Се поголем е бројот на деца кои со денови не излегуваат од соба, не се тушираат, не јадат, стануваат агресивни, попуштаат на училиште, а причината поради тоа не се алкохолот и дрогата, туку видеоигрите. Психијатрите предупредуваат дека видеоигрите треба да бидат само една од палетата активности со кои се исполнува слободното време на децата. Доколку се претера може да се појави зависност.
- Со часови е пред компјутерот со видеоигри. Заборава да јаде, да пие и да оди во тоалет. Ако му речеш да престане, тогаш се лути - раскажува мајка на 12-годишно дете.
Таа додава дека додека е детето дома, контролира колку време е пред компјутерот.
Децата со видеоигрите се дружат и во играчниците што ги има насекаде, а таму еден час играње е 10-20 денари.
Меѓу најомилените игри се оние каде што се симулира борба и тепање, како што се „Дота“, „Воркрафт“ или, пак, брзо возење, како „Тракманија“.
Лекарите се согласуваат дека зависноста од видеоигрите е иста како и другите видови зависност.
- Во овој случај, навиката да се играат ваков вид игри прво станува опсесија, а потоа и зависност. Училиштето, храната, хигиенските навики се ставаат во втор план, а играта станува најважна - вели Иоанис Гаидаѕис, психијатар и системски психотерапевт во Заводот за ментално здравје на децата.
Неговото искуство покажало дека родителите кај нас на видеоигрите не гледаат како на потенцијална опасност, а стручна помош бараат бидејќи детето има лош успех на училиште, бега од часови или станува агресивно.
- Сите деца што играат видеоигри не стануваат зависни. Тоа покажува дека причината за појавата на оваа зависност треба да се бара во системските проблеми кои постојат во семејството, училиштето или во општеството - вели Гаидаѕис.
Тој додава дека зависност не се развива преку ноќ.
- Уште од најмала возраст родителите ги учат децата да гледаат цртани филмови и да играат игри само за да бидат мирни и да не прават проблеми. И тоа на родителите им одговара се додека не се почувстуваат последиците - вели Гаидаѕис.
Лекарите потенцираат дека играњето видеоигри може да биде корисно за децата, доколку е умерено и дозирано.
- Видеоигрите ја поттикнуваат интелигенцијата и развојот на мозокот кај децата, па затоа може да бидат и корисни. Колку време е корисно децата да играат видеоигри, а кога веќе тоа преминува во опсесија и зависност, во секој случај е различно - вели Гаидаѕис.
Американското лекарско здружение смета дека зависноста од игрите треба да се стави во групата психијатриски болести и овие деца треба да се вклучат во третмани за лекување. Овој вид зависност треба да влезе и во пописот на ментални болести. Околу 90 отсто од Американците играат видеоигри, а околу 15 отсто од нив се сметаат за зависни.
Лекарите предупредуваат дека зависни од видеоигрите може да бидат и возрасни. Поради тоа ја губат работата, самопочитувањето и го напуштаат семејството.
Фала многу пријатно:wink: