И Албанците и се радуваат на црквата во Мала Речица
Мештаните се надеваат дека со обновата на овој верски објект ќе се разбие „малерот“ - да се раѓаат деца со аномалии, за кој велат дека ги бие откако била уништена старата црква во 2001 година
Манастирската црква „Свети великомаченик Георгиј“ во тетовска Мала Речица, која беше уништена во 2001 година, почна да се обновува. Верниците не го кријат задоволството што по десет години пак ќе го добијат овој православен храм. Не е помала и радоста кај мештаните, кои се Албанци од муслиманска вероисповед. Во ова место нема христијани. Албанците се надеваат дека повторната изградба на црквата ќе го разбие „малерот“ - да се раѓаат деца со аномалии, за кој велат дека ги бие откако овој верски објект бил уништен.
Иницијативата да се обнови црквата произлегла од верниците од Тетово, кои формирале иницијативен одбор, а сé почнало откако една жена со име Вера им раскажала сон во кој светецот и порачал наново да го изградат објектот.
- Како и во други слични случаи, жена што важеше за голем верник, го сонила свети Георгиј Победоносец. Таа на членовите на црковниот хор во тетовскиот соборен храм им рекла дека од светецот добила порака да се обнови црквата „Свети Ѓорѓи“ - вели претседателот на одборот, Никола Јовановски.
Ова се случувало во текот на 2006 година. Во меѓувреме жената починала, но иницијативниот одбор почнал да ја остварува желбата за обновување на храмот. Групата очекувала дека убедувањето на месното население во Мала Речица ќе биде тешка задача. Се случило спротивното. Членови на одборот раскажуваат дека првичниот контакт со месното население бил повеќе од пријатен. Месното население им рекло дека се добредојдени да ја реконструираат црквата. Им посочиле дека откако овој верски објект е уништен, во селото се родиле 14 деца со физички недостаток или психичко нарушување, па затоа даваат поддршка. Се надеваат дека со добриот духовен гест нивните проблеми ќе исчезнат.
- Наидовме на одличен прием. Дури имаме ветување од човек што живее блиску до црквата дека ќе помогне за градежните работи, бидејќи со тоа се занимава - вели Јовановски.
Освен црквата, во манастирскиот комплекс ќе се градат придружни објекти, како трпезарија, кујна и слично. Иницијативен одбор ја почна реконструкцијата есенва, а се очекува дека обновувањето целосно ќе биде завршено во текот на нареднава година.
Поставеноста на црквата во повисоките планински ридови укажува дека е изградена во османлискиот период, а постојат записи дека во триесеттите години од минатиот век семејството на Ѓоце Митрушевски ја обновило. Митрушевски исто така тврдел дека свети Ѓорѓи на сон му кажал каде се темелите на црквата, а при ископувањата е најдена икона на овој светец, која датира од 1450 година. Оваа црква беше изгорена на 8 декември 2001 година.
Автор: Александар Самарџиев
извор