04.02.2008, 17:22
КРИМИНАЛНИОТ ЏГАН СО ГОДИНИ ГИ МАЛТРЕТИРА ПРИЛЕПЧАНИ
Насилничката банда почна да оперира уште во 2001 кога беше формирана формацијата „Поскок“
МВР притвори неколкумина осомничени активни полицајци и поранешни „лавови“ за рекет, изнуда, за подметнување бомби во дворовите, пред куќите на бизнисмените во Прилеп, но ќе успее ли да ги изведе пред лицето на правдата оние што ги штитеа или координираа активностите на осомничените за рекетарство. Вака коментираат прилепчани, особено граѓаните кои многупати беа оштетени од криминалците.
Според МВР, криминалната банда се формирала во 2001 година. Тогаш, како што открива полицијата, Марјан Маркоски-Мачето и Ѕвонко Илиоски-Лутото ја формирале криминалната банда во која членувале и Самоил Илиоски-Лутото, син на Ѕвонко Илиоски, и Милан Гелески-Ампата, Горан Петрески-Трде и Злате Јованоски-Бомбата, но и многумина други. Шестемина сега се осомничени за предизвикување општа опасност и злосторничко зближување.
Илиоски е во затвор, Петрески и Јованоски се во бегство, а другите во притвор во битолскиот затвор. Во времето на воениот конфликт, во Прилеп беше формирана паравоена формација „Поскок“ на чело со Никола Мојсоски-Кољо, кој беше лидер на групата која од голем број прилепски фирми - „Микросам“, Мермерскиот комбинат, „Жито Прилеп“, Тутунскиот комбинат и други изнудуваше рекет, за што подоцна беа поднесени пријави до прилепското Основно јавно обвинителство.
Оттогаш оваа криминална банда во Прилеп беше страв и трепет и за градот и за граѓаните, но и за полицијата, судиите и Обвинителството, кои беа принудени да работат под силен притисок.
Првата фатална последица и отсуство на доволна активност на прилепската полиција се случи на 2 јули 2005 година на „Пиво фест“, кога беа убиени малото четиригодишно девојче Ирена Талеска и Никола Мојсоски-Кољо. Доброупатените тврдат полицијата не интервенирала навреме. Тогаш еден од сопствениците на штандот „Ладна меана“, Диме Христоски-Жабето, ноќта спроти критичниот ден на крвавото двојно убиство пријавил во полицијата дека Кољо му се заканува постојано, ако не му плати рекет, ќе му наштети на неговото дете. Христоски ја информирал полицијата дека не може да го издржи веќе секојдневниот притисок, па затоа ако не преземе полицијата мерки да го заштити, ќе мора да се брани и тој ќе го убие Кољо.
Иако ноќта во прилепската полиција, како што и се докажа за време на судењето, евидентирана е пријавата на Христоски-Жабето, никој не нашол за потребно да го приведе Кољо, да го обработи случајот и да дејствува превентивно, оти така веројатно немаше да се случи крвавиот „Пиво фест“ со три жртви - Кољо, малата Елена, но и Жабето, кој е осуден на десет години затворска казна што ја издржува во затворот „Идризово“. За жал, полицијата остана нем посматрач на овој настан. Тогашниот началник Миле Ацески не поднесе оставка. Секој си го чуваше грбот. На неговиот заменик Славко Шиклески и на началникот на Крим-полицијата, Емил Јанески, им беа врзани рацете да се справуваат со криминалот.
Иако криминалната група привремено остана без лидер по смртта на Кољо, за кусо време се консолидира. Па Маркоски-Мачето и Илиоски-Лутото со другите осомничени продолжија натаму со рекетарство. За да се спречи серијата бомбашки напади кога беа фрлени повеќе од десет „кашикари“ и шок-бомби на различни места во градот, тогашната гарнитура на МВР формира Координативно тело во кое членуваа ексначалникот на Крим-полицијата, Емил Јанески, тогашниот началник на Секторот за насилен криминал при МВР, Кирил Митиќ, и началникот на Одделот за посебни единици, Јордан Ламаноски, со задача да трага по сторителите на овие криминални дела.
Јавноста очекуваше многу. Координативното тело одржуваше прес-конференции на кои информираше дека се трага по сторителите. Но, во ниту еден момент до јавноста не стигна информација дали успеаја да влезат во трагата на сторителите. Неофицијално дознаваме дека ова Координативно тело уште тогаш располагало со доволно докази да ги приведе осомничените, но останува отворено прашањето дали некој ги спречуваше. Криминалната банда во Прилеп фрли бомби пред куќата на ексдиректорот на Тутунскиот комбинат, Диме Момироски, изнудувајќи му огромни суми пари, пред куќата на ексначалникот на Крим-полицијата, Емил Јанески, а подоцна како најголем срам за полицијата и пред куќата на градоначалникот Марјан Ристески. Следуваа низа бомбашки напади пред куќата на сопственикот на неколку угостителски локали, Зоран Илиоски. Претходно беше демолиран и предизвикан пожар во неговиот локал ВИП уште на отворањето, кога беше загрозен животот на приближно 250 гости, беше фрлена шок-бомба пред ноќниот клуб „Ди енд“, секоја недела тогаш граѓаните пријавуваа понекоја бомба. Во близина на болницата и каде уште не.
Прилепчани се чувствуваа целосно незаштитено и коментираа дека кога може пред куќите на полициските началници и градоначалникот да се фрлаат бомби, што останува друго. Претставниците на расформираната единица „Лавови“ од своја страна, пак, на секое полициско обвинување и сомневање одржуваа прес-конференции и тврдеа дека не ги нарачуваат бомбите тие, туку полициски функционери. Припадниците на поранешните „лавови“ во неколку наврати најавија протести и пред куќата на Цане Чапрагоски, ексдиректор на Бирото за јавна безбедност. Но, и покрај најавите, протестот не се одржа.
По парламентарните избори и доаѓањето на новата владејачка гарнитура, се сменија тројца началници на прилепската полиција: Гоце Ѓорѓиоски, Трајче Ѓорѓиоски и сегашниот командир на полициската станица, Пецо Димоски. Никој не сакаше да говори отворено на оваа тема. Сегашниот началник Димоски и за најмала информација ги упатува новинарите кај портпаролот на МВР.
Во секој случај, осомничените активни полицајци и поранешни „лавови“ се приведени во организирана акција на Одделот за организиран криминал со над 50 специјалци од Единицата за брзо распоредување, која овој пат успеа во шесте контролирани објекти каде што изврши претрес да најде, како што изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски, доволно докази за нивната криминална активност.
Прилепчани очекуваат полицијата да го исчисти градот од џганот кој со години беше страв и трепет за сите, закана за безбедноста и мирот на граѓаните. Од полицијата овој пат се очекува многу, зашто сите поранешни акции за апсење на овие лица осомничени за криминал пропаѓаа. Специјалци доаѓаа многупати во Прилеп, во нивните домови не наоѓаа ништо, а и меѓу полицајците постоеше сомневање дека имаат крт во своите редови.
Инаку, дел од осомничените се припадници на бандата која на 8 септември 2002 година го блокира Плетвар спречувајќи го одржувањето на најавениот митинг на СДСМ во Прилеп. Припадници на оваа банда за време на митингот во центарот на градот пукаа со „калашникови“ зад грбот на претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски, тогаш лидер на СДСМ. Прилепчани ја поддржуваат оваа акција на МВР и очекуваат да го исчисти градот од криминалците кои со години печалат и ги заплашуваат чесните граѓани. (Ц.Х.)