ВЕСТ вика:
И ПОКРАЈ ПРЕЦИЗНИТЕ НАРЕДБИ ЗА УПОТРЕБА НА УСТАВНОТО ИМЕ
Од мрза сами се фиромираме
И покрај настојувањето Македонија да се ослободи од референцата ФИРОМ и постојаните гласни негодувања зошто во меѓународната официјална комуникација не се употребува уставното име на нашата држава, во последните два месеца неколку државни институции, политичари и собраниски и партиски служби не само што не реагираа на употребата на референцата, туку и потпишуваа и преведуваа документи и во земјава презентираа проекти во кои таа е именувана како Поранешна Југословенска Република Македонија.
За регулирање на ваквите случаи и за правилата на употреба на името е надлежно македонското МНР од каде велат дека правила се многу јасни.
"Ниеден државен службеник или државна институција не смее да потпише документ со референцата Поранешна Југословенска Република Македонија. Тоа се регулира со размена на писмо меѓу двете страни. Кога ќе треба да се потпише договор со референцата ПЈРМ, тогаш до другата страна се праќа писмо во кое јасно се нагласува нашето уставно име. Практично, размената на тоа писмо значи потпишување на договорот", објаснува портпаролот на МНР Шпреса Јусуфи.
Минатиот месец во Собранието се појави пишуван извештај за Македонија од ЕУ. Во неговата македонска верзија место Македонија беше напишано Поранешна Југословенска Република Македонија. Претседателот на Комисијата за евроинтеграции која го делеше извештајот,
Тито Петковски, се правдаше дека грешката не била намерна, туку дека службите само буквално го превеле документот. Пред една недела во Царина, за време на презентацијата на проекти финансирани од ЕУ на која присуствуваа државни службеници, Македонија беше претставена како ФИРОМ, но никој не реагираше на слајдовите на кои место уставното име беше напишана референцата. Презентерот на програмите, приватна консалтинг фирма, се правдаше дека тој претставувал проект раководен од германски институт кој се прикажувал низ повеќе европски држави и затоа не го превеле името и дека доколку тој документ останел во Македонија, тогаш ќе направел поинаку.
Во МНР признаваат дека и покрај нивните чести препораки, се случувало некој да не се придржува до инструкциите, особено кога се менуваат поставите во институциите или од небрежност, но многу ретко.
И од Владата велат дека тоа се средува со писмо и дека е работа која важи линеарно за сите институции.
"Има случаи кога и не може да се смени референцата, ама има и кога може да се среди ако македонската страна се договори во документите, на слајдовите или во писмата да стои Република Македонија", велат во МНР.
За случајот во Царина, од МНР велат дека на приватна фирма не можат да и наредат како ќе се однесува, но Царината и нејзините службеници можеле да реагираат кај тој што го раководел проектот, односно барем да се обидат со луѓето од германскиот институт да средат за референцата или пак да се консултираат со МНР, иако при проекти финансирани од ЕУ се обврзани да биде така како што напишале. Во случајот со документот од Комисијата за евроинтеграции во кој службите, според Тито Петковски, направиле буквален превод, од МНР велат дека кога се прави превод на документ кој има поголема тежина и значење тогаш мора да се преведе многу прецизно. Сепак, кај нас не е предвидено при таквите преводи да се додаде и забелешка со која ќе се објасни дека, иако е именувана како ФИРОМ, уставното име на земјава е Република Македонија.
"Ако се работи за документ кој е само информација или нешто за интерна употреба тогаш може да има слобода во преводот", вели Јусуфи од МНР.