Познатиот тв канал за мода - "Fashion TV", во текот на изминатава недела и официјално ја отвори својата балканска филијала. Регионалниот канал во Македонија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија - ќе ја замени меѓународната верзија на "Fashion TV", која досега се прикажуваше на овие простори.
Сопственик на новата телевизија е "Пинк медија груп". Првиот човек на оваа компанија, Жељко Митровиќ, на вчерашната прес-конференција во Загреб, рече дека новиот канал ќе ги претстави релевантните модни соработници, урбаниот, манекенскиот, фотографскиот, туристичкиот и клупскиот живот од регионот.
70% од содржината ќе се исполнат со интернационалната програма, додека 30% со регионална.
Со тоа се отвора простор за афирмација на дизајнерите, манекенките и на другите соработници во модниот свет на територијата на поранешна Југославија.
Мајкл Адам, претседателот на "Fashion TV", кој исто така присуствуваше на средбата со медиумите во Загреб, најави дека каналот ќе организира настани на хрватското крајбрежје.
Меѓу нив ќе бидат "Miss Fashion TV" забавите на плажа.