Интересен напис:
Бројни инциденти се случија во изминативе денови кои ги разоруваат и онака кревките меѓуетнички односи.
Можеби се почна со двојното убиство во Гостивар. Македонец полицаец од службениот пиштол застрела две момчиња соседи од албанска националност, кога беше натепан пред очите на својата малолетна ќерка.. Меѓуетничката нетрпеливост беше отфрлена како мотив, но тоа не беше доволно за двете најголеми етнички заедници да останат смирени и да остават надлежните институции да го решат случајот.
“Невладини организации“ и “незадоволни граѓани“ го кренаа својот глас барајќи правда за убиените. Полицијата повторно беше прогласена за виновна, само затоа што лицето кое ги изврши убиствата беше полициски службеник, иако не беше на работа кога беше нападнат. Мирните протести завршија со нереди, а Гостивар стравуваше за својот соживот. Следуваат низа напади за кои многумина се сомневаат дека се одговор на двојното убиство.
Отпрвин можеби ќе поверуваме дека тоа е само коинциденција дека нема никаква поврзаност меѓу убиството во Гостивар и двете претепани момчиња од македонска националност од група од 15-тина албански момчиња во автобус на ЈСП пред четири дена. Сите ние можеби не сакаме да веруваме дека односите меѓу двете заедници може така лесно од соживот да прераснат во општа нетрпливост. Но, потоа дојде уште еден инцидент меѓу млади од македонска и албанска националност, а од денеска напладне најверојатно секој е исплашен и двапати ќе размисли дали да го користи јавниот градски превоз откако за неполни 24 часа се случија три напади во автобуси. Билансот од нападите барем засега е десетмина повредени, но резултатот од овие инциденти е далеку далеку пострашен.
Полицијата се уште трага по напаѓачите, но дали спокојот на граѓаните ќе се врати кога тие насилници ќе завршат зад решетки? Зошто воопшто се случуваат овие насилства, дали вината може да се префрли само на младите вжештени глави? Има ли поголема слика која сите не можеме да ја видимиме?
Граѓаните и експертите предлагаат во автобусите и на постојките да се стационираат засилени полициски служби за да го превенираат насилството.
Не е проблем да се постават полициски службеници во автобусите. Но како да се постават кога во минатиот период беа изложени на жестока кампања, небаре сите тие до еден се безочни убијци, па испаѓаше дека полицајците се насилници, а сите други не. Еве јас ви велам, ќе поставиме полициски службеници во автобусите, и еве евентуално да се случи инцидент и полицајци да интервенираат. Која е гаранцијата дека повторно некои структури нема да излезат на протести против полицијата, и пак да ги набедуваат дека се насилници, иако само сакале да спречат инцидент?
И се отвора прашањето. Дали протестите кои беа водени под параванот против полициското насилство не беа смислено сценарио на некои структури за да се врзат рацете на полицијата за таа да интервенира или да спречува вакви инциденти. Овде сакам да ставам ограда и да не ги навредам младинците кои излегоа на тие протести, но дали не беа изманипулирани и тие?
Дали не се оцрнија полицајците до толку многу, што е интерес на некои субјекти и сега го гледаме тоа, само за да се отапи острицата во превенција на немили настани?
И уште неколку сомнежи, или дилеми, како сакате.
Првото нешто што предизвикува сомнеж е зошто инцидентите се случуваат кога првите луѓе на државата се надвор од неа. Некои структури, кои очигледно стојат зад овие инциденти, го искористуваат и злоупотребуваат отсуството на премиерот од државава, кој пак во интерес на граѓаните лобира низ белиот свет за подобро економско утре на Македонија, за да прават вакви ефтини смутови и да купуваат политички поени на сметка на национализмот и меѓуетнички тензии, бидејќи немаат ништо опипливо и конкретно да им понудат на граѓаните. И потоа во стилот држте го крадецот да го обвинат токму Груевски дека наводно тој стои зад овие настани, како да има премиер во светот кој толку мазохистички ќе отиде на пат и на своите овде ќе им нареди да се тепаат. Така беше и кога Груевски беше во Турција, и сега кога е во Индија.
Тој може да биде напаѓан за други теми и тоа е легитимна политичка битка, но да се обвини за ваква работа, е далеку од здравиот разум.
Користат ли некои политички сценаристи можност да манипулираат со страствената младина и да ја користат нивната жестокост за своите неисполнети желби за власт и превласт? Очигледно, да.
Иако, полицијата засега нема потврда за поврзаност за последните три инциденти, јасно е дека ако во 58-ца во Кисела Вода биле нападнати патници од албанска националност, одговор ќе дојде од Чаир и во 57-ца ќе бидат натепани патници Македонци.
И се разбира ако интервенира полицијата, тогаш веднаш ќе се реагира дека граѓаните се под полициска тортура. Очигледно дека случувањата во последно време наведуваат на врзано сценарио против полицијата. Сега, како обично, еднонасочните во размислувањето “Разбуди Се“, и нивниот Артан Груби, признаен од СДСМ експерт за меѓуетнички тензии, ќе останат слепи, глуви и неми. Се јавуваат само кога е засегната нивната една насока во размислувањето. Такви се и оние т.н. “Соросоиди“ и нивните наводни граѓански здруженија, движења и што уште не. Ако е во корист на СДСМ, ќе се гине, ако е за граѓаните, тогаш “ми нисмо одавде“. Ја обвинуваа Глас на светлината, а сега се исти како тие што ги обвинуваа. И ВМРО-ДПМНЕ, и ЛДП, и сите други треба да се замислат.
Полицијата секаде во светот не е најобожуваниот дел од општеството, но никој не смее да се доведе во ситуација неа да ја претставува како збирштина од хулигани и насилници, и да ја оцрнува во генерален смисол, затоа што на крајот на денот таа е потребна.
И кој и да ја креира насилничката стратегија за влошување на меѓуетничките односи, би требало да размисли дека во прашање не е само неговата или нивната “светла иднина“ туку на цела една држава. Никој не сака да живее во страв, никој не сака да се вози во автобус или да оди по улица и да стравува дека од некоја страна може да дојде некој и без било каква причина, освен различната националност, да го претепа или избоде со нож. Сите оние кои се занимаваат со “црни сценарија“, и ги поддржуваат треба да знаат дека меѓу жртвите секогаш има и “наши“ и “ваши“.
http://www.netpress.com.mk/mk/vest.asp?id=100083&kategorija=13