Тројца браќа... босанци...
Дали е истиов?.
Дневник / 23.05.2001
ПО БЕГСТВОТО НА ОСУМтемина ОД "ИДРИЗОВО" Адем Куртовиќ, осуден на осум и пол години затвор за киднапирање на браќата Вукојчиќ од СРЈ, е еден од осумте осуденици што на 14 март годинава побегнаа од скопскиот затвор "Идризово", потврдија вчера извори во МВР за "Дневник". Според полициските информации, осумте побегнати осуденици ги издржувале казните во слободните работни простории во затворот "Идризово". Стражарите во скопскиот затвор го откриле бегството на осудениците истиот ден пред полноќ, но не успеале да фатат ниту еден од нив. Полицијата веднаш по бегството на затворениците информираше дека станува збор за осуденици што издржуваат затворски казни за лесни кривични дела. Адем Куртовиќ беше осуден на казна 8 години и 6 месеци затвор за кривични дела грабнување, изнуда и недозволено поседување огнено оружје. Тој на 12 март 1999 година беше осуден за киднапирање на браќата Радосав и Живадин Вукојчиќ од Крагуевац, СР Југославија. Како што информиравме тогаш, Адем Куртовиќ со својот брат Харун и нивните пријатели Риза Раман и турскиот државјанин Асим Санџакли на 28 април 1998 година пред скопскиот хотел "Континентал" ги киднапирале браќата Вукојчиќ, кои допатувале во Скопје за да купат автомобил. Според обвинителниот акт, четворицата киднапери ги однеле браќата во изнајмена куќа во скопското село Љубош. Таму ги малтретирале за да им изнудат пари. Тие од жртвите барале 300.000 ГМ откуп. Во текот на судскиот процес Живадин Вукојчиќ сведочеше дека киднаперите ги барале парите за да финансираат камп за воена обука на Косово. Три дена по грабнувањето, четворицата киднапери го ослободиле Радосав Вукојчиќ за да донесе пари за откуп на својот брат. Откупнината требало да им биде исплатена на грабнувачите во хотелот "Вашингтон" во Истанбул. Радосав Вукојчиќ веднаш по ослободувањето заминал во полиција и го пријавил случајот. Неколку дена потоа специјалците на МВР го ослободија неговиот брат, кој беше затворен во подрум во куќа на улицата Славеј Планина во населбата Бит-пазар, и ги уапсија киднаперите. Од полициски извори дознаваме дека МВР против Адем Куртовиќ-Аџија досега поднело 17 кривични пријави. Првата пријава полицијата ја поднела во 1989 година, кога Адем имал 14 години и според која бил осомничен дека сторил тешка кражба. Следната година бил осомничен за насилство бидејќи се обидел да изнудува пари, потоа за нанесување тешки телесни повреди за загрозување на општата сигурност на граѓаните бидејќи пукал со пиштол, кој го поседувал без дозвола. Во еден инцидент нападнал полицаец и против него МВР поднело кривична пријава за спречување службено лице во извршување службени дејства. Митсан Беќири, директорот во Агенцијата за извршување казни при Министерството за правда служба, која е надлежна за затворите во Македонија, по бегството на осумтемина осуденици од "Идризово" изјави дека нема причини за неспокој бидејќи побегнатите затвореници издржувале затворски казни за лесни кривични дела и не биле насилници.