29. јануари 2010
СНЕГОТ ЈА НАТЕРА ПЕЈАЧКАТА ДА ПРЕНОЌИ КАЈ КОМШИИТЕ
Каролина по едночасовна одисеја над Скопје се врати во Белград
Каролина затсиноќа доживеа вистинска драма на небото над Скопје. Поп-дивата, враќајќи се дома, наместо да слета на скопскиот аеродром, поради снежното невреме што го зафати главниот град, повторно се врати во Белград. Пејачката во средата во раните утрински часови заминала во Белград, каде што била поканета да гостува во шоуто "Све за љубав". По завршувањето на снимањето било планирано да заврши уште неколку обврски во српската престолнина и вечерта повторно да се врати во Скопје. И се одело според планот до моментот кога авионот, во кој била Каролина, не требало да слета. Авионот од Белград, што требало да се приземји на "Александар Велики" неколку минути по полноќ, поради лошите временски услови, како што тоа им се случи и на авионите кои доаѓаа од Љубљана и Будимпешта, морал да се врати во Белград. Во Скопје Каролина, според нејзиниот тур-менаџер, Филип Николовски, конечно требаше да пристигне во текот на вчерашниот ден, но поради откажаните и поместени летови овојпат треба да се враќа со автомобил. Превозот до македонската граница каде што ја требаше да ја пречека Николовски, го организирале луѓето од Шоумастер, задолжени за нејзината промоција во соседството.
"Често летаме, па не е прв пат да ни се случи вакво нешто. Нема простор за нервоза ниту кај нас ниту кај Каролина. Напротив, и покрај тоа што и се случи ваква непријатност, Каролина беше расположена и најважно од се беше што се заврши планираната работа", вели Николовски. Пејачката во Белград отпатува заради гостувањето во шоуто, каде што ја промовираше новата песна "Успомене на тебе", чијашто македонска верзија "За година две" веќе наголемо се врти во етерот, и заради неколкуте договорени интервјуа. Песната е дело на авторскиот тим Махир Сарихоџиќ и Маја Сар, дел од музичарите кои го следат Дино Мерлин, и е најава за новиот албум.