Еве што донесува
ИДИ ВИДИ за последниот развој на настаните:
Крушево во тишина и во тага е во исчекување на посмртните останки на својот сакан Тоше Проески
Крушево, 16 октомври (МИА) - Во тишина вечерва тагува родното Крушево на Тоше Проески во очекување да биде пренесено телото на трагично загинатиот во неговиот роден град, во родниот дом каде премалени од болка во исчекување се неговото семејство, неговите најблиски.
Младите цел ден и сега се повеќе се собираат во тишина во центарот на градот каде е поставена неговата слика. На стража се менуваат неговите сограѓани покрај знамињата на половина копје.
Бројна река крушевчани, а веќе и делегации од другите делови на земјава, се упатуваат во локалната самоуправа, да се потпишат во Книгата на жалоста, да ги запишат своите најискрени мисли за големото срце на Македонија, за благородната душа на Тоше.
Цело Крушево е во исчекување да пристигнат посмртните останки на Тоше кои се очекуваат, според она што го слушаат крушевчани, некаде по полноќ.
Вечерва неговото тело ќе остане во неговиот дом, за последно да се прости од него семејството и најблиските. Утре од 9 до 10 часот ќе биде опелото во црквата Света Богородица, а потоа од 10 до 10,30 часот ќе се одржи комеморација во Македониумот, најзначајното обележје на легендарното Крушево. На комеморацијата ќе говори претседателот на Советот Благоја Благадуша.
Телото на Тоше Проески, информираат од локалната самоуправа, од 10,30 до 12,30 часот ќе биде изложено на Гумење од каде сите ќе се простат од Тоше. Закопот на посмртните останки на Тоше Проески ќе биде во 13 часот на гробиштата во Крушево.
Посмртните останки на Тоше Проески пречекани со највисоки државни почести
Скопје, 16 октомври (МИА) - Посмртните останки на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, кој загина утрово во сообраќајна несреќа во Нова Градишка, вечерва со хеликоптер на АРМ беа пренесени од Хрватска во Македонија.
На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ковчегот со неговото тело со највисоки државни почести го пречекаа членови на неговото семејство и владината делегација што ја предводи претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, а ја сочинуваат вицепремиерите Зоран Ставрески и Живко Јанкулоски, како и министрите за надворешни работи, за внатрешни работи и за здравство Антонио Милошоски, Гордана Јанкулоска и Имер Селмани.
Ковчегот од хеликоптерот го изнесоа шест војници во маскирна униформа кои го поставија на постоље и им го предадоа на 20 гардисти кои формираа почесен шпалир, по што пред телото на Проески први се поклонија членовите на семејството и владината делегација.
Веднаш потоа ковчегот со телото, беше префрлен на лафет и со возило е испратен во неговиот дом во Крушево, според желбата на неговото семејство. Посмртните останки од аеродромот до семејството Проески ќе ги придружува вицепремиерот Живко Јанкулоски.
Погребот на Тоше Проески со сите државни почести ќе се одржи утре во 13 часот на Градските гробишта во неговото родно Крушево. Церемонијата на простување со Тоше ќе започне во 9 часот со црковниот обред што ќе се одржи во црквата „Пресвета Богородица“. Комеморацијата, одавањето на последна почит, погребанието со кое ќе чиноначелствува неговото блаженство, Архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан, како и последното простување ќе се одржат пред споменикот на Гумење - „Македониумот“.
По повод загинувањето на Тоше Проески, Владата го прогласи утрешниот ден за Ден на жалост, а на денешната седница постхумно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија.
Македонската мега ѕвезда Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Хрватска. Неговите сопатници Лилјана Петровиќ и Ѓорѓе Ѓорѓевски кои се здобиле со телесни повреди, пренесени се во болница во Нова Градишка и се вон животна опасност.
Несреќата се случила кога автомобилот марка фолксваген „Туарег“ со македонски регистарски таблички, управуван од 32-годишниот државјанин на Македонија Ѓорѓевски удрил со предниот дел во страничниот лев дел на полуприколка на товарно возило со италијански регистарски таблички. Потоа дошло до занесување на „Туарег-от“ и удар во заштитната средишна ограда.