УЕФА му го урива бизнисот на Брацо во Македонија
Европската куќа на фудбалот формира своја агенција за ТВ-права, со која ФФМ веќе се согласила за потпишување договор, што значи дека компанијата „Спорт фајф“ нема да добие продолжување на договорот во овој вносен бизнис
Фудбалската федерација на Македонија нема да го продолжи договорот со „Спорт фајф“, германската компанија која „отсекогаш“ била сопственик на ТВ-правата за натпреварите на нашата репрезентација. Ова значи голем удар за застапникот на „Спорт фајф“ за Македонија, Србинот Слободан Вујчиќ, кој во минатото инвестираше во повеќето македонски клубови, меѓу кои Македонија ЃП, Вардар, Работнички, Тетекс, Победа... и човек што постојано е сива еминенција во сите фудбалски збиднувања во последните 15 години.
По ова, не се знае сега каква ќе биде одлуката на Вујчиќ околу судбината на скопски Вардар, кој во петокот судски му беше вратен на располагање. Чаршијата веднаш почна да плете приказни дека популарниот Брацо ќе го искористи црвено-црниот клуб како џокер во притисоците за продолжување на договорот со ФФМ.
Причина за прекинувањето на соработката помеѓу македонската куќа и компанијата „Спорт фајф“, која е сопственик на ТВ-правата на повеќе од половина европски држави, е фактот што УЕФА се вмешува во овој бизнис, кој тежи десетици милиони евра и е клучен во финансирањето на фудбалските федерации низ светот. Потврда за ова добивме и од претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески, кој ни соопшти дека договор за ова паднал на состанокот на „Топ егзекутив комитетот“ на УЕФА, што се одржал во Атина.
- По барање на повеќе федерации меѓу кои и ФФМ, ТВ-правата на националните асоцијации за квалификациските натпревари ќе ги организира УЕФА преку своја посебна компанија. Затоа и во Атина беше организирана презентација на идејата како УЕФА ќе ги преземе ТВ-правата на националните тимови од компаниите што сега управуваат со нив. УЕФА знае дека повеќето европски селекции, меѓу кои и Македонија, имаат договор со „Спорт фајф“, но таа е подготвена да им го преземе тој бизнис. УЕФА и „Спорт фајф“ постојано соработуваат во организација на големите настани и мислам дека не би требало тоа да им биде проблем - вели Хаџи-Ристески.
ФФМ и 15 други асоцијации и дале зелено светло на УЕФА за формирањето на нивната агенција која многу бргу ќе дојде на пазарот со ТВ-права.
- Преземањето ќе биде многу бргу, такви се најавите од УЕФА, која со ова сака да им помогне на федерациите кои досега заработуваа само трошки, додека компаниите за ТВ-права се богатеа - објаснува првиот човек на македонскиот фудбал.
Тој за примери ги наведува двата домашни меча на Македонија против Англија, првиот во 2003, а вториот во 2006 година.
- Имавме потпишани договори со „Спорт фајф“, или тогашна „УФА медиа“, по која табеларно беа наведени сумите за тоа колку вреди секој противник. Иако во договорот пишуваше дека агенцијата секогаш заработува до 30 отсто од вкупниот ќар, додека на сметката на федерациите одат преостанатите 70 отсто, тоа во практика не беше така. Па така, за првиот дуел со Англија, ФФМ доби 750 илјади евра, а подоцна добив информации дека „Спорт фајф“ за преносот заработила 3,5 милиони евра. Веднаш се побунивме во седиштето на компанијата за потоа, за вториот дуел со Англија, ФФМ да добие 1.750.000 евра, иако во табелата пишуваше 750.000 евра. А информациите тогаш велеа дека тие заработиле помеѓу пет и шест милиони евра. Затоа и сега УЕФА сака да стави ред во овој бизнис, да им помогне на федерациите. Агенцијата на УЕФА сигурно ќе работи за некаков ќар, но тоа нема да биде на штета на федерациите - вели Хаџи-Ристески.
ФФМ речиси целиот годишен буџет го планира врз основа на тоа колку во годината ќе има влез на пари од ТВ-правата. Последните два квалификациски циклуси, вклучително и тековниот за Евро 2012 година не беа наклонети за заработка, зашто во групите немавме атрактивни противници. Холандија и Русија не се во рангот на Германија, Англија, Италија или на Франција, па затоа и ФФМ не може да се пофали со милионски заработки. Но, затоа, пак, челните луѓе се надеваат дека агенцијата на УЕФА ќе понуди многу поголеми пари отколку што досега им нудеше „Спорт фајф“.