ВО ИСТОЧНОЕВРОПСКИТЕ ЕКСПЛОАТАТОРСКИ ФАБРИКИ
Во Македонија, БиХ, Албанија... се прават скапи „италијански“ чевли во ужасни услови и за малку пари
Една вознемирувачка студија тврди дека работниците што ги произведуваат луксузните британски брендови земаат ниски плати и работат во лоши услови. Една од земјите во кои се прават чевлите е и Македонија, пренесува
Гардијан.
Активистите тврдат дека милиони купувачи се наведени да веруваат дека скапите чевли што ги купуваат во луксузните продавници се направени во Германија и Италија - а многу од нив всушност се направени од работници за сиромашни плати во експлоататорските претпријатија на Источна Европа.
Скандалот го откри истрагата на Европската чевларска индустрија, која наведува дека има незаконски плати и шокантни услови за работа во фабриките што прават обувки за пазарот во Велика Британија.
Истрагата тврди дека некои големи брендови се чини дека користат законска дупка, печатејќи на своите производи „Произведено во Италија“ или „Произведено во Германија“ за да укажат дека се работи за висок квалитет, а всушност нив ги прават сиромашните работници од Источна Европа. Истрагата покажа дека работниците за обувки во Албанија заработуваат и до 36 денари на час вклучувајќи прекувремена работа - што е нелегална стапка дури и во една толку сиромашна земја.
Работниците во Македонија, пак, вели Гардијан, каде што надницата е ниска дури 46 денари на час, рекле дека биле носени во болница во колички откако се онесвестувале во студените фабрики каде што морале да работат со силни хемикалии. „Ако работодавецот треба да заврши, да речеме, нарачка од 9.000 пара чевли, тој ќе стави 90 пара на лентата, па дури и ако сакаш да умреш, мора да ги завршиш“, им рекол еден работник на истражувачите што го правеле извештајот, насловен
Труд за минималец.
Тој тврди дека една македонска фабрика, која ги произведува обувките „геокс“, плаќала незаконски ниски плати во износ од 8.000 денари (131 евро) месечно, сосе прекувремената работа. Законскиот минимум е 9.000 денари (145 евра) без прекувремената работа.
Геокс не одговорил на барањата за коментар, вели Гардијан.
Производителите се во можност да ги искористат предностите на една мрачна европска законска дупка позната како „шема за надворешна обработувачка трговија“ (ОПТ). Според правилата, компаниите ги сечат деловите за чевли во една земја, пред да ги извезат во економиите со ниски плати, каде што тие се составуваат и се шијат. Тие потоа повторно се увезуваат во земјата од која потекнуваат, без царина. Готовите чевли потоа може да се етикетираат како да се направени во земјата од која потекнуваат.
Извештајот, составен од истражувачи од неколку европски групи за права, е базиран на интервјуа со 179 работници во 12 фабрики. Тој ја осудува ОПТ како „ќор-сокак за работниците, националните економии и бизнисите“ и ја опишува како „економски и социјален пат кон пропаста“.
Истражувачите откриле дека фабриките произведуваат чевли за брендови вклучувајќи ги Зара, Лоа, Дајкмен, Ара, Геокс, Бата и Ледер&шу АГ и подружниците на ЦЦЦ шуз енд бегс во Полска и Рајкер и Габор во Словачка.
Бата не одговори директно на тврдењата, но го поздрави извештајот, за кој рече дека дава „интересен увид во работните услови во Европа за кои генерално малку се известува“. Компанијата изјави дека очекува нејзините доставувачи да работат во согласност со локалните закони.
Извештајот го истражува производството во шест земји со ниски плати: Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Полска, Романија и Словачка.
Во светот секоја година се произведуваат околу 24 милијарди пара чевли, вклучувајќи и околу 729 милиони произведени во Европа, вели Гардијан. Но цените за европските чевли се повисоки: во просек еден италијански пар се извезува за 39 фунти, додека просечниот кинески пар чевли - за 3 фунти.
Во една македонска фабрика што ги снабдува брендовите Геокс, Дајкман и Бата, работниците велат дека од нив се очекува да користат силни хемикалии и се жалат на ревматизам, болки во грбот, алергии и респираторни проблеми. Тие велат дека нивната кожа често е изложена на штетни хемикалии, бидејќи носењето ракавици значи помала продуктивност, па дури и пониски надници.
Дајкман рече дека не бил свесен за прашања со фабриката, но дека спроведува сопствена истрага и ќе ги преземе сите потребни дејства.
Ана Мекмулен, од Трудот зад етикетата, британска група за правата на работниците, која е вклучена во извештајот, вели дека на потрошувачите треба да им се каже вистината од каде доаѓаат чевлите. „Лукавиот трик да се носат деловите за чевли во земјите со ниски плати во Источна Европа заради собирање и лепење, пред да се вратат чевлите за етикетирање како 'произведени во Европа', е прелажување на потрошувачите да мислат дека нивните производи се достоинствено направени“, вели таа.
„Всушност, ние сега знаеме дека работниците во Албанија и во Македонија добиваат плати толку ниски што не можат да ги прехранат своите семејства - толку многу што јазот помеѓу минималната и пристојната плата е поголем отколку во Кина. Овие аутсорсинг-методи што се користат од некои брендови прават огромен профит на грбот на сиромашниот работник.“
„Работниците заработуваат помалку од една четвртина од платата што им треба за да живеат достоинствено, и покрај напорните долги часови за да ја исполнат нормата. „'Произведено во Европа' повеќе не значи 'достоинствено направено'“.
Групите што стојат зад извештајот сакаат производителите да бидат потранспарентни во однос на тоа каде ги прават чевлите што се продаваат во луксузните британски продавници - и во однос на платите и на условите за работа.
Мекмулен додава: „Денес ги повикуваме брендовите што ја кријат експлоатацијата зад етикети што ги мамат потрошувачите. Брендовите се должни да осигурат дека се почитуваат човековите права на луѓето што ги прават нивните чевли. Искрено да се каже каде се прави тоа е еден од првите чекори.“