Крива Паланка - запустен и сиромашен град
„Нема работа. Поголема сиромаштија здравје”, велат паланчани
Ова го изјавуваат сите жители во Крива Паланка, кои А1 денеска ги праша имаат ли работа и како живеат. Во најсеверниот град во државата не работи ниту една фабрика, сите имаат катанец на вратите.
Најголемиот стопански објект таму, рудникот Тораница, веќе подолго време е затворен. Паланчани живеат од социјална помош.
„Нема работа, нема фирми во Паланка. 12 години имам работено, 11 години дома седам. Ме отпуштија и немам работа, работев во килимара. Барам работа и нема, живееме со една пензија од 3.000 денари на мајка ми”, рекоа жители на Крива Паланка.
Младите не гледаат иднина во Паланка.
„Искрено, иднината ја гледам надвор од градот. Маж ми работи и со неговата плата живееме, тешко е. Сум барал работа многу пати, ама џабе, ништо”, изјавија млади луѓе од Крива Паланка.
Од 20.000 жители, колку што има во Крива Паланка, само 5.000 работат. Во буџетските установи, јавните претпријатија и по локалните дуќанчиња. Граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат.
„Ако најдеш некаде да работиш приватно, ќе работиш. Ако не, одиш на граница. Ако не можеш ништо на граница, тогаш со малку пари го тераш месецот, женет сум, имам дете 6 месеци, така да тоа ти е нашата држава”, рече еден паланчанец.
Трговијата со Бугарија преку Деве Баир, иако нелегална, засега обезбедува социјален мир во градот.
Македонско-бугарската граница во најголем број случаи ја поминуваат пешки со торбичка врата, пренесуваат по некое парче текстил или прехранбени производи, ги препродаваат во Македонија и така обезбедуваат егзистенција во текот на месецот, во услови кога ги имаат загубено своите работни места и безнадежно чекаат нови вработувања.
Луѓето што ги сретнавме на границата не сакаа многу да зборуваат каде и зошто одат. Велат, пазарат за дома.
„Одиме сирење и кашкавал да земеме, јас сум од Паланка. Ние не носиме, така одиме, нешто за нас да си купиме, пазариме”, велат жители на Крива Паланка.
Ниту еден странски инвеститор досега не покажал интерес да вложи во градот на границата, пругата кон Бугарија остана неизградена. Ниту сточарите повеќе ги нема на пасиштата.