Почнуваме со „Тофеј Македонија“, завршуваме со Германија
Македонската кошаркарска репрезентација вечерва во 21 часот против Црна Гора го игра првиот натпрвар на турнирот „Трофеј Македонија“, кој во следните 3 дена ќе се одржува во Скопје. Со оваа селекција во подготвителниот период, односно на Екс Ју купот во Љубљана веќе одигравме еден натпревар, кој го загубивме со 67-57. Денеска нашите кошаркари на домашен паркет имаат шанса да се одмаздат, но и што подобро да го анализираат противникот, бидејќи на премиерата на Европското првенство играме токму против Црногорците. Денешниот противник располага со икслучитално талентирани кошаркари и дур две НБА-ѕвезди. Никола Вучевиќ настапува за Филаделфија, а во Минесота игра Никола Пековиќ, кој неколку дена премина во редовите на Партизан, но само додека трае локаутот. Црногорците на бековската позиција исто како и Македонија имаат американско засилување во името на Омар Кук, кој игра за Валенсија. Тука секако е и кошаркарот на Гран Канарија Владимир Дашиќ, но и искусниот Предраг Дробњак. Според зборовите на селекторот Марин Докузовски, Црна Гора може да биде најголемото изненадување на континенталниот собир во Литванија. Турнирот ќе го затвориме во недела против репрезентацијата на Нов Зеланд.
„Трофеј Македонија“ нема да биде последната проверка на формата пред ЕП, бидејќи избраниците на Докузовски ќе одиграат и две пријателски средби со селекцијата на Германија. Според распоредот, првиот натпревар ќе се игра во Минхен на 26 август. Вториот меч е закажан за 28 август, а ќе се игра во Берлин. Еден ден по завршувањето на втората средба, селекцијата на Македонија со директен лет од Берлин ќе патува за Вилниус.
„Овие натпревари ќе ни бидат повеќе од добредојдени. Ни се отвори можност да играме уште натпревари, а како што порано имам изјавено, средбите ни се многу важни поради потребата подобро да се воиграме. Преку натпревари многу полесно се влегува во форма. Германија е една многу квалитетна екипа, знаеме и дека без Новицки го победи европскиот вицешампион Србија и Турција, а покрај Новицки, на овие два натпревари против нас, веројатно ќе настапи уште еден НБА играч, Крис Кејман. Во секој случај, најважно за нас е подобро да ја воиграме екипата. Овие две средби со Германија ќе бидат одлична припрема пред Евробаскетот“, изјави Марин Докузовски за интернет страницата на кошаркарската федерација на Македонија.