Македонскиот јазик во Грција се учи тајно како во турско
Часовите по македонски јазик во Солун веќе неколку недели се одржуваат полулегално. Сé уште се испитува амбиентот, децата се плашат, така што не би сакале да откриваме што било, велат дел Македонци во Грција што ги организираат курсевите за триесетина ученици
Тајно школо како од времето на турското ропство.
Вака Македонците од Грција ги опишуваат часовите по македонски јазик што веќе неколку месеци ги посетуваат триесетина македонски ученици во Солун.
Во страв дека грчките власти ќе им прават проблеми, Македонците тајно ги испраќаат своите деца да го учат јазикот на курсевите преку кои Виножито се обидува да создаде движење за оживување на јазикот што грчките власти го негираат и го нарекуваат „локален дијалект“. За часовите никој не сака да зборува затоа што се плашат дека властите од Атина ќе ја прекинат наставата.
-
Часовите веќе неколку недели се одржуваат полулегално. Сé уште се испитува амбиентот, децата се плашат, така што не би сакале да откриваме што било - велат дел Македонци од Грција.
И во Воден имало курсеви за изучување на македонскиот јазик, но програмата била стопирана откако месецов не се појавил ниту еден од посетителите на наставата, која ја организирала невладината организација „Образовно и културно движење на Воден“.
-
Програмата за изучување на македонскиот јазик беше прекината затоа што не се појави никој од оние што ги посетуваа часовите, дури и оние што не пропуштаа ниту една лекција. Програмата ја чувавме во тајност за да немаме проблеми со грчките власти што би можеле да вршат притисок врз студентите да не учествуваат на наставата - објаснуваат од движењето, кое уште лани најави дека ќе отвори приватно училиште за изучување на македонскиот јазик во Грција.
Партијата Виножито, како што деновиве најави нејзиниот член Димитри Јоану, наскоро планира да издава двојазичен весник и да отвори радио на македонски јазик. За отворање на радиостаницата се чека на дозволата од грчкото министерство за информации. Партијата не планира да го воскресне весникот на Македонците во Грција „Зора“, туку ќе печати весник со ново име и со тираж од 20.000 примероци, кој ќе се дистрибуира во Северна Грција.
Автор: Ив.К.
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=32310108242&id=9&prilog=0&setIzdanie=21941