Предвидувања на видни астрономи
За две децении луѓето ќе комуницираат со вонземјани
Потрагата по живот на другите планети ќе направи огромен чекор напред оваа година, кога НАСА го лансира својот вселенски телескоп „Кеплер“, кој постојано ќе скенира 100.000 ѕвезди во зоните во кои е можен живот
Човештвото ќе оствари контакт со интелигентна вонземска форма на живот по две децении, тврдат водечките астрономи, пренесува британскиот весник „Дејли мејл“. Неодамнешното откривање планети слични на Земјата и планот за лансирање на големата мисија на НАСА во 2009 година драматично ги зголемила можностите за контакт на луѓето со вонземјаните. - Сето тоа не' прави оптимистични. Навистина веруваме дека во следните 20 години ќе научиме многу за животот надвор од Земјата и најверојатно ќе откриеме дека можеби има и поинтелигентни форми на живот некаде во галаксијата - вели американскиот антрополог д-р Френк Дрејк (76), кој го основал Проектот за потрага по вонземска интелигенција (СЕТИ) во 1961 година. Пред речиси половина век, д-р Дрејк поставил равенка за да го процени бројот на вонземски цивилизации во галаксијата. Равенката зема предвид седум фактори, вклучувајќи ја фреквентноста со која се раѓаат ѕвездите во Млечниот Пат, грубата процена на бројот на планети, можноста тие да бидат населени и претпоставките колку долго постојат интелигентните вонземски видови. Иако сите резултати на равенката се различни, д-р Дрејк вели дека просечната процена е дека во галаксијата постојат 10.000 технолошки напредни форми на живот. Теоријата била отфрлана од многу експерти се' до април минатата година, кога швајцарски тим ги откри првите две планети, наречени Љиезе 581Ц и Љиезе 581 Д, надвор од Сончевиот систем кој поддржува живот.
- Тоа покажува дека можеби постојат планети што можат да поддржуваат живот. Само во нашата галаксија има 200 милијарди ѕвезди и веројатно околу најмалку половина од нив орбитираат планети, па така добиваме 100 милијарди планетарни системи со, да речеме, по пет планети во секој систем. Тоа значи дека само таму има најмалку 500 милијарди планети, а имајте на ум дека има уште 100 милијарди други галаксии. Само луд може да тврди дека Земјата е единственото место на кое се случува нешто интересно (живот) - вели д-р Сет Шостак, постар астроном во СЕТИ.
Потрагата по живот на другите планети направи огромен чекор напред оваа година, кога НАСА го лансира својот вселенски телескоп „Кеплер“. Тој постојано ќе ги скенира истите 100.000 ѕвезди во текот на својата четиригодишна мисија за откривање планети со големина на Земјата во зоните околу сонцата во кои е можен живот. Кога „Кеплер“ ќе ги идентификува планетите кај кои е најголема можноста за откривање на живиот свет, тимот во СЕТИ ќе ја насочи својата аудиоопрема за анализирање на длабоката вселена кон тие соларни системи, наместо како досега да ги скенира најоддалечените вселенски простори по случаен избор.