Во претходните десетина години имаше вонредно добро опкружување за инвеститорите со монетарна експанзија, пад на каматните стапки и раст на вредноста на сите активи. Меѓутоа, овие поволни околности за фондовската индустрија завршија, па во 2022. година се виде колку всушност царот е гол и колку големи паразити се фондовите од вториот столб во македонскиот економско-финансиски систем.
Двете најголеми друштва (КБ Прво и Сава) на крајот на 2022. управувале со вкупно 1,8 милијарди евра (57,4 и 51 милијарда денари). Вредностите на инвестициските единици во 2022. им паднале за 2,43% и за 2,35% соодветно (од 252,37 на 246,23, и од 241,50 на 235,84) во период кога инфлацијата во Македонија била 14,2%, што значи дека оствариле реална загуба од околу 17%
Со ова скоро целосно ги поништиле минималните добивки од претходната деценија и според нивните официјални податоци, реалните приноси за претходните седум години им се само 1,00% и 0,73%.
Веројатно и во оваа година нѐ очекува слична ситуација со висока инфлација и пад на вредностите на активите поради растот на каматните стапки, па најверојатно на крајот на 2023. година ќе остварат реални загуби за своите клиенти, а тоа се сите идни северџански пензионери!
Меѓутоа, за сопствениците и вработените во вториот столб немало зима. Влезните и управувачките провизии постојано им растат, па минатата година наплатиле околу 10,5 милиони евра (327,55 и 294,82 милиони денари), а на своите словенечки сопственици им оствариле околу 4,5 милиони евра нето добивка (154,26 и 120,77 милиони денари). Порано Словенците откупувале евтини скапани јаболка и на Македонците им продавале скапи Фруктал сокови, но овојпат многу посуптилно и подискретно ги експлоатираат собирајќи го кајмакот од заштедите на идните пензионери.
Истото важело и за нивните 33, односно 43 вработени. За нив минатата година биле исплатени скоро 1,7 милиони евра (43,2 и 58 милиони денари). Ова одговара на, за македонски услови огромни, просечни нето плати од по околу 90.000 денари. Никој не би имал ништо против давање големи плати на вработените кога би остварувале и големи поврати за своите клиенти наместо мизерните реални 1% годишно. За споредба, просечниот реален годишен поврат на С&П со вклучени дивиденди за истиот период бил дури 9,22%
Кога ќе се погледне структурата на трошоците, се забележува дека се плаќаат уште многу непродуктивни трошоци како 450.000 евра за маркетинг (13,5 и 13,9 мд), 550.000 евра за старателски услуги (18,4 и 15,1), 1.400.000 евра за регулаторот МАПАС (44,7 и 40) којшто и самиот паразитира внатре во паразитот, како и уште многу други трошоци што овозможуваат дискрециона распределба на средства на клиентелистички групи.
Од ова јасно се гледа дека вториот столб е тенија во македонската економија којашто го јаде скоро целиот поврат на општествените средства со коишто располага, а на осигурениците им остава само трошки. Доколку и оваа 2023. година биде слична како претходната, а сѐ навестува дека ќе биде, тогаш идните македонски пензионери ќе претрпат реална штета поради тоа што уплаќаат пари во вториот столб
Поради ова, системот којшто ни во најдобри времиња не се покажува како исплатлив за неговите корисници треба веднаш да се укине!