Некако ова со демониве ми е интересно, и тоа од повеќе аспекти. Што точно претставуваат тие, поконкретно, што се, од каде се, кој ги создал и зошто? Што им прават на луѓето, а луѓето не можат да си го направат сами? Ги видел ли некој од форумџииве, разговарал ли со нив, ги прашал ли нешто? Испадна работава дека за се е виновен некаков демон, а никако човек. Демони од најразличен тип има во речиси сите вери и скоро сите прават бељи. Ми личи на еден убав ескапизам и оправдување пред сопствената совест. Виновникот е битие кое не подлежи на никаква рационална, објективна проверка и е одлична замена за некој да ја објасни својата забегана природа. Е сега, зборувајќи малку воопштено, но не премногу далеку од темава, сите ние си имаме во нас некакви демони, кои повеќе или помалку успешно ги контролираме, а кои мошне згодно се групирани во поимите потсвест, темна, скриена страна на нашиот карактер, која понекогаш како многу грдо лице и ја покажуваме на средината што не опкружува.
Инаку, изразот демон потекнува од хеленскиот израз дајмон (некаков дух, кој можел да биде добар или лош, сличен по значењето би бил и изразот гениј, кој порано исто така значел духовно битие, а не исклучителна надареност. Терминот ангел е исто така од грч. потекло и значи гласник, аберџија. Денес овој збор е исклучиво поврзан со духовно битие пратено од Бога, односно божји гласник. А кој знае можеби порано и не било толку ретко за денешниот ангел некој да речел дека се работи за добар демон, и обратно, за денешниве демони - лош демон. Го напоменав само како една ретроспектива во однос на тоа како се менуваат значењата на одредени зборови низ вековите.