е недели до продолжувањето на вториот дел од кошаркарското првенство екипите на Фершпед Работнички и на Струмица остануваат најмистериозни во поглед на ангажирање нови странски засилувања. На десетина дена пред крајот на последниот рок за ангажирање странци, ланските плејоф-финалисти се единствените од кандидатите за највисок пласман што досега не ангажираа нови интернационалци. Паузата помеѓу двете полусезони Фени индустри, МЗТ Скопје и Свислајон Пелистер ја искористија за освежување на играчкиот состав со квалитетни странски кошаркари што треба да бидат носители на играта во продолжението.
Најавите од таборите на Работнички и на Струмица се дека и овие два клуба речиси сигурно ќе ангажираат странци до истекот на можноста, а тоа е 72 часа пред продолжувањето на шампионатот (2 февруари). Шампионот веќе од денеска ќе го тестира српскиот центар Предраг Новаковиќ (25 год., 204 см), додека „шпедитерите“ веќе извесно време се обидуваат да го ангажираат српскиот интернационалец Слободан Божовиќ (29 год., 207 см), кој исто така игра на центарската позиција. Новаковиќ лани извесен период играл на Кипар во екипата на АЕК, додека српскиот прволигаш Машинац Ниш се споменува како последна дестинација на Божовиќ, кој почнал во младинската школа на белградски Партизан.
За Работнички во првиот дел од сезоната играше Србинот Владимир Филиповиќ. По заминувањето на Хрватот Ненад Делиќ на полусезоната, во Струмица остана странската тројка во која се Миљан Пуповиќ, Иван Бошњак и Дамир Латовиќ, сите од соседна Србија.
Зимава најактивен на пазарот на странски кошаркари дефинитивно беше МЗТ Скопје, кој пролетната полусезона ќе ја почне со комплетно нова интернационална четворка. Марјан Лазовски, тренерот на „металците“, во иднина во составот ќе ги има Американците Дерил Хил и Куртис Рајс, како и српскиот двоец Слободан Агоч и Ведран Боровчанин. Двајца странци промени управата на Пелистер. Тандемот Срби Владимир Дујовиќ и Милош Пејановиќ си заминаа, а како заменици беа ангажирани нивните сонародници Дејан Ѓокиќ и Александар Хелд.
Лидерот на прволигашката табела, екипата на Фени И., само ја засили конкуренцијата во делот на интернационалците. Кавадарчани ги задржаа Милан Прековиќ, Владимир Поповиќ, Бошко Јововиќ (Србија) и Доналд Кол (САД), на кои деновиве им го приклучија и Американецот Талик Браун, кој игра како плејмејкер.
Со странски засилувања во вториот дел од сезоната ќе настапат уште и Вардар и Амак-СП, но со истите кошаркари од првиот дел на шампионатот. Црвено-црниот дрес ќе го носат тројцата српски гастарбајтери Слободан Митиќ, Немања Мариќ и Небојша Савиќ, додека во охридскиот тим ќе сметаат на тројцата Американци, Вилијам Кодл, Џерид Фрај и на Харвис Кофилд.
Малку интересни домашни трансфери зимава
Како и вообичаено, со години, неодамна завршениот зимски преоден рок не донесе ништо спектакуларно. Работнички донесе двајца младински репрезентативци, Никола Караколев (МЗТ) и Марјан Јаневски (Маврово), МЗТ Скопје го врати Мирослав Деспотовиќ (Вардар), Ерхан Рамадан и Филип Ѓорески (К. Соколи), додека во Вардар во продолжение ќе игра Александар Совковски, како и Драшко Накиќ и Ѓорѓи Кочов, кои го напуштија Работнички. Интересно уште беше и трансферот на Бојан Атанасовски (МЗТ) и на Игор Трајковски (Исланд) во редовите на битолски Пелистер.