Едни пријатели ми кажуваа за потрагата што ја направила една млада снаа, а која се беше омажила кај нив во комшии. Велат, доаѓа снашкава во нова куќа, мамо/тато период на адаптација и еден ден се пржат колбаси за ручек. Снашкава ко помлада, а и да се покаже, вели, јас ќе ги спремам. Само што ги ставила колбасите да се пржат, рипнала свекрвата, каде со тој памет, така колбаси не се готват, не смееш цели да ги ставаш, мора претходно да се исечат двата краја, кај нас во село така ги спремаме. Наводно опашките не се јаделе, носеле лоша среќа за фамилијата. Снашкава зачудена, прв пат слуша за вакво нешто, јасно и` станало дека е суеверие и решила да испита. Се вдала во селото од каде што потекнувале луѓево, решена да открие зошто оди фира од колбасиве. Еден, друг, трет, најсетне сретнала некоја стара бабичка, која и` кажала: Амори ќерко, на времето немаше големи тигани за готвење и колбасите не ги собираше цели, та моравме да сецнеме малку од краевите, за да можеме да ги ставиме во тавата за пржење. Смешки.
Не би ме чудело секое од овие суеверија да има слично потекло. За мене, најлогично објаснување околу седењето во ќош како причина за немажачка/женачка е најверојатно што при многучлени фамилии, каде немало место за сите на масата, оние најмалку важните (грди/слаби/мутави) од ордата кои не можеле да се изборат за столче на средина, скраја да е на чело, морале да се задоволат со место во ќош, малтене како заборавени или невредни за нормално столче. Претпоставувам дека тие биле и со најслаб потенцијал за брак, што најверојатно и останувале беќари/стари моми, па оттаму и суеверието. Којзнае дали е така, ова е само моја претпоставка.