Уставот е јасен, вонредни избори се распишуваат само ако повеќе од половината пратеници поднесат оставки, вели професорот Владо Поповски
Целосен бојкот на Собранието, враќање на пратеничките мандати, улични протести, масовни демонстрации, блокади на патиштата, бојкот на сите проекти на владата на Никола Груевски, неистакнување државни знамиња во општините каде што мнозинство се Албанците, до планови за регионализација, конфедерација или федерализација на Македонија. Ова се само дел од предлозите за кои вчеравечер требаше да расправа централното претседателство на ДУИ и да пресече како политички ќе дејствува откако, мандатарот Груевски децидно се изјасни дека за партијата на Али Ахмети нема место во новата влада.
Во ДУИ велат дека добиле многу предлози од партиските разграноци и дека е неизвесно која опција ќе претежне бидејќи „ситуацијата е многу сериозна“. Таму велат дека е можно да се определат за повеќе предлози како дел од стратегијата за нивното натамошно дејствување.
Партијата на Ахмети нема да се откаже од намерата да биде дел од владата, бидејќи, според неа, на изборите мнозинството Албанци се изјасниле дека ДУИ е победничката партија. Не ги поколебаа ни апелите на шефот на државата Бранко Црвенковски и на претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски да се вратат во законодавниот дом, кои посочија дека таму треба да ги бијат политичките битки. Како што објави „Дневник“, потпретседателот на ДУИ Рафиз Алити му порача на Црвенковски да не чука на погрешна врата и дека тој и Груевски пред да побараат ДУИ да се врати во Собранието треба да ја испочитуваат волјата на гласачите.
Дознаваме дека во партијата сериозно ја разгледувале можноста да ги вратат мандатите со цел да се предизвика политичка криза, но се' уште немале потврда од експертите дали во таков случај повторно ќе треба да се распишат избори. Таму калкулираат дека ако сите пратеници од четирите изборни единици каде што ДУИ имаше кандидати за пратеници поднесат оставки, тогаш ќе се исцрпат листите и ќе треба да се распишат нови избори.
Според Уставот, пратеникот може да поднесе оставка. Тоа треба да го стори лично на седница на Собранието.
Експертката Рената Десковска вели дека со оставките на мандатите, правно нема обврска да се распишат нови избори во тие изборни единици.
- Со тоа само ќе се влезе во еден маѓепсан круг, бидејќи кога ќе се исцрпи листата на пратеници, повторно оставка на мандатот ќе треба да поднесе првиот пратеник на листата. Избори не се распишуваат бидејќи тоа се пратенички места што ги освоила коалицијата ДУИ-ПДП. Во таков случај тие ќе апстинираат од работата во Собранието, но тоа не е добро бидејќи партија која излегла на избори треба политичките ставови да ги брани во институциите на системот. Со таков чекор само ќе си обезбедат негативен впечаток во јавноста, бидејќи ќе потврдат дека по секоја цена сакаат да бидат дел од власта - вели Десковска.
И професорот на Правниот факултет Владо Поповски потврдува дека во таков случај правно нема обврска да се распишат избори.
-Ако пратениците на коалицијата ДУИ-ПДП поднесат оставки, тогаш Собранието ќе функционира со 103 пратеници, а со тоа не се нарушува правниот капацитет на законодавниот дом. Собранието и со 103 пратеници има правен капацитет да ги обавува сите надлежности, може да го смени и Уставот бидејќи за тоа е потребно двотретинско мнозинство, а без проблем може да функционира и Бадентеровиот принцип - вели Поповски.
Според него, друго прашање е политичката тежина на таквата одлука и реперкусиите што може да се појават.
- Иако правно нема обврска да се распишат избори, претседателот на Собранието и парламентарните партии политички треба да проценат дали треба да има нови избори. Уставот е јасен, вонредни избори се распишуваат само ако повеќе од половината пратеници поднесат оставки - вели Поповски.