Интер по победа на Артемио Франки
Интер се наоѓа во одлична форма, а голем тест за нивните можности ги очекува вечерва на Артемио Франки. "Неро-азурите" мораат да одат на триумф доколку сакаат да задржат чекор со лидерот Јувентус, со кого ќе се сретнат веќе во следното коло.
Од друга страна, пак, на Фиорентина победата & е потребна да остане со врвот, а со оглед на формата на Милан и да им ја одземе третата позиција. Се разбира главна пречка на амбициите на Интер ќе биде фантастичниот напаѓач Лука Тони, кој ќе & задава големи проблеми на одбраната на Интер. Но гостите ќе имаат што да кажат на Артемио Франки, особено по долгата серија од 14 средби без пораз. Нивната серија ќе мора да продолжи доколку сакаат да останат во трката по скудетото. Домашниот тренер Чезаре Прандели нема проблеми околу составот. Кај гостите веќе подолго време ги нема Зе Мариа, Рекоба, Фавали и Занети, а Мартинс и натаму има обврски на Африканскиот куп. И новото засилување Цезар не е подготвен и не се очекува негов настап на дербито.
Милан би требало да стави крај на резултатската криза затоа што на Сан Сиро го пречекува Тревизо. "Росоњерите" веќе се откажаа од шансите за скудетото, но пред нив е важна битка со градскиот ривал Интер за втората позиција. По серијата разочарувања Анчелоти не смее да си дозволи "кикс" против екипата од дното. Кај гостите во нападот ќе се најде Марко Бориело, кој е позајмен токму од Милан.
Јуве против Парма на Деле Алпи ќе треба да докажува дека Интер залудно се труди околу титулата. Капело треба да го загрижи тоа што во последно време играат под очекувањата. Но "млекарите" имаат далеку поголеми проблеми пред тешкото гостување. Тренерот Марко Берета не може да смета на голем број фудбалери меѓу кои повредените Коли, Камара, Феронети, Сави, Делвекио, Писану, Пасквале, а Кардоне и Симпличио се суспендирани. Кај Јуве, пак, по суспензијата се враќа Виеира.
Рома е екипата од која најмногу се стравува во моментов по одличната серија во која се најде. "Волчицата" ќе се обиде да дојде до осмата едноподруго победа, а нивна пречка до таа цел е Каљари, екипа која сезонава нема триумф на гостински терен. Домаќините се големи фаворити, особено што на последните три средби постигнаа дури 13 гола, а против себе имаат екипа која на гости досега прими 27 гола.
РОБЕРТО МАНЧИНИ:
Не е само Тони опасен
"Ако успееш да го сопреш Тони, тогаш си завршил голема работа. Но Фиорентина не е тим во кој игра само Лука Тони. Тие имаат состав полн со квалитетни фудбалери како Фиоре, Пацини и Јоргенсен. Ќе биде многу тешко против нив. На првата средба сезонава на Џузепе Меаца ги совладавме и создадовме голем број шанси. Се надевам дека ќе одиграме исто така и на оваа средба. Можеме да победиме само ако одиграме одлично", изјави тренерот на Интер.