ОПТИМИЗАМ КАЈ МАКЕДОНСКИОТ ПРЕГОВАРАЧИ
Грчката виза ќе ни важи во ЕУ?
Македонија и Европската комисија вчера во Брисел ја парафираа Спогодбата за реадмисија, која го отвори патот за завршување на преговорите за олеснување на визниот режим. Тие вчера попладнето исто така се одржаа во Брисел. Македонските преговарачи се надеваа дека би можеле да се изборат и грчките визи да даваат право на патување во другите земји на Шенген-зоната, како што е случај со граѓаните на сите други балкански држави.
Според Антонио Санев од МВР, кој од македонска страна ги водеше преговорите за реадмисија, Македонија може да биде задоволна од постигнатото.
Според Санев, Македонија успеала да се избори да го каже својот збор во процедурите во кои земјите-членки на ЕУ во нашата земја ќе ги враќаат луѓето што нелегално престојуваат во ЕУ. Пред се', станува збор за државјани на поранешна Југославија родени во Македонија, а кои во ЕУ престојуваат илегално и луѓе од трети земји што преку македонска територија стасале на територија на ЕУ.
Преговорите, кои почнаа во ноември, беа многу сложни. Од самиот почеток ЕК инсистираше на што поедноставен принцип на враќање на тие што нелегално престојуваат во ЕУ и бараше од Македонија да го прими секое лице што има некаква врска со Македонија. За македонските преговарачи тоа не беше прифатливо и беа подготвени вчера да не ја парафираат Спогодбата за реадмисија и да го одложат процесот.
- Успеавме да направиме максимален чекор напред, што беше услов да се парафира Спогодбата за реадмисија - изјави за „Дневник” Санев.
Зземјите-членки на ЕУ ќе треба да почитуваат дополнителни услови пред да ги вратат во Македонија лицата за кои сметаат дека се од нашата земја.
- Граѓаните на СФРЈ родени во Македонија и кои поседуваат стар пасош на Југославија, кој Македонија повеќе не го признава, ќе треба да докажат и дека во моментот на раѓањето имале престојувалиште во Македонија - прецизира Санев.
Тоа значи дека земјата-членка на ЕУ ќе треба пред репатријацијата да го извести Скопје, кое ќе провери дали лицето за кое станува збор може да биде македонски граѓанин. Дуро по согласност од Македонија, лицето може да биде вратено во нашата земја.
Втората спорна категорија беа граѓаните на трети земји, кои нелегално, преку Македонија, пристигнале во ЕУ и таму не го регулирале престојот. ЕК бараше и овие лица, ако претходно се утврди дека во нивниот пасош има македонски печат, автоматски да бидат испраќани во Македонија.
- Ако навистина се утврди дека такво лице преку Македонија нелегално стасало во ЕУ, а ние сме направиле пропуст, ќе го примиме тоа лице. Но, и тука се изборивме за дополнителна проверка - вели Санев.
Тој додава дека ЕУ има договори за реадмисија со најголемиот број имигрантски ризични земји, како и со УНМИК на Косово, па смета дека овој член од договорот не е проблематичен.
Оваа одредба на Спогодбата за реадмисија беше причината зошто Србија завчера одби да го потпише договорот со ЕУ. Според Тања Мишчевиќ, српска амбасадорка при ЕУ, овој член од договорот, кој се однесува на граѓани од трети земји и на спречување на нелегалната имиграција во ЕУ, мора да се прецизира. Таа вели дека тоа нема да го кочи визното олеснување, кое според планираното ќе стапи во сила на 1 јануари 2008 година за сите земји од Западниот Балкан освен за Хрватска, за која не постои визна обврска.
Вчера попладнето македонскиот тим на чело со Агнеза Руси преговараше за категориите граѓани што ќе можат да користат визни олеснувања во кои спаѓаат и намалена цена на визите и намалување на бројот на документите што ќе бидат потребни за да се добие виза.