СЕМЕЈНО ПОТЕКЛО И ДЕЈСТВО
Георги (Гоце) Делчев визионер, идеолог, организатор и предводник на македонското национално-ослободително движење, е роден на 4 фебруари 1872 година во Кукуш, како прво машко чедо, но трето по ред во видната и добро ситуирана фамилија Делчеви. Тој ден ниту неговиот татко, ниту неговата мајка Султана, ниту кој и да е од кукушките граѓани, не можеле да помислат дека Македонија го доби човекот кој ќе отвори нова страница во нејзината историја.
Мошне рано Гоце пројавил позитивни карактерни особини. Така, уште како петтогодишник, Гоце, при една меѓусеба расправија на родителите, вербално се обидел да ја заштити мајка си, пројавувајќи притоа невидена храброст пред строгиот татко. Всушност, уште од тогаш кај него се развило чувството за заштита на потчинетите и послабите.
Како дете Гоце се дружел и другарувал со Македончиња, Турчиња и Циганчиња. Притоа меѓу нив не правел никаква разлика. Тука лежат корените на неговата интернационална ширина. Нему отсекогаш ќе му бидат туѓи национализмот, шовинизмот, националната омраза. Од друга страна, пробуденото македонско национално чувство кај него ќе се развие во позитивен патриотизам, обвиен со интернационален ореол.
Првата етапа од Гоцевото школување е сврзано за родниот Кукуш. Тука Гоце се здобил со основно образование. Во учебната 1879/80 година се запишал во прво одделение, во унијатско, а потоа се префрлил во егзархиско училиште. По завршувањето на третиот клас од прогимназијата татко му Никола сметал дека тоа е достатно образование, за неговиот син да го наследи на имотот и занаетот. Но по една година загубена во чиракување кај кукушкиот бакал Христо Босаџиев, Гоце се запишува во Солунската гимназија, највисоката школска установа во тоа време во Македонија, ги завршил со одличен успех трите класа и со усвитеноста на своите деветнаесет години решава, дека најдобро ќе им служи на својата земја и најзиното ослободување од османлиската тиранија, ако отиде во Военото училиште. Разочарувањето од изборот настапил мошне брзо и тој стоечки ги издржал трите години во ова училиште, цврсто решен, никогаш да не ја облече офицерската униформа. Со радост и душевно олеснување, тој го прима соопштението дека е истеран од Софиското воено училиште, како социјалист.
Положбата во Македонија во тоа време била мошне тешка. Меѓутоа ни петте века робување не биле во состојба да го уништат и избришат чувството на самобитност и самостојност. Таквата ситуација, уште повеќе ја засилила и утврдила свеста кај македонската интелегенција дека ослободувањето на народот треба да биде негово сопстевно дело. Идејата за револуција веќе била созреана и во низа градови на Македонија самостојно никнувале револуционерни кружоци, сојузи и комитети, но се поставувало прашањето како и со што да се почне.
Гоце Делчев не знаел ништо за овие работи. Се чини дека тој, наоѓајќи се зад касарнските ѕидишта на софиското воено училиште, е надвор од нив. Но Гоце самиот доаѓа до истата идеја за неопходноста од создавање револуција и тоа организација што ќе го опфати целиот народ. За својата идеолошка и револуционерна подготвеност Гоце полагал големи грижи за запознавање со револуционерите, национално ослободителните и ослободителните движења од другите народи.
Својата концепција на револуција ја градел уште во Солунската гиманзија, и ја доразвил во военото училиште во Софија.
НА РЕВОЛУЦИОНЕРНОТО ПОПРИШТЕ
Откако дефинитивно решил да замине за родната земја и по добивањето на учителското место во Ново Село (Штипско), Гоце Делчев ја напуштил Бугарија, и кон крајот на октомври 1894 година пристигнал во Штип. По пристигнувањето во Штип, Гоце бил пречекан од Даме Груев, кој тогаш учителствувал во Штип. Тие двајца се активирале не само за ширење на просветата, туку и на ширење на револуционерната идеја, за зголемување на револуционерната организациона мрежа. Уште вечерта, на провокативното Дамево прашање - зошто ја напуштивте Бугарија, Делчев одговорил: ,,Може ли да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија?".
Восхитен од Делчевата ослободителна концепција, Груев широко го отворил срцето со зборовите ,,Добро сте ми дошле", при што им го врачил Уставот на младата МРО.
Веќе наредниот ден, Делчев положил заклетва пред првенецот на организацијата, со што станал полноправен член на МРО.
Со револуционерните предиспозиции Гоце Делчев се вклучил во македонското револуционерно поприште. Тој бил заангажиран во Ново Село како учител во училиштето, а воедно се оддал на револуционерната дејност. Во оваа дејност била извршена распределба. Така Даме Груев го зел реонот на градот, а Гоце околните села. Со тоа Делчев се заангажирал во просветувањето на младината и во агитирањето на револуцијата. Тие дејности се преплетуавале и надополнувале. Преку учителската дејност Гоце Делчев просветувал, а наедно меѓу возрасните ширел револуционерна агитација, подготвувајќи ги кон револуционерно дело.
Најголема грижа Гоце полагал во обезбедувањето на организацио-ната мрежа, во селата, околу Штип и во подалечната околина, и снабдување финансиски средства потребни за набавка на оружје. Во својата револуционерна дејност тој не останал само на источниот дел на Македонија, туку од пролетта 1895 зафатил да ја шири револуционерната идеја по другите делови на Македонија. Насекаде формирал револуционерни комитети и го сеел семето на револуцијата и на слободата.
Во летото 1895, Делчев се упатил кон Бугарија да бара помош од македонската емиграција. Но тоа е година кога во Бугарија бил формиран Македонскиот Врховен Комитет, кој одиграл кобна и злосторничка улога во ослободителното дело на македонскиот народ. Но Гоце уште во првиот контакт ги согледал вистинските намери и цели на Врховниот Комитет. Во летото 1896 на Конгресот во Солун, Гоце Делчев и Ѓорче Петров добиле задача да го изработат Уставот и Правилникот на Организацијата. Овие документи биле изработени во 1896 година и нив ЦК ги прифатил. Воден од визијата за слободна Македонија, Делчев ја продолжил и понатаму работата врз градењето на револуционерна организација. За помалку од 3 (три) месеци тој успеал да ги организира сите села во Разлошко, Горноџумајско и Неврокопско.
Организацијата била пространа низ цела Македонија. Додека тој ја организирал за тие две години, цела Источна и Приморска Македонија, другите револуционери, Ѓорче Петров, Пере Тошев и други, ја организрале Зпадна и Централна Македонија. Единствената задача што останала пред оваа организација, со која се зафаќа Гоце - била, да се вооружи организацијата.
Во втората половина на ноември 1896 година Гоце Делчев се префрлил во Бугарија и тука поактивно се ангажирал за правилно претставување на Македонското ослободително дело, за одбрана на македонската вистина и слобода. Во меѓувреме, согласно со актите на ТМОРО, ЦК во Солун сметале да назначат задграничен претставник на Организацијата. Централниот Комитет сметал дека Гоце Делчев претставува најпогодна личност за ваква должност и него го назначиле. Гоце Делчев побарал покрај него да се назначи уште еден претставник. На таа должност бил назначен Ѓорче Петров.
Главниот правец во дејствувањето на Задграничното претставништво, бил насочен кон тоа да се попречи секоја антимакедонска акција на големобугарските и врховистичките кругови во поглед на Македонија.
Како задграничен претставник Гоце развил разновидна дејност. Во најголем дел тој се концентрирал во практичната дејност околу обезбедувањето, на материјални сретства, снабдувањето на организацијата со оружје, муниција и со револуционерна литература и весници за препраќање на револуционерните сили во земјата, обезбедување на погранични пунктови и грижа, околу состојбата на револуционерното дело по окрузи и реони во Македонија.
Гоце Делчев во текот на 1898, 1899, 1900 година па и натаму настојувал подобро да ја постави организацијата на револуционерните сили.
Сета ова активност регистрирала еден растеж на ВМРО. Со тоа повеќе се омасовувало движењето, Организацијата станувала ,,држава во држава". Сето тоа претставувало опасност за османлиската власт која веќе од 1901 година, преземала акции од пошироки размери.
Постојаните прогони, што го преземала османлиското господство против револуционерните дејци, принудило многу членови од организцијата да преминат во илегалство. Така се зародила идејата да се формираат чети. Револуционерниот инстинкт му покажува на Гоце дека тоа е ново поле за работа. Тој се зафаќа со грижата да организира чети. Гоце Делчев бил признат за началник на сите чети во Македонија. Гоце ја издигнал паролата за самовооружување на народот и сметал дека е важно да се има оружје што го подига самочувството на народност и го приближува за конечна битка.