Драга,
вчера не сум ти пишала, а? Па малку и ти да одмориш од мене.
Сабајле не знам како станав, ама само што се освестив развлеков една насмевка од 6-ка до 6-ка... што да ти кажам.
Ако по утрото денот се познава, тогаш цел ден ќе ми биде супер.
Презентацијата супер помина, сега ќе го доработувам преводот и така работите ќе си дојдат на свое место.
Пред едно 2/3 саати влегувам во автобус и знаеш како е пензионерски ден, ама секогаш станувам за да седнат постарите, па и денес така.
Станав за да седне еден дедо, кој се зачуди што сум станала. Па, ме праша каде живеам и кога дозна дека сме од исто место, ме праша од која фамилија сум и на крај излезе дека тој и дедо ми биле многу добри другари.
И цел пат до дома ми кажуваше како живееле порано со дедо ми и како дедо ми ги вработил сите што тогаш биле посиромашни. Кога му кажав дека дедо ми го знам само на слика, ми рече: „Ееее да поживеел уште малку, да видел дека и внуците се како него.“ И да ти кажам Драга тука ме растажи, знам дека звучи чудно ( и јас премногу сум срамежлива за да зборувам со непознати), ама искрено, интересен ми беше муабетот. Во очите му се гледаше дека жали за тоа време.
И така Драга, сега со добра музика ќе го продолжам преведувачкиот процес.
PS. Мами, најсреќен роденден! Те сакам!
Еве ти една.