другите групи:
„А“ група: Турција - Полска, Малта е слободна.
Табела: Турција 6 бодови, Малта 3, Полска 0.
„Б“ група: Словенија - Португалија, Бугарија - Германија 2:19.
Табела: Германија 12 бодови, Словенија 6, Португалија 3, Бугарија 0.
„Д“ група: Франција - Русија, Швајцарија е слободна.
Табела: Русија 4 бодови, Франција 4, Швајцарија 0.
„Е“ група: Грција - Грузија, Велика Британија е слободна.
Табела: Грција 6 бодови, Грузија 3, Велика Британија 0.
„Ф“ група: Словачка - Израел и Романија - Украина.
Табела: Романија 9 бодови, Словачка 6, Украина 3, Израел 0.
Двете првопласирани репрезентации од секоја група ќе изборат пласман во баражот.