На тајна вечера во владината вила во Охрид, август 1994, Црвенковски ја основаше фамилијата
28/12/2013
https://fokus.mk/na-tajna-vechera-vo-vladinata-vila-vo-ohrid-avgust-1994-tsrvenkovski-ja-osnovashe-familijata/
ФОКУС Како една од главните личности во книгата е Имер Красниќи со прекар Шерифот од Дижонска. Нему и на друштвото, во една чајилџилница во јуни 2002-та им раскажуваш како всушност падна на тоа дереџе да те бркаат сите за долгови. Сепак, книгата завршува со „ин меморијам“ Всушност го даваш извештајот од „Дневник“ за убиството на Шерифот?!
ТРАЈКОВСКИ Тоа е главниот јунак на мојата животна приказна. Да не беше тој, немаше да се случи оваа книга. Тој и Перо Милошевски беа убиени на 3 јануари 2003 година на бензиската пумпа на „Макпетрол“ во Ченто. Тоа е речиси 7 месеци после тој разговор што го имав со него. Неговото убиство не верувам дека ќе биде разјаснето. Од она што успеав да го видам на ТВ, да го прочитам по весниците, во него се пукало од заседа од неколку страни со калашникови.
Шерифот беше човек кој сакаше да им помага на луѓето. Колку и да беше ужасно незгоден човек, на пример не дај боже да имате проблем со него, навистина некогаш сум се плашел до смрт, но се завршувало пак на некој добар начин бидејќи Шерифот знаеше да изброи до 3, да закочи, знаеше да ја изрезонира целата ситуација. И во овој случај со Перо Милошевски, сигурен сум дека отиде да помогне. И да заглави во заседа.
ФОКУС Меѓутоа бидејќи тој ти признава дека некои инспектори од ‘де-бе-ка’ барале од него да те утепа бидејќи си голем ајдук, коцкар, преварант’. Но дека тој не сака да биде кодош и нема да работи за џандарите. Како да алудираш дека зад убиството во Ченто стои полицијата?
ТРАЈКОВСКИ Што е причината за неговото убиство не знам или немам опипливи докази. Јас само сакав да ја потсетам јавноста, и јасно да им дадам до знаење дека Шерифот навистина ги мразаше полицајците И сигурно не бил нивни кодош. Ако му се случило такво нешто, со таква понуда од човек од дбк, како што тој самиот кажа, тогаш може се да се претпостави во врска со неговот убиство. Сепак Имер Красниќи-Шерифот сакаше и им помагаше на вистинските карактери, а ужасно ги мразаше превртливците. Кога разбрав за неговата смрт, верувајте искрено заплакав. Оваа книга на некој начин му ја посветувам нему.
Прегледај го приврзокот 203046