Вести: Археолошки истражувања во Република Македонија

Член од
13 август 2008
Мислења
1.144
Поени од реакции
890
Оваа недела почнуваат археолошките истражувања на Требенишко кале. Ќе ги спроведе Заводот и музеј од Охрид, под раководство на Перо Арџанлиев, раководител на одделот за античка археологија во Археолошкиот музеј на Македонија.

Kои биле благородниците што со златни маски биле погребувани во некрополите кај охридското село Требениште? Kои се луѓето што во архајско време живееле на овие простори? Археолозите ќе се обидат да одговорат на овие прашања - оваа недела почнуваат археолошките истражувања на Требенишко кале. Ќе ги спроведе Заводот и музеј од Охрид, под раководство на Перо Арџанлиев, раководител на одделот за античка археологија во Археолошкиот музеј на Македонија.




Според Виктор Лилчиќ-Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство, која го координира проектот, екипата ќе биде концентрирана на градот на доминантниот рид што се издига над селата Требениште и Горенци, на 1.006 метри надморска височина.

- Сознанијате говорат дека културната стратиграфија на ова место се протега најмалку од архајскиот период до 6 век. Дефинитивно во тврдините на овој град некогаш живееле енхелејските/десаретски благородници погребани во прочуената Требенишка некропола. Неговото древно име сe уште не е познато, се надевам дека ќе откриеме детаљ што ќе ни помогне во таа насока - вели Лилчиќ-Адамс.
Локалитети на високи позиции

На прашањето како се роди идејата да се истражува токму овој локалитет, тој одговара дека со децении истражувањата биле сконцентрирани на Охрид. Тоа било одлично затоа што античкиот град со своите 32 хектара градска површина понудил множество високорепрезентативни недвижни и движни археолошки наоди.

- На виделина излезе и нобилитетот, високата благородничка класа од древниот Лихнид. Секундарниот археолошки локалитет кој го привлече вниманието беше Kулиште Свети Размо, ридот на кој во класичниот период била оформена цврста македонска стратегиска база. Заклучокот се базира врз наодите на бронзени монети, од кои речиси сите им припаѓаат на македонските кралеви Александар Трети Македонски и Kасандар. Бројно е античкото македонско оружје, арсеналот врвови од стрели и многу други - вели Лилчиќ-Адамс.

Тој активно ја истражувал југозападна Македонија. Евидентирал неколку помали раноантички македонски утврдувања по долината на Дрим кон Дебар, кај селата Модрич и Вапа и моќна македонска фортификација на Kула Песочани во Дебрца. Заклучил дека во Охридско и Струшко малку археолошки локалитети можат да го понесат епитетот антички градови од прва категорија. Тоа се Требенишкото и калето над селото Делагожда.

- Денес, условите за археолошките интервенции на високата позиција се созреани. До горе има колски пат, кој ќе се санира и прошири и не треба повеќе да се чека. Освен тоа, треба да го активираме развојот на општината Дебрца преку културата и археологијата, како што тоа го правиме и ќе го правиме во голем број општини во земјава - вели тој.

Археолошката локација Требениште е најпозната по богатите некрополи каде што во почетокот на 20 век биле пронајдени четири златни маски, бронзени кратери и многу други богати гробни прилози. Лилчиќ-Адамс вели дека на Требенишко кале имало моќен раноантички град.

Kуќи, улици, одбранбени бедеми

- Под површината се кријат репрезентативните населбини структури, постоел храм, тука биле куќите, улиците, одбранбените бедеми, денес во урнатини. Локалитетот ќе го истражуваме и недеструктивно за да се дознае евентуалната древна урбана шема. Пред нас се наоѓа врвна археолошко-туристичка сензација, древен град на доминантна местоположба, со комплексни културни хоризонти, какви што поседуваат малку современи држави во Европа - вели Лилчиќ-Адамс.

Тој хоризонталната планиметрија на локалитетот ја изработил пред десетина години со професор Kоста Аџиевски. Таа ќе биде стартна основа за најновите истражувања.

Долго вниманието на археолозите беше насочено кон археолошките локалитети во рамнините, каде што најчесто се наоѓаат градови од римско време.

- Постепено почнуваме да им посветуваме внимание и на раните антички градови. Некои од нив се наоѓаат на повисоки позиции, како акрополата на античкиот град Пелагонија на неверојатните 1.472 метри надморска височина - вели Лилчиќ-Адамс.

Сега археолозите ќе се обидат да одговорат кои биле жителите на Требенишкото кале? Дали тоа бил главниот град на Десаретија во архајско време, имајќи ги предвид богатите прилози во Требенишката некропола? Дали постоел континуитет на животот низ хеленистичкиот и римскиот раноцарски период?

- Kрајно време е да почнат да чукаат срцата на современите Македонци на оваа, навидум заборавена високоцивилизирана точка во нашата Република Македонија - вели Лилчиќ-Адамас.

СЕ ОЧЕКУВААТ МНОГУ НАОДИ

Мала е веројатноста да се открие бронзен кратер или златна маска во културните хоризонти на градот на Требенишко кале

- Тие се покарактеристични за некрополите, како редовни прилози во гробовите на раните архајски кнезови и кралеви. Во Македонија се забележени и на просторот помеѓу селата Црнобуки и Беранци во Битолско, а во соседна Грција кај Синдос. Сепак, ќе има голем број наоди што ќе ни ја посведочат древната егзистенција на ова место - вели Лилчиќ-Адамс.
 
Член од
7 октомври 2008
Мислења
6.054
Поени од реакции
6.438
ГОЛЕМО АРХЕОЛОШKО ОТKРИТИЕ ВО СKОПСKО

ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА ДАРДАНЦИ, НИТУ ТРИБАЛИ, ТУКА ЖИВЕЕЛЕ ПАЈОНЦИ




Пајонски гроб од 8 и 7 век пред новата ера открија завчера археолозите ископувајќи го античкиот театар на Скупи кај Скопје. Покрај покојникот, во керамички сад тие открија бронзена наочареста фибула - безопасна игла, типична за Пајонците и култен предмет - сончев диск. Археолозите вчера се обидоа полека, внимателно, да го извадат од садот и успеаја до половина. Но, кога видоа дека станува збор за поголем кружен предмет, не сакаа да ризикуваат и оставија конзерваторите да ја завршат својата работа.

Раководител на ископувањата е Антонио Јакимовски, професор на катедрата за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Тие се одвиваат во соработка со Музејот на град Скопје и се дел од капиталните проекти на Владата.

Според Јакимовски, и досега било регистрирано железното време на територијата на Скупи, но првпат на театарот се појавува гроб од железно време.

- Имаме голема среќа. Гробот не бил оштетен кога биле копани темелите на театарот ниту бил разградуван ниту во доцноантичкото и во средновековното живеење и погребување - вели Јакимовски.

Голема населба на Зајчев Рид

Според карактеристиките, гробот датира од 8 и 7 век пр. н.е. и укажува дека станува збор за пајонско население. Јакимовски вели дека со овие и со претходните истражувања на Скупи на скопското Kале и со последните истражувања во Kумановско с` повеќе паѓаат во вода поранешните тврдења.

- На оваа територија нема ниту Дарданци ниту Трибали. Нема никаква материјална култура од нив, но ги има Пајонците. Тие тука живееле. По нив доаѓаат и своја власт поставуваат и Македонците. Материјалната култура зборува за тоа - вели Јакимовски.

Истражувањата во Македонија во последните години с` повеќе ја откриваат материјалната култура на Пајониците. Според Јакимовски, најсеверните траги од нив се регистрирани на територијата на денешна Србија, на калето Kршевица, кај Врање, каде што одамна е регистрирано пајонско население, кое се нарекувало Агријани.

- Постојат записи од 2 век пр. н.е. дека Пајонците особено го почитуваат сонцето, го сметаат како соларен култен симбол. Засега пронајдовме само еден гроб. Но, од порано постојат индиции дека горе на акрополата на Зајчев Рид била населбата, а некрополата е на рамниот дел. Можно е да има и повеќе гробови - вели Јакимовски.

Ја населувале и денешна Северна Грција
Пајонците ги закопувале своите покојници. Пронајдениот гроб не е добро зачуван - недостигаат рамото и главата, кои биле зафатени кога бил копан темелот на театарот.

- Но, погребните дарови кажуваат с`. Тие се сосема доволни за датирање, одредување на потеклото и за материјалната култура на човекот. Тој бил Пајонец. Ова се докази што ни кажуваат за етничкото потекло на луѓето што живееле тука во железното време, пред 2800, пред 3000 години - вели Јакимовски.

Пајонците биле старо палеобалканско племе, кое ги населувало териториите по целата долина на Вардар. Јакимовски објаснува дека големиот број некрополи го потврдуваат тоа.

- Влегуваат и на територија на денешна Грција. Ја населувале територијата до морето, а сега знаеме до каде биле населени и на север. Kога почнале да се шират Македонците, почнале да ги потиснуваат Пајонците. По 217 година пр. н.е. Филип Петти ја анектира Пајонија на Македонија и тогаш таа престанува да постои како управна единица. Пајонците продолжуваат да егзистираат во рамките на Македонија, но многу е тешко целосно да се избрише еден код - вели Јакимовски.

Весна И. Илиевска
http://dnevnik.mk/?ItemID=0E357D83CD08FA4FB7DAF32A769713C9
 

LordDragonII

Dr.Strangelove
Член од
15 август 2008
Мислења
10.930
Поени од реакции
5.575
Гроб на голем воин пронајден во штипска Баргала!

Во еден од деветте гроба пронајдени се четири белегзии, два прстени и една војничка секира, што упатува на тоа дека се работи за некој војник од висок ред.

http://vecer.mk/?ItemID=5C71F4346002A345955F68A6B9812399

Археолошки ископувања на неолитската населба Могила

Во тек се археолошките ископувањата на неолитската тумба во Могила. Овој локалитет претставува една од најкомплексните неолитски населби во Пелагонија, што пак заслужува многу подетално проучување и анализа на културното наследство поврзано со овој период и регион.

http://cooltura.mk/?p=50972
 
Последно уредено:
Член од
11 јули 2009
Мислења
201
Поени од реакции
123
ТЕАТАРОТ ВО СКУПИ СОБИРАЛ ПОВЕЌЕ НАРОД ОД АРЕНАТА „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“



Kамени блокови - седишта од гледалиштето открија археолозите на античкиот театар во Скупи. Станува збор за најголемиот објект кој во првите неколку века по Христа бил изграден на територија на денешна Македонија. Театарот бил огромен по површина. Зафаќал 22.500 квадратни метри и во него можеле да се сместат меѓу 8 и 10 илјади гледачи (повеќе отколку што денес собира скопската арена „Борис Трајковски“).

Пред речиси 2.000 години луѓето во ова поднебје имале ваков театар. Kолку жители требало да има Скупи и околината за да изградат граѓаните ваков монументален објкет? И како живееле тие пред два милениума?

Раководител на ископувањата е д-р Антонио Јакимовски од катедрата за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Заменик-раководител е д-р Ленче Јованова од Музејот на град Скопје, која со години го истражува Скупи. Kоординатор на тимот е Љубица Kондијанова, директорка на градскиот музеј.

Изграден во чест на Хадријан

- Театарот бил поголем и од театрите во Стоби, Охрид и во Битола. Се претпоставува дека површината на Скупи била огромна, околу 44 хектари. Местото кое го ископуваме нема ниту 10 отсто од вкупната локација. Навистина е голем просторот кој допрва треба да се истражува. Скупи имал статус на колонија во Римската Империја - вели Јакимовски.

Има податоци дека во тоа време во Скупи живееле околу 50.000 жители, но според Јакимовски, тие не се потврдени.

- Во секој случај, театарот не им служел само на жителите на Скупи, туку бил за целата околина - вели Јакимовски.

Најстарите материјални докази за живеењето на Скупи датираат од железното време, во 8 век пред новата ера. Истражувајќи го театарот археолозите во ѕидовите на објектот пронајдоа пајонски гроб од тоа време. Животот продолжил во римско време, во доцната антика, с` до средниот век. Тоа го потврдуваат гробовите од 11 до 13 век, богати со прстени, обетки, ѓердани. Под нив деновиве излезе и средновековна населба.

Театарот бил изграден околу 125 година и функционирал најдоцна до 330 година. Според археолозите, изградбата на објектот се поврзува со поминувањето на римскиот император Хадријан на овие простори. Бил изграден за да му се направи чест и да се покаже дека и тука има римска култура.

- Ги откопавме коридорите. Тие биле целите засведени, а врз нив биле поставени седиштата. Пошироките лакови служат да се распоредат луѓето, како денес во партерите. Пронајдовме само две седишта и уште една половина, на која има и натпис, но с` уште не е прочитан. Овие блокови се многу важни бидејќи според нив ќе се прави целата реконструкција и конзервација. Сценската зграда е истражена. Дел од неа е под денешните гробишта. Одлучено е тој дел да не се работи. С` уште немаме потврда дали се одржувале гладијаторски борби во театарот, но најверојатно се користел, исто како и другите антички театри - вели Јакимовски.

Големите промени се случиле по 313 година, не само во овој регион, туку во целиот свет - императорот Kонстантин Велики го прогласил христијанството за официјална религија.

- Претходно христијаните ги фрлале на животни, ги убивале спектакуларно во театрите. Потоа тие била прогласени за маченици. Луѓето ги разградувале театрите, а камените блокови ги користеле како свет материјал и го вградувале во црквите. Речиси цел материјал од театарот е изнесен, освен тие два и пол блока засега - вели Јакимовски.

Домашните археолози долги години сметаа дека седиштата и другиот градежен материјал од театарот бил вграден во скопското Kале. Според Јакимовски, с` уште е рано тоа да се потврди.

- Треба да се направи и анализа на каменот, дали е од Бразда, Матка или од друго место. Треба истиот да се користи и за изработка на реконструираните седишта - вели тој.

Империјалниот период е слабо истражен

Археологот Иван Станчевски се приближува со новооткриени предмети.

- Ете врв од стрела. Овие предмети се од доцноантички период. Во тоа време театарот веќе не постоел - врз него биле изградени куќи. Тоа е населба која егзистирала од 330 година до околу 550 година. Има најмалку два културни слоја. Третиот е многу плиток и тешко можеме да го „фатиме“. Имало лозје, било орано до 70 сантиметри во длабочина - објаснува Станчевски.

Според Ленче Јованова, во различни временски периоди, Скупи различно живее - поинакви објекти се во функција, се менува лицето, димензиите, урбанистичките решенија на градот. Во времето кога бил користен театарот урбаниот живот во градот е на највисоко ниво.

- Тогаш се најголемите урбанистички и градежнички дострели. Тоа не значи дека во подоцнежниот период не се повториле овие фази - вели Јованова.

Скупи прераснал во колонија во времето на Домицијан, во 80 години од првиот век. Тогаш била поставена урбаниситичката мрежа на градот, со две вкрстени главни улици (кардо и декуманус) и низа паралелни улици во чии пресеци се наоѓаат градските квартови.

- За жал, од тој период и од времето на Хадријан нема многу објекти, освен театарот, делови од уличната мрежа, остатоци од една градска вила - домус за живеење и мали сегменти од други станбени објекти во централното подрачје. Има индиции дека од вториот век е големиот термален објект каде што пред неколку години беше пронајдена скулптурата на Венера Пудика. За останатите градби од тој период с` уште немаме сознанија. Тие сигурно постојат, но повеќе сме го истражувале доцноантичкиот период - вели Јованова.

Археолозите се сигурни дека имало најмалку две фази на обѕидување на Скупи. Во империјалниот период градот бил многу поголем, а се стеснил во доцната антика.

ЌЕ БИДЕ РЕКОНСТРУИРАН ДО 2017 ГОДИНА

Македонските археолозите веќе две години го истражуваат театарот. До 2017 година објектот треба да биде сосема истражен, конзервиран, реконструиран и предаден во употреба како летна отворена сцена на која ќе се одржуваат многу културни настани. Околу 200 луѓе се ангажирани на ископувањата. Од нив 35 се стручна екипа. Во моментот ова е еден од најголемите археолошки проекти што се работат во Македонија. Финансиран е со 49 милиони денари, како капитален проект на Владата.

Весна И. Илиевска

http://www.dnevnik.mk/?ItemID=86F13708C1E74144BB6657C80C465717
 
Член од
23 март 2009
Мислења
6.422
Поени од реакции
4.690
Навистина не знам дали е на соодветно место да постирам,но во со однос со темата,поврзано е ... Ретко македонски документарец направен за моментално истражување на едно место ....

Овој нов краток документарен филм на здружението „Археологика” е снимен за проектот прослава на меѓународниот ден на археологијата „Day of Archaeology 2014” со подршка од Министерство за култура на Република Македонија, НУ Археолошки музеј на Македонија, Управа за заштита на спомениците на културата и Via Magna.

Реализација:
Здружение Археологика
Соговорници:
м-р Горан Санев
Ирена Колиштрковска Настева
Радомир Ивановиќ

Камера — Монтажа – Музика – Графика:
Јане Качански

Автор – Сценарист – Продуцент
Радомир Ивановиќ

Организација
Елена Каранфиловска

Архео Парк Браза

 

LordDragonII

Dr.Strangelove
Член од
15 август 2008
Мислења
10.930
Поени од реакции
5.575
АРХЕОЛОШКИ ПОДВИГ НА СЕЛЕЧКА ПЛАНИНА

Ќе спијат во шатори еден месец за да истражуваат

Доказ дека постојат луѓе што прават големи подвизи во име на професијата, и дека она што го работат го сакаат безусловно, е новата археолошка експедиција, која ќе се одвива на Селечка Планина. Археолошките истражувања ќе се вршат на локалитетот Висока, кој се наоѓа на највисокиот врв на Селечка Планина на 1472 метри надморска височина.

http://www.mkd.mk/kultura/kje-spijat-vo-shatori-eden-mesec-za-da-istrazhuvaat#13
 

Ч Е Н Т О

Методија Андонов
Член од
3 јули 2008
Мислења
1.699
Поени од реакции
1.589
На Висока се разоткрива дворецот на Пелагонците

Можеби сме блиску до откривањето една од точките на антиката по кои се трага, а тоа е градот Пелагонија, досега единствен неоткриен во археологијата, вели Дејан Кебакоски, раководител на проектот за истражување на Висока


Истражувањата се водат на тежок начин, бидејќи нема пат, па археолозите со екипата секој ден од логорот поставен во близината се искачуваат на врвот висок 1.472 метри

ЕКСПЕДИЦИЈАТА НАПРЕДУВА НА СЕЛЕЧКА ПЛАНИНА

Иако во тешки услови, поради непристапниот терен, археолошката експедиција што годинава го истражува локалитетот Висока, лоциран на врвот на Селечка Планина, добро напредува. Тие се надеваат дека ќе го добијат крунскиот доказ дека на ова место има палата, односно резиденција што му припаѓала на кралот што владеел во античкиот период.
- Можеби сме блиску до откривањето на една од точките на антиката по кои се трага, а тоа е градот Пелагонија, досега единствен неоткриен во археологијата - вели Дејан Кебакоски, раководител на проектот за истражување на Висока.

Истражувањата се водат на тежок начин, бидејќи нема пат, па археолозите со екипата секој ден од логорот поставен во близината се искачуваат на врвот висок 1.472 метри. Тие ќе траат континуирано до крајот на месецов, а по начинот на реализација се први од типот на археолошка експедиција.
- Има дворец со влезна партија. Екипата стигна до самата карпа, но дебелината на слојот на земја е околу еден метар. Девастиран е материјалот, освен последниот од 6 век. Ретки се наодите. Еден ѕид внатрешно на акрополата е раноантички, кој соодветствува со тврдината од 4 век пр.н.е. Монументалноста на градбата укажува на моќник што ја направил - истакна Кебакоски.
Начинот на градбата бил ист со оној на гробницата во подножјето. Тоа во тој период, според експертите, можел да си го дозволи само кралот на Пелагонците, потврден во податоците како Менелај. Засега нема наоди за стопроцентна потврда, но монументалноста укажува на владетел што владеел во тој период.
На локалитетот се пронајдени повеќе монети.
- Има монета на Нерон од 1 век од нашата ера. Има и од 3 век, но најсилни се предметите од 4, 5 и 6 век, што значи дека градот бил ревитализиран. Има репарации на доцниот антички период, односно докази дека градот живеел низ целата антика. Можеби претходно жителите биле спуштени долу, па се искачиле горе. Западната страна на локалитетот Старо Бонче бил долниот град, каде што живееле граѓаните, со површина од 12 хектари, што е импресивно во споредба со други антички градови - додаваат археолозите.

Се очекува со овие капитални истражувања да се потврди претпоставката дека тука се наоѓал центарот на кралството на Пелагонците.
Локалитетот Висока годинава влезе во категоријата археолошки проекти од национален интерес. Локалитетот е составен од два дела, односно од акропол, или палатен дел, и подградие. Акрополот е со површина од 2.600 квадратни метри, додека целиот археолошки локалитет се протега на 19.600 квадратни метри, или речиси два хектара.
На локалитетот Висока се планирани уште три посебни проекти за дигитализација на локалитетот и артефактите до кои ќе се стигне, а со нив се фрла нова светлина на локалитетот, но и се отвора нов правец на археологијата во Македонија.

Автор: Каролина Мицевска

ИЗВОР


 

Петра П.

насмевка
Член од
16 јануари 2008
Мислења
2.087
Поени од реакции
2.882
Започнаа годинашните истражувања кај кумановско Црквиште
23.09.2014.

Започнаа годинашните археолошки истражувања на локалитетот Црквиште, с. Клечовце, Кумановско, проект кој е поддржан во Програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.




Годинашните ископувања се одвиваат во насока на додефинирање на контурите на големата ранохристијанска базилика, за која се претпоставува дека датира од 5 век, a постои и втора фаза на градење на црквата, која егзистирала до 11 век. Археолозите од Музејот Куманово истражуваат и во наосот и атриумот на градбата, за да се комплетира архитектонскиот план на објектот. Исто така, од особено значење е хронолошки да се дефинира егзистирањето на населбата која својот живот го започнала уште во римскиот период (2-3 век од н.е.). Со следните етапи ќе се добијат и поконкретни сознанија со кои ќе се дефинираат и границите на населбата, а со тоа и Куманово и Старо Нагоричине ќе го збогатат својот потенцијал за културен туризам.



Резултатите кои се откриени во претходните етапи на истражувања на овој локалитет се од исклучително значење за археологијата од овој дел од Македонија. Постоењето на двете фази на градење на црквата токму во периодите кога се вршело масовно христијанизирање на населението, според археолозите, ќе помогне да се осознаат процесите на пробивањето на христијанството во доцната антика и средновизантискиот период.



http://archaeologica.org.mk/mk/zanimlivost.php?id=2309


Поради својата местоположба и инфраструктура, локалитетот Црквиште нуди извонредна можност за развој на културниот туризам, ако се земе во предвид дека во близина се наоѓа и локалитетот Кокино. Првите истражувања на локалитетот Црквиште се започнати во 2001 година, и во помал обем се изведуваа до 2004 година. Најинтересен наод е токму објектот со апсида откриен во 2003 година – сакрален објект – ранохристијанска црква. Првичните согледувања се дека црквата е настаната во почетокот на 5 век, што ја прави една од најстарите во Македонија. Врз основа на пронајдените монети, крајот на втората фаза на постоење на црквата е определен во периодот 1071-1078 година.
 
На врв Bottom