Преземено од Утрински весник 26.11.2007
В година ќе се знае дали шамиите ќе влезат во пасошите и визите
Таквата одлука ќе биде донесена со воведувањето на нумеричките визи, кога амбасадите ќе ги фотографираат граѓаните за визи
Даниела Трпчевска
Не е проблем да се издаваат пасоши на кои граѓаните поради религиозни причини ќе се фотографираат со шамии. Проблем е што никој не може да гарантира дека со таквата патна исправа ќе можат непречено да патуваат во странство.
Дилемата доаѓа оттаму што секоја земја има различни правила за минување на границите. Некои се либерални во однос на ова прашање, други пак стриктно го забрануваат и го отфрлаат. Ова се укажувањата на дипломати од МНР, како и на конзуларните и дипломатски претставништва во земјава.
Странските амбасади очекуваат во 2008 година да се реши дилемата дали ќе се дозволи фотографирање со марами при вадење визи за патување во странство. Таквата одлука треба да биде донесена на ниво на земјите-членки на ЕУ кон почетокот на идната година, со воведувањето на нумеричките визи. Со тоа е предвидено земањето отпечатоци и фотографирањето на апликантите да се врши во амбасадите, кои ќе добијат детаљни инструкции дали ќе дозволат фотографирање на жените со марами или не. Дотогаш прашањето за влез на луѓето со шамии во патните исправи и на визите останува отворено.
Ваквата иницијатива ја поведе Здружението на жени на Македонија „Ислам и наука“ кое реагираше дека Правилникот на МВР со кој се забранува сликање со марами на патните документи им го повредува правото на слободно и јавно изразување на верата. Покривањето на целото тело на жената, освен лицето, е предвидено и со Куранот, кој е основа на исламското учење.
„Не ни е јасно зошто не е дозволено тоа, кога предмет на идентификација е лицето, а за тоа не е потребно да се гледа и косата“, беа реакциите на Здружението, кое како аргумент за своето барање го посочија и тоа што на одредени верски личности им е дозволено фотографирање на пасошите со марами. Ваквата идеја воопшто не е нова и непозната. Барања и иницијативи имало и досега, но последното барање предизвика големо интересирање, но и полемики во јавноста.
„МВР работи според Законот за патни исправи и лични документи од 2004 и подзаконски акти. Подносителот на барањето, според стандардот ИКАО, се фотографира со јасен израз и без каква било покривка на лицето, на светла заднина. Доколу лицето носи очила, тие не треба да ги покриваат очите или да има отсјај од очилата“, објаснуваат во МВР.
Вака треба да изгледа фотографијата на жената-муслиманка која сака со шамија да се фотографира на германскиот пасош
Законската регулатива во земјава предвидува дека при вадење пасош лицето не треба да носи покривка на главата, како капа, марама и слично, освен во одредени случаи - медицински, културни и религиозни. „Досега од културни побуди не сме имале некое посебно барање за фотографирање, додека од медицински причини, доколку станува збор за некој што е опериран на главата, се дозволува негово фотографирање со преврска, доколку мора да патува повторно во странство“, велат во МВР. Фотографирање со шамија е дозволено и поради религиозни причини, но барателот мора да поднесе доказ дека има одреден ранг во одредена верска заедница.
Но, и на оние што ќе им се дозволи да се фотографираат со шамија, треба да исполнуваат одредени стандарди како треба да им стои таа, притоа да се гледа челото и брадата, со цел да може да се идентификува лицето.
„Но, во принцип ќе го разгледаме ова барање и доколку е во согласност со Законот и Уставот, нема да има проблеми да се спроведе“, вели Иво Котевски, помошник-министер за информирање во МВР.
За да се овозможи фотографирање за пасош без шамии е потребно да се смени законот. Но, претставници од конзулатите и дипломатски извори од МНР укажуваат е дека никој не може да даде гаранции дека лицето кое ќе се фотографира со шамија нема да има практични проблеми при преминот на границите при патување во странство. Проблемот потекнува оттаму што секоја земја има свои правила и режим за преминување преку граница. Во земјава велат дека доколку некој патува со автомобил, на граница, според прописите, надлежните се должни да повикаат полицајка, која во посебна просторија ќе изврши проверка на лицето дали одговара со она што е фотографирано на пасошот.
Јасен лик на кој се гледа челото, брадата и ушите се најчестите барања при влез во повеќето земји во светот. Ваквите правила се задолжителни во сите дипломатско-конзуларни претставништва кои издаваат визи за патување во странство.
„Секоја држава одлучува за свој пасош, но во почетокот на 2008 година треба да бидат воведени нумерички визи со отпечаток и сликање во самите конзулати. Тогаш ќе се добијат детаљните информации дали смееме да сликаме жена во шамија. Досега немаме таква информација“, велат во француската амбасада во Скопје.
Од амбасадата на САД во земјава објаснуваат дека ги почитуваат сите религии и нивните обичаи. „Поединци на кои им се скриени главите со марами или капи поради религиозни убедувања, може да ги носат и на фотографии, со тоа што шамиите и капите мора да дозволат лицето целосно да се гледа од брадата до челото. Исто така, неопходно е да се гледаат и ушите“, велат во американската амбасада.
Сличен став имаат и во швајцарската амбасада во Скопје: „Лицата кои во пасошите се сликале со марама на глава можат да патуваат во Швајцарија, но мора убаво да се гледа лицето на фотографијата. Доколку е покриен поголем дел од лицето, тогаш властите бараат друга фотографија на која ќе се види целосно ликот“.
И влезот во Германија со ваков пасош е дозволен, доколку лицето со шамија на главата може беспрекорно да се идентификува. „Целото лице од долниот дел на брадата до челото мора да се гледа“, велат во германската амбасада. Од верски причини, во Германија дури е можно да се извади германски пасош со шамија на слика, а тие фотографии мора да изгледаат според определени правила и стандарди.