Вести: Археолошки истражувања во Република Македонија

Misirkov

Модератор
Член од
17 март 2005
Мислења
11.520
Поени од реакции
1.537
Античкото име на Згрополско Кале било Гурбита



Археолозите од Народниот музеј од Велес ги завршија годинашниве истражувањата во локалитетот Згрополско Кале. Според податоците локалитетот потекнува од вториот век пред нашата и првиот век од нашата ера, а неговото античко име било Гурбита.

На просторот на некрополата на Гурбита откриени се четиринаесет гробни целини со богати гробни прилози. Украсените керамички садови, накитот, стаклените предмети, монетите, рејлефно декорираните чаши, поголемиот број теракотни фигурини и друго, јасно кажуваат дека се работи за еден поголем антички локалитет кој имал своја историја и своја култура.

"Дојдовме до сознание дека оваа некропола се одликува со гробни форми, што ретко се присутни на нашиве простори и дека тие се среќаваат само во Црногорското приморје. Посебно е карактеристично што под нивото на гробовите откривме дека имало и постари погребувања. Ова е уште еден бисер на македонската археолошка карта кој многу ретко или пак воопшто не е забележан во другите локалитети", ни рече археологот Анета Василкова Мидоска, раководител на проектот.



Пронајдените гробови се со голема димензија. Градени се солидно со правилно делкани камени плочи. Во нив се вршеле повеќе погребувања што наведува на фактот дека се работи за фамилијарни гробници. Сите откриени гробови се со спалени покојници, односно дека бил застапен ритуалот на кремација.
Луксузната керамика, пак, декорираните чаши и стаклените предмети се претпоставува дека биле донесени од големите тогашни центри од времето на хелинистичко-македонски период.

"Пронајдените богати предмети јасно кажуваат дека постојат сите индиции оти Гурбита не била само крајпатна станица, како што досега се мислеше, туку дека се работи за поголема античка населба. Со сигурност може да се каже дека се наоѓала на крстопатот на големите политички и културни влијанија од северот и од југот на Балканот", вели археологот Мидоска.

http://www.vecer.com.mk/?ItemID=1F986BB00F771D4C96A57377BF92BF4A

(Вечер, 23 ноември 2009 год.)
 

theMac3donian

Мак3донецот
Член од
5 февруари 2007
Мислења
3.690
Поени од реакции
258
Гурбита? Како Грубишта? т.е. Гробишта?
ЛоЛ
 

LordDragonII

Dr.Strangelove
Член од
15 август 2008
Мислења
10.844
Поени од реакции
5.482
Гурбита? Како Грубишта? т.е. Гробишта?
ЛоЛ

Па да, гробиште, црквиште, градиште, тумба итн итн се имиња на многу локалитети ширум државава а самите имиња (народни) им служат на археолозите како индикатор за постоење на археолошки локалитети (најчесто населби) :smir:

Ех таа наша колективна меморија што ли не прави.
 
Член од
8 ноември 2008
Мислења
2.035
Поени од реакции
977
Ова име не мора да значи “гробишта“. Гур може да значи и птица или богатство, печалење, печалба, додека зборот бита значи “куќа“, па така името Гурбита би значело “птичја куќа“, “куќа на птиците“, “орлово гнездо“ (некој би рекол : “чавкарница“:vozbud:), или би значел : “богата куќа“, “богаташка куќа“.

Ова го пишувам само како алтернативно мислење. Не тврдам дека сум во право. Мислам само дека и други варијанти на името треба да се разгледаат, па да се оди на гурбет...
 

theMac3donian

Мак3донецот
Член од
5 февруари 2007
Мислења
3.690
Поени од реакции
258
Ова име не мора да значи “гробишта“. Гур може да значи и птица или богатство, печалење, печалба, додека зборот бита значи “куќа“, па така името Гурбита би значело “птичја куќа“, “куќа на птиците“, “орлово гнездо“ (некој би рекол : “чавкарница“:vozbud:), или би значел : “богата куќа“, “богаташка куќа“.

Ова го пишувам само како алтернативно мислење. Не тврдам дека сум во право. Мислам само дека и други варијанти на името треба да се разгледаат, па да се оди на гурбет...
Во ред, јас само ова го кажав бидејки баба ми (од на мајка ми страната) гробиштата ги нарекува „гурбишта“ додека јас „грубишта“ (замена помеѓу „р“ и „у“. Моето мислење не е основено на историско познавање, факти или споредби со други теории. Едноставно тоа го кажувам како што звучи, за да се знае дека постои такво нешто. Другото го препуштувам на историчарите.
 

Misirkov

Модератор
Член од
17 март 2005
Мислења
11.520
Поени од реакции
1.537
Гробница од вториот век, раноримскиот период, открија археолозите од Заводот и од Музејот на Штип на локалитетот Гајнов дол во општината Конче



Трајче Нацев, раководител на археолошките истражувања, оценува дека наодите се ексклузивни на територијата на Македонија и воопшто бидејќи првпат во ваква гробница се откриваат дрвени садови и кожни обувки со прекрасна декорација.

- Дрвениот сад и двата чифта обувки се стари 18 века, значи станува збор за бисер во археологијата - вели Нацев.

Антрополошките анализи, додава Нацев, ќе покажат дали во гробницата бил погребан црковен или воен великодостојник или негова сопруга.

Покрај овие наоди, откриени се и бронзени садови, голем број монети и синџирче од бронза, кое било обвиткано, како што е вообичаено, околу лакримариумот - стаклениот сад за солзи, но и околу дрвените садови, што не е вообичаено.

- Истражувањата траат веќе 45 дена, а ќе завршат до крајот на месецот. Сите археолошки наоди ќе бидат конзервирани и однесени или во лабораторијата на Заводот за заштита на споменици и Музејот на град Штип, или во Музејот на Македонија - вели Нацев.

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=11209114596&id=16&setIzdanie=21842
 

Misirkov

Модератор
Член од
17 март 2005
Мислења
11.520
Поени од реакции
1.537
Артефакти запленети во Гевгелија



Осумдесет и пет артефакти, од кои најголем дел се бронзени монети од античко-македонскиот и рано-римскиот период, полицијата пронашла кај 51-годишниот гевгеличанец Илија.

Артефактите биле пронајдени во куќата и помошните простории каде што тој живеел.Музејот во Гевгелија потврдил дека пронајдените предмети потекнуваат од археолошкиот локалитет „Вардарски рид“ и месноста „Сува Река“ кои се наоѓаат во близина на овој град.

„Пронајдените предмети со потврда за привремено одземени предмети се одземени од И.Д против кого по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена кривична пријава“, рече Хризантема Рендевска портпарол на СВР Струмица.

Тој според полицијата и претходно бил пријавуван за тешки кражби. Вардарски рид спаѓа во локалитетите кои во изминатите години беа честа мета на дивите копачи од југоисточна Македонија.

http://www.a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=117131
 
Член од
10 октомври 2009
Мислења
2.842
Поени од реакции
1.027
Лошо е што има многу диви ископувања.
 

Misirkov

Модератор
Член од
17 март 2005
Мислења
11.520
Поени од реакции
1.537
Лошо е што има многу диви ископувања.
Марвинци во Грција

Се претпоставува дека само од локалитетот Марвинци во изминативе 20-30 години се ископани околу илјада гробни места, а огромен број артефакти се препродадени во Македонија, но и надвор од неа. Оние што стигнале во Грција завршиле како предмети со грчко потекло. Материјалната придобивка за дивите копачи е мотив за нелегално ископување на артефактите, бидејќи на црниот пазар монетите, на пример, се продаваат од 1.000 до 6.000 денари за парче, но по чистењето и обработката се продаваат и до 5.000 евра на меѓународните аукции.

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=111310106402&id=9&setIzdanie=22132
 
Член од
1 ноември 2010
Мислења
595
Поени од реакции
239

Misirkov

Модератор
Член од
17 март 2005
Мислења
11.520
Поени од реакции
1.537
ИСТРАЖУВАЊА KАЈ ТРЕМНИK, НЕГОТИНСKО

Археолозите влегоа во центарот на мистериозната Антигонеа
16.06.2013



Широката градска улица и атрактивниот изглед на водоводот ги заинтригираа научниците и ги охрабрија да претпостават дека ги истражуваат остатоците од Антигонеа, еден од македонските антички градови чија локација се уште е непозната



Римски акведукт и центар на град од раната антика открија археолозите во неготинското село Тремник. Широката градска улица и атрактивниот изглед на водоводот ги заинтригираа научниците и ги охрабрија да претпостават дека ги истражуваат остатоците од Антигонеа, еден од македонските антички градови чија локација с` уште е непозната. Претпоставките досега упатуваа дека градот се наоѓал на локалитетот Градиште над Неготино, каде што пред неколку години беа пронајдени масивни ѕидини и повеќе објекти. Со последното откритие на Тремник се зголеми бројот на локации што треба да се истражуваат и да се трага по доказ на кој ќе пишува „Антигонеа“.

Интересно за 21 век, но човек треба навистина да се помачи да стигне до Тремник ако не потекнува од тој крај. Ниту една табла или патоказ нема да ви помогне. За среќа, пријателите што го истражуваат локалитетот помагаат и н` упатуваат на стариот пат што води од Неготино кон Демир Kапија.

Следејќи ги насоките, стигнуваме до крајот на селото, веднаш над црквата „Св. Троица“, над која се гледа откоп, долг околу 30 метри, кој покажува дека Римјаните биле фантастични градители. Водата с` уште тече низ акведуктот, а преку подземните води се слева до чешмата, неколку метри подолу, од која и денес истекува силен млаз вода. Да, ова чудо на Римјаните и по 2.000 години функционира.

Работници од Тремник и од Неготино им помагаат на археолозите од катедрата за археологија при Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“. Во проектот учествуваат и нивни колеги од музеите на Македонија и на Неготино. Истражувањата ги раководат Марјан Јованов и Антонио Јакимовски, доценти на Филозофскиот факултет. Едниот работи на Чаир Рид, близу селото каде што се појавија остатоци од градот, а другиот на римскиот водовод. На терен се веќе еден и пол месец.

- Откривме римски водовод кој бил изграден меѓу 1 и 3 век. Од едната страна завршувал со фонтана во римскиот храм, кој се наоѓал до денешната црква. На другата страна сигурно продолжува, но треба да видиме до каде. Градбата е висока повеќе од 1 метар, каналот е 60 сантиметри, а горниот ѕид е направен од сполии - отворени пропусти. Освен што ја носи водата од некој извор, собира како каптажа и други води. Долната страна е со хидростатен малтер за да ја држи водата. Прекрасно е изѕидана со тегули (покривни ќерамиди). Овој вид првпат тука го среќаваме бидејќи бил правен специјално за овој акведукт – објаснува Јакимовски.

С` уште е претпоставка

Археолозите претпоставуваат, а акведуктот е еден од нивните адути, дека станува збор за голем град. Исто како денес, и тогаш селата немале водовод.

- Според Табула Поитингеријана, знаеме дека јужно од Стоби на 12 римски милји се наоѓа градот Антигонеа. Имаше претпоставки дека можеби е овој локалитет или „Градиште“ кај Неготино. Од Стоби до Неготино има 17 километри, а до Тремник 22 километра. А 12 римски милји се 19,6 километри. Со сигурност не може никој да тврди додека не најдеме сигурен доказ. Уште се хипотези, но според богатството сконцентрирано на овој простор во селото Тремник, најверојатно ова ќе биде таа фамозна Антигона што во науката се бара 160 години и има полемики за нејзината позиција – вели Јакимовски.

Веќе помина пладне и останатиот дел од екипата е во неготинскиот музеј, каде што се обработуваат пронајдоците. Домаќин ни е Петар Ризов, директор на музејот. Тука е и Марјан Јованов, кој ни ги раскажува фактите за Чаир Рид и деловите што полека ја составуваат приказната. Овој локалитет е одамна познат во археолошката наука. За неговото значење и големина постоеле различни мислења и теории, но никогаш досега не бил систематски истражуван. Затоа решиле да се обидат да ги фатат границите на локалитетот, да ја утврдат неговата стратиграфија, времето кога настанал и да проникнат подлабоко во минатото. Отвориле околу 200 квадратни метри. Скромните средства не дозволуваат повеќе.

- Се изненадив што на врвот од ридот, каде што по редот на нештата треба да биде акропола на античкиот град, откривме централен дел на град од раноантичко време, од 4 и 3 век пред новата ера. За тоа сведочат движните археолошки наоди, многубројни керамички фрагменти, мегарски чаши, неколку монети – материјал што ни дава можност прецизно да го датираме локалитетот. Тие се од периодот од Филип Втори до следните македонски кралеви. Откривме град со урбана концепција – дел од улица, засега долга околу 30 метри. Широка е 1,8 метар, а лево и десно се наоѓаат занаетчиски дуќани, работилници. Била поплочена, каква што ретко се среќава во многу поголеми и поистражувани локалитети од тој период. Ова не е скромна, мала безначајна населба, туку град во вистинска смисла на зборот – вели Јованов.

Пресмело, но можно

Според него, ова дава можност да претпостават или да размислат уште еднаш за убикацијата на познатиот град Антигонеа, изграден во раноантичкиот период, за кој во науката досега постоеја различни претпоставки, а една од нив е Градиште.

- Можеби е пресмело, но не е на одмет да се размислува за таа идеја, дека можеби се наоѓа токму на локалитетот Чаир Рид – вели Јованов.

Приказната продолжува. Античкиот град на Чаир Рид егзистирал кусо време. Настанал наеднаш, по подредена урбана шема, и наеднаш згаснал. Веројатно со потпаѓањето на Македонија под римска власт, во средината на 2 век пр.н.е.

- За Римјаните, градот го губи значењето и дозволуваат да замре. Го фаворизираат Стоби, кој е во непосредна близина – објаснува Јованов.

Според стратиграфијата, тука се живеело уште во доцното бронзено време, веројатно во два хоризонта, во 15 и 11 век пр.н.е. Просторот бил населен, а за тоа сведочат не само остатоците од населби на Чаир Рид туку и тие на соседниот рид, каде што е откриена некропола од истото време. Екипата од Музеј на Македонија под раководство на археологот Александра Папазова-Санев во изминатите неколку години откри десетици гроба од тој период.

- Во римско време урбаната населба била поблиску до водата, веројатно кај водоводот, каде што има архитектонски елементи од камена пластика, од сакрални објекти од римско време – вели Јованов.


Градот го подигнал Антигон Гонат



Според историските извори, Антигонеа ја изградил Антигон Гонат во првата половина на 3 век пр.н.е. Градот бил изграден од држава или личност која располагала со капитал. Градителот имал одредена идеја, оти ја поставил на рамен, ненаселен, чист, но доминантен простор.

- Ретко имаме такви ситуации. На некој начин е ситуација „Помпеја“ - град кој наеднаш престанува да живее. Причина не е пожар или земјотрес. Едноставно не им требал на Римјаните. Тоа е моќна држава што ја контролира цела Европа, па римските војски немаат потреба да бегаат на врвовите од ридишта и да се кријат. Нема историски податоци како згаснува градот што го изградил Антигон Гонат. Единствена реална причина се македонско-римските војни во кои Македонија ја губи битката и потпаѓа под римска власт – вели Јованов.

Во истражувањата учествуваа и триесетина студенти што имаа теренска настава на Тремник. Ископувањата ги финансира Министерството за култура, но екипата добива помош и од градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов.


Весна И. Илиевска

http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=522A9182C6E7014D87BDE0CBDD018B05
 
Член од
25 декември 2008
Мислења
1.832
Поени од реакции
951
ИСТРАЖУВАЊА КРАЈ АВТОПАТОТ ДЕМИР KАПИЈА - ГЕВГЕЛИЈА

Луксузен гроб на девојче, но и оштетен капитален објект





Помали антички населби, повеќе објекти, монети, фрагментирана керамика, но и богати погребувања открија археолозите во изминатите шест месеци додека истражуваа повеќе локалитети од Демир Kапија до Гевгелија. Заштитните истражувања беа спроведени поради изградбата на Kоридорот 10, кој ќе ги поврзува овие два града, а е долг околу 20 километри. Повеќемина археолози од Струмица, Гевгелија и од Скопје требаше за кратко време да го истражат теренот кој ќе биде асфалтиран, а тешката градежна механизација можеше засекогаш да ги уништи културните слоеви на крајот.

Истражувачкиот тим го предводеше археологот Ване П. Секулов, од Заводот и музеј од Струмица. Kораководители на истражувањата беа неговиот соработник Зоран Рујак и Емил Сламков од гевгелискиот музеј, им помагаа и колеги од музеите на Македонија и на град Скопје, а беа ангажирани и локални работници.

Секулов вели дека работеле на повеќе локации. Една од нив е Св. Илија - Пиут, западно од селото Смоквица. Во првиот сектор обработиле и дефинирале најмалку три објекти и седум гроба.

- Објектите беа многу оштетени, но успеавме прецизно да го одредиме времето кога биле употребувани, според керамиката типична за доцнохеленистичкиот период и времето на републиканскиот до раноцарскиот период од римското владеење. Веројатно тука егзистирала мала населба од 1 век пред новата ера до крајот на 2 век - вели Секулов.

Карпата ги „јаде“ коските

Археолозите во гробовите не пронашле остатоци од скелети поради киселоста на карпата, во која биле вкопани гробните јами. Таа целосно ги уништила. Kај кремираните покојници нема остатоци од ритуалот - значи спалувањето се вршело на друго, посебно место.

- Мала ексклузива е железниот градежен шестар и дршка од поголем метален сад, градежни алатки. Монетите се од крајот на вториот и почетокот на 3 век. Во вториот сектор откривме девет гроба, четири со кремирани, а другите со инхумирани покојници. Еден од нив е особено луксузен, каде што било погребано девојче со две златни обетки, ѓердан од стаклена паста и еден сребрен прстен - објаснува Секулов.

Во истиот сектор се пронајдени повеќе јами од помладото камено време, со фрагментирана керамика, откршени камени алатки, некаде и животински коски.

- Речиси е сигурно дека се отпадни јами од времето на средниот неолит (5600-5300 г. пр.н.е). Материјалот може да го определиме во рамките на Анзабегово-вршничката културна група - вели Секулов.

На локалитетот Св. Илија кај с. Смоквица е пронајден објект што бил дел од поголема населба од времето на римското владеење. Тука археолозите откриле траги од диви ископувања, па решиле сосема да го истражат локалитетот. Откриле седум бронзени монети, бронзени предмети со непозната намена, фрагменти на дно од стаклен сад со зелена боја и мали стаклени топчиња, фрагментирана лажичка од коска со врежана декорација, остатоци од железен нож и кружна бронзена апликација, интересен керамички тег со стилизиран натпис.

Ископувања кај Милетково и Миравци

- Речиси низ целиот објект се појавуваше керамика со добро препознатливи форми својствени за римската епоха, односно 2-3 век. Објектот служел за домување. Населбата згаснала кон средината на 3 век, во периодот на турбулентните времиња на граѓанските војни, со кои овие краишта биле посебно погодени - вели Секулов.

На локалитетот Бачилиште, кај село Милетково, откриен е голем, капитален објект со површина од околу 200 квадратни метри. Објектот е слабо зачуван. Последното оштетување е направено со пробивање на трасата за современиот автопат, само неколку дена пред да почне археолошкото истражување.

- Со тешка механизација целосно е уништен централниот дел. Сепак со она што останало може да се каже дека бил во функција на мал земјоделски комплекс, а егзистирал од крајот на 1 до средината на 3 век. Пронајдовме монети на императорот Нерва (96-98 г.), Хадријан (117-158 г.), преку Марко Аврелиј (161-180 г.), и завршуваат со Гортинијан од средината на 3 век - објаснува Секулов.

Археолозите истражуваа и на локалитетите Трските и Будланица кај Милетково и на Голем Вардар во атарот на Миравци.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=06C84F7AE6EA6D46B7874A41B6CD8D2B
 
Член од
25 декември 2008
Мислења
1.832
Поени од реакции
951
ИСТРАЖУВАЊА НА ДОЦНОАНТИЧKИОТ ГРАД KАЈ ШТИП
Пајонските кралеви биле крунисувани во Брегалница

Археолозите открија остатоци од пајонска населба кај штипскиот локалитет Баргала, оддалечена четириесетина километри од еден од најголемите пајонски центри и градови - Билазора кај денешно Свети Николе
Пајонците кои населувале дел од територијата на денешна Македонија во 8 век пр.н.е. живееле и во штипскиот регион, открија археолозите со истражувањата на локалитетот Баргала. Тие деновиве дојдоа до нови сознанија за значајниот доцноантички град, кој се наоѓа на дваесетина километри од Штип. Голема е веројатноста и дека пронајдоа досега неоткриена некропола на градот. Од другата страна на Kозјачка Река, на 300-400 метри од Баргала, имало и пајонска населба.

- Лани, откако беа утврдени нелегални ископувања од диви копачи, почнавме со истражување на локалитетот Џамалзлиски или Василичарски гробишта, кој се наоѓа од левата страна на Kозјачка Река, на 300 метри од старата црква „Св. Ѓорѓи“ и од Баргала. Беа откопани една ѕидана гробница од камен и од малтер, покриена со плочи и блокови, една семејна гробница со шест гроба врамени со камени блокови во една целина и уште неколку гробови во близина на семејната гробница од типот на меморијалници, што потекнуваат од 4 и од 5 век. Со годинашните истражувања откриени се десет гроба со скелетни погребувања. Сето ова укажува дека постои голема веројатност овде да била лоцирана некрополата на Баргала, што ќе го потврдуваме со натамошните истражувања - велат археолозите од штипскиот Завод и музеј.

Ископувањата ќе продолжат

Во слоевите под гробовите тие пронашле многу примероци на керамика од железното време, односно пајонскиот период, што укажува дека тука постоела пајонска населба од тоа време.

Во средното течение на Брегалница со пајонскиот период се поврзуваат уште неколку локалитети, како Горно Поле кај Kараорман и Kриви Дол кај Радање. Вредните предмети пронајдени на овие локалитети се во збирката на штипскиот музеј, но поголема населба досега не била констатирана.


- Ќе продолжиме со истражувањето. Голема е веројатноста овде да имало пајонска населба, оддалечена четириесетина километри од еден од најголемите пајонски центри и градови - Билазора кај денешно Свети Николе. Со тоа уште еднаш ќе се потврди егзистирањето на Пајонците на овие простори, кои своите кралеви, според историските податоци, ги крунисувале во реката Астибо, денешна Брегалница. Македонскиот крал Филип Петти во 217 година пр. н. е. ја приклучил Пајонија кон Македонија, а по освојувањето на овие простори од Римјаните во 168 година пр. н. е., името Пајонија веќе не се споменува, туку само Македонија - истакнува археологот Митко Штерјов.

Осветлен доцноантичкиот град Баргала

Посериозните археолошки истражувања на доцноантичкиот град Баргала, кој потекнува од 5 век почнале пред речиси половина век, на површина од 4,5 хектари досега се пронајдени многу наоди. Откриени се главната порта, бедем со целиот епископиум, бањата, цистерни, базилики.

- Истражувањата на Баргала и годинава се со поддршка од Министерството за култура. Првпат откако почнале посериозните истражувања во 1969 година, локалитетот се електрифицира. Осветлени се црквата „Св. Ѓорѓи“ и зградата во која работат археолозите, а в година осветлен треба да биде целиот локалитет - вели Зоран Читкушев, директор на штипскиот Завод и музеј.

http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=CAB4F98101667A4FB5AD65BEB7D94B74
 
Член од
1 ноември 2010
Мислења
595
Поени од реакции
239
- Откривме римски водовод кој бил изграден меѓу 1 и 3 век.

вакви работи , од нашите, бодат очи..
римски водовод може да има во Рим, ама во Неготино?
веројатно водовод изграден во периодот од римското владеење, време, период...
никој од Рим не дошол да гради водовод во Неготино..
колку што знаеме, во Пела постојат водовод и лајнасобиралник уште од 350 бц...
Keith Chapman, Laboratory Program Manager, Willow Lake Treatment Plant, Salem, Oregon.
колку што знаеме, Рим го презел овој домен од нас, пред тоа Рим пливал во лајна до колена...
 

karan

бивш поет, плукач, вљубеник во слободата
Член од
31 мај 2006
Мислења
3.522
Поени од реакции
2.510
ОТКРИЕНИ ТЕРАКОТНИ БОЖИЦИ ВО АНТИЧКО ПЕШТЕРСКО СВЕТИЛИШТЕ КАЈ ДЕМИР KАПИЈА



Археолозите деновиве пронајдоа фигури на божици, во чија чест, но и за сопствена среќа, поклониците жртвувале животни. Во единственото античко пештерско светилиште во Македонија има остатоци од ритуали и од поново време
Единственото пештерско античко светилиште во Македонија се наоѓа во пештерата Горен Змејовец кај Демир Kапија, место што се поврзува со култни дејства поврзани со плодноста. Доказ за тоа се теракотните фигури на женски божици што деновиве беа откриени во пештерата. Се претпоставува дека во антиката овде доаѓале главно припаднички на понежниот пол кои негувајќи го култот кон одредена божица изведувале ритуали за плодност. Тие верувале дека божествата ќе им помогнат, вели археологот д-р Марјан Јованов, кој ја предводеше истражувачката екипа.

Фигури како човечки глави

- Покрај огромниот керамички материјал што го пронајдовме, откривме и коски од животни, најверојатно од говеда и кози. Животните сигурно биле жртвувани во самите обреди кои се спроведувале во пештерата - објаснува Јованов.

Но, во пештерата може да се видат и ритуални облици, најверојатно за пород, кои потекнуваат од поново време.

- Еве, овој конец врзан овде во пештерата, јасно говори за верувањата кај луѓето дека одредени ритуали може да им помогнат да дојдат до посакуваната среќа - вели тој.

Природата богато ја надарила пештерата. Воодушевувачки се прекрасните пештерски украси во неколку галерии, таванот по кој водата која се слева оставајќи жолти траги како да се работи за течно злато. Тука се и извонредните камени фигури кои личат на човечки глави, животни, мајка со дете и друго.

Доцентот Јованов од Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје призна дека го почнале проектот со сомнеж, дека богатиот археолошки материјал е уништен бидејќи имале сознанија од демиркапиското население оти ловците по богатства ја посетувале пештерата.

- Сондажните испитувања што ги направивме со финансиска поддршка на Министерството за култура и во соработка со Домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Kапија покажаа голем археолошки потенцијал. Би сакале проектот да продолжи во наредната година оти очекуваме значајни научни резултати. Досега овој објект е недоволно истражен во археолошка и спелеолошка смисла. Локалитетот има огромен културен и туристички потенцијал и неверојатна убавина. Претставува спој на природна реткост со прекрасни пештерски украси и извонредна археолошка приказна која може да биде магнет за домашните, но и за странските туристи - нагласи Јованов.

Тој беше дециден дека надлежните треба да инвестираат во истражувањето на објектот чие приближување до пошироката јавност може да донесе туристички ефект. Тоа мора да биде и археолошко и спелеолошко.

- Мора да се размислува за инвестирање во патот до пештерата. Без соодветен пат, таа останува отсечена од светот и до неа може да дојдат само најупорните и најхрабрите што немаат намера да се штедат. Не е познато дали во минатото до пештерата имало некоја населба, но ако зборуваме за денешни услови, јасно е дека со оглед на непроодноста, некој мора да има ептен голема мака, па да помине толку пат за да го посети ова некогашно светилиште. Маката ги тера луѓето да веруваат во чуда - вели професорот.

Непристапен терен

За да се стигне до пештерата која е „на Господ зад грбот“ треба да се помине река од камења, голема нагорнина, патека обрасната со дрвја, грмушки и други пречки. До убавицата на ридот Kраставец кај Демир Kапија се потребни 4 часа „новинарско одење“ по непристапен и тежок терен, плус два часа пешачење назад. Додека надвор беше пекол, во пештерата температурата изнесуваше 12 Целзиусови степени. Тие што се впуштаат во една ваква авантура, со себе мора да понесат храна, вода, алишта и добри обувки. Јованов вели дека ова е најтешкиот терен на кој работел, но сепак бил предизвик за него.

Екипата на „Дневник“ до пештерата стигна по вториот обид, откако првиот пропадна бидејќи на половина пат, еден член на археолошката група доживеа мозочен удар, па истражувањето беше откажано за да му се помогне на несреќниот член на екипата, за кој настан пишувавме деновиве.

Светлана Дарудова

http://dnevnik.com.mk/?ItemID=849ABC34B064EB4BBF95149250E5B7D3
 
На врв Bottom