СЕРИЈА "А" - 26. КОЛО
Рома "брка" рекорд
Во потрага по 10. победа по ред - славење на фудбалерите на Рома
Јуве е голем фаворит во Месина - Алесандро дел Пјеро
Најголемо внимание во рамките од 26. коло во Серија "А" привлекува пресметката меѓу Рома и Емполи.
Разликата во квалитет меѓу двата тима е несомнена, но она што е интересно е фактот дека со триумф в недела "римската волчица" ќе го израмни рекордот по бројот на едноподруго победи во Серија "А".
Рома славеше на девет меча во серија во Калчо-лигата, додека рекордот од десет победи по ред засега е во сопственост на Јувентус (1931/32), Милан (1950/51) и Болоња (1963/64).
Франческо Тоти се враќа во првиот тим на Рома за оваа средба откако не настапи во Купот на УЕФА, а шанса меѓу првите единаесетмина ќе добие и повратникот по повредата, Винченцо Монтела.
Јувентус не би требало да има проблеми да дојде до победата против Месина, иако Фабио Капело најави дека ќе одмори неколку првотимци за претстојниот дуел од Лигата на шампионите против Вердер. Во прилог на "Старата дама" одат и суспензиите на најдобрите двајца напаѓачи на Месина, Ди Наполи и Скули, без чија помош овој тим не може да се надева на позитивен резултат против актуелниот шампион.
Интер го очекува тежок дуел со Ливорно, тим што оваа сезона бележи одлични резултати пред своите гледачи. Средниот ред на "неро-азурите" ќе биде ослабен поради отсуството на Аргентинците Верон и Камбиасо, чие отсуство ќе мора да биде надополнето од страна на Кристијано Занети и Давид Пизаро.
Лесна задача се очекува да имаат фудбалерите на Милан, кои на Сан Сиро го пречекуваат Каљари. Пипо Инзаги би требало повторно да биде стартер кај "росоњерите", како награда од тренерот Анчелоти по постигнатиот хет-трик против Реџина минатиот викенд.