Цел ден како Амели, водам љубов со Животот. Кршам крем брулеа со поглед. Возам точак со виножито во тркалата.
Ги сонувам со очи ширум отворени сите петки на рацете од детство. Го грицкам небово како зрело јаболко. Киселко под непце, ама со витамини.
Доволно за да полетам угоре.
Таму има Се’.
Му зготвив на мачорот мој неделна супа со кнедлички и пржено лепче. Дремењето во кревет и зборувањето за Нас, за Нив, за светот, ни ја прави врската голема колку океан, езеро, космос, слатка како печена тиква, пченка среде август, миризливи ливчиња скриени во Детска пошта, радост на прваче кога зема прво свидетелство.
Музиката од очи ми извира. Новите звуци ме галат по косата, па ме бушават.
Целосно доживување е овој долг, но убав ден.
Вечера - палента со доматен сос, маслинки и козјо сирење со лук.
Мириси и палети бои еден куп.
Живот, топол како јулска ноќ со Месечина.
Јас и ти, фрлени камчиња по површината на небото.