Дали ми е до годините или некако светот води натаму - опкружен сум со луѓе кои немаат време, ама онака баш немаат време, дури и жал да те фати. Се најдов во некоја дискусија за книги и како тоа луѓето читаат пократки работи затоа што веќе немаат време, затоа што општеството е едноставно такво, модерниот начин на живот е брз, итн итн. Ми текна на најновата книга на Георги Господинов - Сите наши тела. Расказите му се големи отприлика колку еден фејсбук статус. Во едно интервју вели дека луѓето не дека немаат време, туку немаат концентрација да прочитаат нешто подолго. Но тоа, кога ќе се постави така, изгледа невкусно, да немаш концентрација, никој не би сакал тоа да си го препише себеси па така поубаво е да се каже дека се нема време. Кога случајно дискутирам нешто за гледање или читање најчесто го добивам одговорот еј абе немам баш време периодов. (не дека не се случува, али истиот одговор е од истите луѓе и „периодот“ им трае цел живот). Или кога ќе падне некој божем договор кафе да пиеме, да се собериме да изгледаме една утакмица, абе шо знам немам баш време, и ова доаѓа од луѓе кои буквално не прават ништо и знам дека не прават, чмаат на инстаграм, гледаат шугави клипчиња од базфид со оние уште поретардирани наслови „татко на денот кој ќе ви го освои срцето“ а тоа е всушност еден обичен дечко кој е кабожен да испржи јајца додека го пази бебето. Инстаграм има опција да видиш колку време поминуваш на апликацијата дневно и на другар му покажа околу 2 часа, исто колку времето што е потребно за да се изгледа еден филм или за да се прочита Глувци и луѓе. Од друга страна, мислам дека со тоа „немање време“ потсвесно и си придаваме некаква важност, си ја китиме онаа замисла за нас во која секогаш сме успешни, и поради тоа што сме успешни, ние немаме време за нешто друго освен нашиот претприемачки стив џобс успех, затоа што модерниот начин на живот е таков, бескраен недостаток од време во кое не правиме ништо.