Најдрага,
Сама себеси шејтан.
Сменава од 7 до 15 ме потсетува на едно време кога плачев по мајка ми штом и ги видев алиштата на закачалка, како во 6:30 набрзина си го пудри лицето, става Shock парфем и излегува од дома. Менуваше 3 автобуси за до работа. Мирисот на недостиг и истовремено храброст, неверојатен електрицитет низ емоции.
Денес, јас сум таа што излегува во 6:30. Не ставам пудра, ама ставам наочари и кесиче со тост и јаболко за на работа. Во автобус мириса на сон, глицерински креми и овошје. И на некој залутан спанко што ќе го украде денов сам од себе.
Плачењето не е решение, туку она потоа е.
Нели?
Одговорите не мора да ги даваме во вистинско време, но ги очекуваме секогаш со нетрпение. Си се гледам себеси посериозна, но истовремено и просторно отворена за секакви психопатологии на кои наидувам. На луѓево им требаат Луѓе. Им треба топлина, некој да ги прегрне, да им каже дека се’ што поминало е само лекција и горчливо апче за преживот.
Мене, воопшто не ме плашат таквите средби. Ме плаши што останува од моето кај нив.
Викендов, тотално незаинтересиран за мене. И јас за него. Кругови и флеки од виски по шанкови. Боемџиењето не му годи на мојот синус, мојот сон и мојот лажен дендизам. Само сум свесна дека живеам. Ми недостигаше тој. Не знам дали вреди да му кажам.
И секако, кога си најнесигурен, тогаш сите дождови паѓаат за да паднеш и ти.
Драга,
Само трескам зелени, пролет е.
Слушај ја Ања како убаво си пее. Тоа е се’.
М.