Голем дел од работата што човештвото ја прави денес е непотребна. Самиот систем за да продолжи да функционира на начинот на кој функционира налага на луѓето поголемиот дел од времето (стандардното 8 часовно работно време, а кај некои и повеќе) да им е окупиран правејќи нешто што не ни сакаат да го прават а не ни има смисла за нив во животот, ниту директно придонесува за општеството, за откако ќе заврши работното време и се преморени да им продава масовна култура, илузии на статус и окупираност со ирелевантни проблеми клонови на едно исто нешто во различна форма која дополнително не затупавува и не спречува да размислуваме на теми кои би го предизвикале системот таков каков што е во моментов. Работењето да се преживее не е нов концепт - тоа го правиме од секогаш, во заедници и сме го правеле онолку колку што било потребно да се задоволат физичките, социјалните и духовните потреби кои природно постојат кај нас. Вршење на некаква активност и создавање на некаков продукт со кој сме поврзани и во кој се пројавуваме е човечка работа во која се ужива. Производството е многу поинакво сега, при што многу често, особено кај масовното производство, човекот е отуѓен од она што го произведува и не се пројавува себеси во истото. Сега, значаен аспект од модерното работење и функционирање претставува одземање на можност вистински да се задоволат тие потреби со тоа што се создаваат „нови“ потреби, кои всушност не се нови туку се обид за компензирање на потребите што стварно ги имаш (ако ја купиш колава конечно ќе ја имаш врската од соништата, ако се отепаш од работа конечно ќе те ценат луѓето околу тебе итн). И тоа никогаш нема да ги задоволи реалните човечки потреби, и општествено сме заглавени во циклус, одново и одново. За корпорациите да растат (и оние на нивните чела исто така да се обидуваат да си ги компензираат незадоволените емоционални потреби преку задоволување на потреба за профит која никогаш нема да биде задоволена бидејќи постои како компензација за нешто друго).
Препорака за читање на темава: Bullshit Jobs од David Graeber