ПОЧНУВА ИСТРАГА ЗА КРИМИНАЛОТ ВО „БАЧИЛО“
Бучковски бара жртвено јагне
Обвинителството идната недела ќе покрене кривична постапка против вмешани во случајот
За случајот „Бачило“ не знаев се' до присилната исплата на отштета од сметката на Министерството за одбрана, изјави вчера премиерот Владо Бучковски за исплатата на 720 илјади евра за бачило наводно гранатирано од АРМ за време на конфликтот.
Обвинителот Александар Пречевски оцени дека има основи за кривична одговорност на лица вмешани во случајот. Тој најави дека Одделението за борба против организиран криминал за празниците ќе утврди против кого ќе биде покрената постапка.
Бучковски тврди дека случајот до крај ќе се истражи и смета дека во заднина нема политичка групација.
- Случајот „Бачило“ мириса на организиран криминал уште од почеток. Не коментирав досега иако некои ме обвинуваа и мене дека сум вмешан бидејќи парите за исплата на Иснифарис Џемаили беа префрлени од сметка на Министерството за одбрана кога јас бев министер. Но јас не знаев за тоа. Сега со одлуката на Владата се покажа дека случајот „Бачило“ е сомнителен.
- Надлежните институции ќе мора сериозно да истражат за да се пронајдат виновниците. Се сомневаме дека спрегата е меѓу судството, јавното правобранителство и посредникот ангажиран од овчарите. Ќе го исчистиме судството од сите влијанија - изјави Бучковски.
Владата се посомнева дека во „Бачило“ има елементи на организиран криминал и корупција и побара Обвинителството, неговиот Оддел за борба против организираниот криминал и корупција и МВР да го расчистат случајот.
- Не сме го добиле заклучокот од Владата, но ќе го испитаме случајот. Го очекувавме и мислењето на Врховниот суд. Ќе ангажираме и соодветни служби од МВР, а ако треба и други институции. Никој нема да биде изземен од одговорност, вклучувајќи ме и мене, ако се утврди дека преземените дејства се спротивни на законот. Судиите имаат имунитет за одлуките што ги носат и може да бидат гонети само ако се утврдат коруптивни дејства. Во Кривичниот законик има и ново дело кое предвидува кривична одговорност на носители на јавни функции за очигледна несовесност и свесно кршење на законот при работата - вели Прчевски.
Тој објаснува дека задолжениот заменик-јавен обвинител ја отфрлил иницијатива за покренување барање за заштита на законитоста за меѓу пресудата со која била досудена отштета. Неа ја доставила првата заменик-јавна правобранителка што го водела случајот, а тој сметал дека има основа за отштета.
- Тогаш во пресудата немало ни вештачење ни други факти за пресудување - вели Прчевски.
Во МВР велат дека ќе постапуваат по налог на Обвинителството.
Според Врховниот суд, потпоручник во тетовската полиција ја составил службената белешка за настанот без да излезе на увид, туку по усно соопштение на сопственикот на бачилото.
- Службената белешка не е составена по телефон. Белешката што ние ја имаме е напишана во прво лице, односно како тој што ја составил да бил на местото. Таа е интерен акт и ќе ја дадеме ако ни ја побара судот - вели Горан Павловски, шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи.
Претседателката на Републичкиот судски совет (РСС), Ленче Софрониевска, вели дека ќе го разгледаат случајот идната недела. РСС има надлежност да ја оценува работата само на активните судии. Тоа значи дека може да ја испита работата само на судијката од првостепениот, Основен суд. За евентуална одговорност на судијката од второстепениот суд, што ја потврдила меѓупресудата и постоењето основа за исплата на отштетата, треба да реши Собранието, бидејќи во меѓувреме била избрана за судија во Уставниот суд.
Професорот Владо Камбовски смета дека Обвинителството може да побара кривична одговорност од кој било вршител на јавна функција вмешан во случајот, но мора да докаже дека делото било направено со умисла. Обична небрежност за вакви дела не е доволна, смета Камбовски. (Н.Н.С.-И.К.И.)