СО ЛЕТНАТА ТЕРАСА НА ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА”
Ресторанот „Пучини” заградил канделабри
Сопственикот на ресторанот „Траторија Пучини”, кој се наоѓа на плоштадот „Македонија”, кога ја поставувал летната тераса узурпирал две канделабри. Општинарите во Центар, иако досега правеа акции за расчистување на бесправно поставените тенди и летни тераси, велат дека за ова треба да решава Државниот градежен инспекторат при Министерството за транспорт и врски, оти, како што рекоа, ингеренциите засега им биле одземени. Од инспекторатот, пак, вчера рекоа дека тие се надлежни само за случаите кога сопствениците ќе изградат столбови или друга цврста градба.
- Знаеме дека сопственикот на „Пучини” узурпирал канделабри, но немаме право да преземе ништо до 14 јуни, кога ќе ни се вратат ингеренциите - рече вчера Милан Пижула, инспектор во општината Центар.
Оттаму не кажаа дали општинските инспектори предвиделе казни за оние што узурпираат канделабри или друга урбана опрема поставена на јавна површина.
Жаклина Ангеловска, пак, директорка на Државниот градежен инспекторат, вели дека општините се надлежни за летните тераси.
- Урбаната опрема што се поставува пред локалите и тендите ги контролираат општините. Ние реагираме само во случај ако се изградат столбови или ако има друга каква било градежна конструкција - објасни Ангеловска.
Во нашата редакција пристигнаа реакции од повеќе граѓани откако ги забележале канделабрите во ресторанот.
- Дали градоначалникот Трифун Костовски е привилегиран, па ниту една надлежна институција нема да преземе ништо во врска со овој случај? Сите знаат дека ресторанот е во сопственост на неговиот син Коки Костовски. Да не треба да се тргнат три канделабри од плоштадот, бидејќи можеби и пречат на тендата? Згора на се, сопственикот претерал со димензиите, а очигледно тендата не е монтажна, како што се предвидува со законот, туку е поцврста градба - вели еден граѓанин во пораката што ја испратил преку електронска пошта.