„ЗДРАВЈЕ РАДОВО“ ГО ПРОШИРИ ПРОИЗВОДСТВОТО СО ФАБРИКА ЗА СОКОВИ
Со сируп на растворање до европските пазари
Со асептична амбалажа и специјален начин на обработка се постигнува долготрајноста на сирупот, која кај други вакви производи се обезбедува со употреба на конзерванси
Млекарницата „Здравје Радово“ деновиве на пазарот лансира прв сируп на растворање во светот во асептична картонска амбалажа на „Тетрапак“. „Многу овошје во чаша“ е слоганот на кампањата за соковите „Натурана“, сирупи со врвен квалитет, кои наместо шеќер, вода, вештачки ароми и боја, нудат висок процент овошје, вели првиот човек на компанијата Јован Дабевски. Во првиот месец е планирано производство на околу 700.000 литри сируп, кој покрај во Македонија, ќе се консумира и во шест земји од регионот. Kомпанијата очекува во погонот на поранешната „Миа бевериџис“ со современа технологија во наредниот период да произведува три пати повеќе сокови и наскоро овие производи да го освојат и европскиот пазар.
- Во прва фаза е планирано нашето производство да оди и во регионот, каде и сега сме присутни - во Србија, Босна, Хрватска, Црна Гора, Kосово и во Албанија. Kога ќе помине првата фаза, значи Македонија плус шесте земји, ќе одиме на следна фаза - надвор од регионот, односно во Европа и земјите каде потрошувачката на сирупи е поголема, а производствените капацитети може да ја поддржат експанзијата. Значи 90 проценти од производството е наменето за извоз - вели Дабевски.
Специфика за производите е тоа што се произведуваат по нова технологија патентирана на светско ниво.
- Произведовме прв сируп во асептична амбалажа, со особено се гордееме. Досега не постои ниеден сируп во ваква амбалажа. Главната придобивка од оваа амбалажа е што во сирупот не се додаваат конзерванси. Досегашните сирупи без исклучок се работеа на принцип на пастеризација и за да се овозможи долготрајност на производот, содржат конзерванси. Нашиот начин на подготвување сокови подразбира пастеризација и дополнителни повисоки стандарди, односно со процес на асептичност се постигнуваат безбедност и трајност на производот - објаснува тој.
Освен производот со премиум квалитет, силниот маркетинг ќе биде основната алатка на компанијата, која ќе се обиде производите што кај нас речиси се исфрлени од употреба, односно се сметаат за демоде, да ги врати на пазарот.
- Откако ги направивме анализите на индивидуалните пазари и на потрошувачките навики во регионот и во Европа, дојдовме до сознанија дека сирупите помалку се консумираат во сиромашните земји, а повеќе во побогатите. На просторот на поранешна СФРЈ сирупите најмногу се консумираат во Словенија. Од европските земји најмногу се употребуваат во побогатите, како Англија и Германија, што е доказ дека ова не е „социјален” производ наменет за сиромашните. Подлабоката анализа покажа дека во посиромашните земји формулата за сируп е шеќер, вода и боја. За разлика од нив, сирупите што се користат во Словенија или во Хрватска имаат 3 до 5 отсто овошје. Затоа одлучивме во нашите сирупи да додадеме многу овошје, а таква е и медиумската кампања. Значи, од еден литар сируп се добиваат 7 литри сок, кои содржат од 14 до 25 отсто овошје во секоја растворена чаша. Односно, секоја чаша има минимум 5 пати повеќе овошје отколку сите други сирупи. Единствено не можеме да им конкурираме на соковите со 100 проценти овошје - вели Дабевски.
Тој смета дека ќе успеат да ги вратат навиките на населението да консумираат сирупи.
- Математиката покажува дека за 12-13 денари се добива еден литар квалитетен сок, а на пазарот нема квалитетен сок за тие пари. Свесни сме дека стандардот на граѓаните опаѓа и дека секој денар е битен и затоа и сметаме дека производот ќе биде консумиран. Знаеме и дека навиките не се менуваат преку ноќ, но веруваме дека секој што ќе го проба еднаш нема да се откаже од сирупот, бидејќи за малку пари добива безбедно пакување и врвен квалитет без конзерванси - вели тој.
Сите активности на компанијата од Нова година наваму биле насочени да се добијат квалитетни производи за што биле направени над 3.000 тестирања на разни групи испитаници, кои дале одлични резултати.
Брендот „Натурана“ е заштитен на светско ниво, како и самата технологија на производство. Има пет вкуса на сирупи - јаболко, лимон, боровница, портокал и мултивитамин, а наскоро се подготвуваат и нови вкусови. Иако откако ја купија поранешна „Ино спектар“ од млекарницата најавија производство на мешавини од сокови и млеко, идејата останува да се реализира во некоја од наредните фази.
Ме радуват вакви инвестиции. Прво се рестартира Битолската пивара, сега инвестицијата на Здравје Радово, кој мислам дека ја рестартират поранешната ИНО СПЕКТАР. Добро е што, нешто затворено повторно проработува. Со среќа нека им е и на газдите и на вработените.