МАСТЕРКАРД ОСТАНУВА СПОНЗОР НА ЛШ
Компанијата за платежни картички „Мастеркард“ останува спонзор на фудбалската Лига на шампиони и во наредните три години, соопшти денеска УЕФА.
Вредноста и деталите на спонзорскиот договор не се објавени, пренесува Макфакс.
Покрај „Мастеркард“, спонзорските договори на три години претходно ги продолжија Хајнекен и Сони, а нов спонзор од идната година ќе биде италијанската банка „Уникредит“.
Досегашни партнери на Лигата на шампиони, кои не ги продолжија договорите се „Форд“, „Плејстејшн“ и „Водафон“.
УЕФА најави дека наскоро ќе потпише договори за спонзорство со партнери од автомобилската и технолошката индустрија.
Почнува четвртфиналето во Лигата на шампионите
Првите два меча од четвртфиналето во Лигата на шампионите ќе бидат одиграни во вторник, а се среќаваат Виљареал и Арсенал, односно Манчестер Јунајтед и Порто, а победниците од овие два двомеча се среќаваат во полуфиналето од тоа натпреварување.
Виљареал и Арсенал играа во полуфиналето од истото натпреварување во сезоната 2005/06 и тогаш одлучи само еден гол. Погодокот на Коло Туре во Лондон, го одведе Арсенал во финалето во кое подоцна загубија од Барселона.
„Жолтата подморница“ натпреварувањето во фазата по групи го заврши на второто место за во осмина финалето да биде подобра од атински Панатенаикос, додека "топџиите" во четврт финалето стигнаа дури по подобро изведување на пенали од Рома, бидејќи двата меча завршија со идентични 1:0 за домашните екипи.
Актуелните прваци на Европа, екипата на Манчестер Јунајтед има импресивна низа од 21 меч без пораз во Лигата на шампионите и дури 19 натпревари без пораз во Манчестер, а ако на тоа се додаде дека Порто никогаш не победил во Англија, тогаш е јасно кој е фаворит во првиот четвртфинален меч на овие два ривала.
Меѓутоа, бројките некогаш не откриваат се, а во прилог на тоа говори и фактот дека Порто со Жозе Мурињо на клупата во осмина финалето во сезоната 2003/04 ги исфрли „ѓаволите" од понатамошното натпреварување, за потоа и да го освојат пехарот. Манчестер во осмина финалето го совлада Интер, додека Порто беше подобар од мадридски Атлетико.
Рио Фердинанд најверојатно нема да биде подготвен за првиот меч од четвртфиналето во Лигата на европските фудбалски шампиони што Манчестер Јунајтед ќе го одигра против Порто. Тоа го издвои неговиот тренер Алекс Фергусон.
„Џони Еванс ќе биде вториот столб во одбраната заедно со Немања Видиќ. Се уште размислувам дали ветеранот Рајан Гигс ќе има сила да издржи цел натпревар откако одигра 90 минути на тешкиот дуел со Астон Вила во домашниот шампионат. Има уште време до дуелот и мислам дека ќе најдам соодветна тактика според играчкиот состав со кој располагам.Имаме проблеми но тоа е дел од фудбалот“, издвои искусниот Шкотланѓанец.
Рио Фердинанд се повреди во дресот на селекцијата на Англија на квалификацискиот дуел со украина за пласман на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година.
Вторник, 7 април:
- 20.45 Виљареал - Арсенал
- 20.45 Манчестер Јунајтед - Порто