Француски тајни агенти изеле ќотек во Бугарија
Агенти на француската надворешна безбедносна служба (ДГСЕ) биле повредени кон средината на октомври во тепачка со бугарски локални жители додека биле на обука во таа земја, пренесуваат неколку блогови и специјализирани сајтови.
Инцидентот наводно се случил ноќта меѓу 15 и 16 октомври кај Плевен, на северот на Бугарија, во близина на границата со Романија.
„Кога ги забележале петте француски вооружени војници локалците добро ги подбрале“, пишува сајтот Инфосдифенс (Infosdefense), кој додава и дека на двајца Французи им било пукано во нога, а на еден му бил скршен носот.
Французите биле однесени во најблиската болница, каде што изјавиле дека се екстремни спортисти што се изгубиле во Бугарија, наведува сајтот. Во нивното возило биле пронајдени разни материјали како картички за мобилни телефони и нуркачка опрема.
Францускиот неделник „Ле Поан“ (Le Point) на својата интернет-страница објавила адреси на три бугарски сајта, кои даваат своја верзија на „мистериозниот инцидент“, пишувајќи за „туристи“ или „странски падобранци“.
Француската тајна служба на прашањето на новинарите за тие информации го дала својот вообичаен договор дека не дава коментари за своите вистински или измислени активности, пренесува агенцијата Франс прес.
Во Бугарија, министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов на новинарите за овој случај им изјавил дека тоа не е ништо невообичаено и дека станувало збор за туристи што веќе се вратиле во Франција.
Француската амбасада во Софија потврдила дека станува збор за екстремни спортисти што биле сериозно претепани и повредени со куршуми во нозете, и дека се вратиле во Франција на лекување.
Експертите за безбедност оценуваат дека е можно во Бугарија да била организирана некаков вид обука, која имала цел да симулира инфилтрирање во странска територија, или излегување од странска територија.
Ама Французите одбрале погрешна странска територија…