Зголемување на пензиите, потреба или ирационалност?
Исплатените пензии во месец септември беа за 621 денар повисоки од претходните. Дополнително зголемување на пензиите е предвидено во дополнетиот предлог буџет за 2016 година. Додека 297.179 пензионер во земјава (ПИОМ) се радуваат на ваквото покачување, во јавноста се разгорува дебатата дали овој чекор на владата е потребен, рационален, издржан и во право време.
Неколку насоки на размислување кои укажуваат на нерационалноста за зголемување на пензиите, се следните:
Прво, пензиите се зголемуваат со повисока стапка на раст од домашната економија. Растот на економијата во тековната и изминатата година е околу 3 %, додека растот на пензиите е 5%, што го надминува капацитетот на економијата. Графикон 1 покажува дека ваквиот „неусогласен“ тренд започнал во периодот после 2008 година, кога покрај еднократното зголемување на пензиите, скоро сите редовни усогласувања на пензиите се поголеми од растот на економијата. До 2008 година, економијата во просек растела за 3,1% а пензиите за 2,9%, додека после 2008 година, економијата растела во просек 2,4% додека пензиите повеќе од двојно, 6,5%. Дополнително, во услови на ниска стапка на инфлација, скоро нула, не постојат притисоци за намалување на животниот стандард како резултат на зголемени трошоци на живот. Оттука, зголемувањето на пензиите е поголемо и од потребата за усогласување со трошоците на живот.
Второ, дефицитот во пензискиот систем континуирано расте во изминатите десет години, со забрзан интензитет од 2008 година (Графикон два). Делумно, овој раст се должи на исплатите кон вториот столб. Над 80% од дефицитот во пензискиот фонд се покрива преку средства од буџетот на РМ. Истовремено, бројот на осигуреници во однос на бројот на пензионери не се зголемува. Во 2014 година, за секој еден пензионер работеле 1, 8 осигуреник. А во најава се и мерки за откуп на стаж, со што бројот на пензионери ќе расте а соодносот осигуреник/пензионер ќе се намалува. На среден рок, веројатно ќе бидат потребни структурни промени за пензискиот систем да биде одржлив. Ние и идните генерации треба сериозно да размислуваме колкава ќе биде нашата пензија и кога ќе се пензионираме.
Трето, често се оправдуваат зголемувањата на пензиите со изреката дека “новите генерации живеат од пензионерите, пензионерите се тие што го одржуваат животниот стандард“, но кој ги плаќа издатоците за пензии?. Тековната и идните генерации ги плаќаат зголемувањата на пензиите. Приходите во фондот за пензиско и инвалидско осигурување се главно по две основи, редовните извори од придонеси за плата и буџетот на РМ. Редовните придонеси за плата ги плаќаат лицата кои се во тековен работен однос, а приходите во буџетот ги плаќаат повторно тековните генерации. Покрај тековните генерации, буџетскиот дефицит ќе го исплаќаат и идните генерации.
извор economic talks