Нека им е со среќа на новите студенти на педагошки. Прво ќе им предаваат партизирани створења од професори, а стипендијата од 10 000 САМО НА ПЕДАГОШКИ ќе ја земаат партиски створења.
Владата му го менува „личниот опис“ на образованието
Владата не застанува на државен испит, туку предлага и цел пакет на реформи. Освен државен испит, владата предлага и нов закон за академија на наставници. Тој предвидува да се основа јавна установа - Академија за наставници, која по принципот на работење на Академија на судии и јавни обвинители, ќе работи на стручно усовршување на студентите произлезени од наставничките факултети.
Нејзин главен фокус ќе биде зајакнување на педагошко-психолошко и методскиот аспект на професијата наставник. Секој студент произлезен од наставничките студии, заради стекнување на статусот на кандидат за обука во Академијата, ќе полага приемен испит, по што ќе следува соодветна обука.
Кај учесниците со завршени студии на наставнички факултет, програмата за обука трае вкупно осум месеци и тоа три месеци теоретска настава чија цел е да се развијат пошироки знаења од областа на педагошките науки, како и современите методи на работа и пет месеци практична обука, со цел да ги оспособи идните наставници да ја планираат и реализираат воспитно образовната работа во училиштата. Додека, кај учесниците со завршени студии на ненаставна насока на наставнички студии, односно на студии кои немаат наставна насока, програмата за обука трае вкупно 12 месеци и тоа четири месеци теоретска настава и осум месеци практична обука.
Со завршување на обуката и положување на завршниот испит во Академијата, секој кандидат се стекнува со лиценца, која пак, му обезбедува вработување во училиште.
Дополнително, за секој кандидат за обука, се обезбедува месечна стипендија во висина од една просечна месечна нето плата.
Предлог законот ќе се однесува за студентите кои допрва ќе се запишуваат на педагошките факултети. Наставнцит кои веќе работат и не се лиценцирани, а кои ќе се пријават во Академијата за наставници, се обучат и лиценцираат, месечната плата ќе им биде зголемена за 3.000 денари.
Владата предлага и закон за наставници во основните и средните училишта, кој пак предвидува детална спецификација на условите за вршење на професијата наставник, на условите за засновање на работниот однос, дефинирање на категориите на наставници и нивните работни задачи, како и нивно континуирано стручно усовршување и кариерен напредок.
- Со овој закон наставниците во училиштата ќе можат да напредуваат во звања. Се прецизираат категориите наставник ментор и наставник советник. Работни должности на наставник ментор, покрај редовните, ќе бидат и менторирање на студенти од факултетите за наставници и Академијата за наставници; менторирање на колеги што имаат поддржан професионален развој; користејќи иновативни приоди да и им помага на колегите во спроведување на акциски истражувања; да учествува во изготвување на развојни политики на училиштето и така натаму. Додека наставникот советник дополнително ќе врши менторирање на студенти од факултетите за наставници и Академијата за наставници; менторирање на колеги што имаат поддржан професионален развој; ќе води колаборативни тимови за учење; ќе изготвува наставни материјали за учење; ќе креира, аплицира и спроведува иновативни проекти во училиштето и ќе учествува во изготвување на развојни политики на училиштето – рече Адеми.
Третиот предлог закон се однесува на изменување и дополнување на Законот за високото образование, кој превидува четири суштински новини. Првата, се однесува на редефинирање на Болоњскиот систем.
Втората новина се однесува на воведување на задолжителен усмен испит, покрај писмениот, заради унапредување на комуникациските вештини и начинот на изразување на студентот.
Третата новина е државниот испит. Четвртата новина е воведување на приемени испит за студентите странски државјани, поделен на стручен дел и тест за проверка на јазичните вештини. Целта е поголема валоризација на дипломата стекната во нашата земја и селекција на студенти кои навистина сакаат да стекнат доволно квалитетно знаење.
Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека предвидено е студиски програми од трет циклус на студии да можат да организираат само универзитетите кои се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите (факултети и уметнички академии), запишани во регистарот на високообразовни установи во државата, утврдени во последното рангирање согласно член 77-а од Законот за високото образование. Во случај кога универзитетот, односно високообразовната установи ќе го изгуби статусот на еден од првите пет рангирани високообразовни установи во државата во следното рангирање, нема да може да запише нови кандидати во трет циклус докторски студии.
Се воведува и новина - ректор, односно декан на високо образовна установа во земјата, да биде и странски државјанин.
Се предлага и нов Закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование.
Законот предвидува зајакнување на критериумите и процедурите за упис на студиските програми за образование и стекнување квалификации за вршење на професијата наставник во предучилишно, основно и средно образование. Целта е преку детална филтрација да се избира единствено најквалитетниот наставен кадар кој ќе ја едуцира идната движечка сила на земјата.
Најпрво, се предвидува воведување на построги критериуми за упис на педагошките факултети и наставните насоки, со цел селектирање на најдобрите студенти во оваа област. На овие факултети преку полагање на приемен испит ќе може да се запише студент кој има минимум просечен успех од 4.00 во средното образование.
Предвидено е и полагање на посебен приемен испит за педагошките факултети за наставниците од одделенска настава, кој содржи математика, мајчин јазик, односно говорни и писмени вештини, англиски јазик, природни науки, информатички вештини, физичко кондициона подготвеност, музика и разговор со кандидатот. Додека за наставниците кои ќе предаваат во предметната настава, испитот ќе содржи математика, мајчин јазик, односно говорни и писмени вештини, англиски јазик, информатички вештини, два предмети кои се однесуваат на предметот за кој се стекнува со квалификација за наставник и разговор со кандидатот.
Предлог законот превидува и стимулирање на студентите за упис на педагошките факултети и наставните насоки, преку воведување на стипендии за најдобрите студенти, кои ќе остваруваат просечен успех од најмалку 8,00 секоја студиска година и ќе имаат положени најмалку 80 проценти од испитите во претходните студиски години. Висината на стипендијата ќе изнесува најмалку 50 проценти од просечната нето плата во Република Македонија.
Се воведува и нова унифицирана студиска програма која ќе мора да ја применуваат сите педагошки факултети во состав на државните универзитети изготвена од претставници од педагошките факултети и други стручни лица од областите поврзани со образованието и воспитувањето.
Студиската програма ќе содржи организирана академска обука, со основни напредни и стручни курсеви од научната област на педагогијата, психологијата и методиката на настава и од научното поле на образованието, предавање и друг вид на комуникациски активности, практична настава во траење од најмалку 60 дена годишно во првите 2 години и 40 дена годишно во крајните 2 години.
Додека, дипломската работа ќе содржи изработка и јавна одбрана на дипломски труд од научното поле на методика на наставата и писмен и усмен испит од наставните содржини.
На студиските програми задолжително ќе се користи и стручната литература што е во употреба на највисоко рангираните наставнички факултети според рангирањето на Шангајскиот Џиао Тонг Универзитет и британското QS рангирање.
Студентите кои се веќе запишани на педагошките факултети и на наставните насоки на останатите факултети, продолжуваат да се образоваат по програмата по која веќе започнале да студираат.
Дополнително, се зајакнуваат и критериумите околу тоа кој може да предава на овие факултети, односно, покрај критериумите за избор во звање, неопходно е и познавање на англиски јазик Б2 ниво, докажана и плодна научно истражувачка дејност во научното поле за кое се избира во звање со објавени најмалку 4 труда во меѓународни научни списанија, во последните 3 години и 1 труд во списание со импакт фактор, односно 2 труда во последните 5 години. Предност ќе биде, доколку лицето има пост докторски престој на првите 500 највисоко рангирани универзитети во светот.
За постојните наставници ќе има дополнителен период од 3 години за да ги исполнат овие услови, со исклучок на редовните професори избрани по втор пат и професори кои имаат 10 години до пензионирање.
Цениме дека на овој начин, со овие предложени одредби квалитетот на наставниот кадар, на среден рок во многу ќе се подобри.
И петтиот е предлог Закон за обука и испит на директор за основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење.
Законот предвидува секој кандидат за директор да помине основна обука за да ги стекне потребните професионални компетенции за успешно организирање, раководење на воспитно-образовната работа и администрирање на работата во училиштето, а дури потоа да го полага испитот со којшто ќе биде проверена неговата стручна оспособеност, за раководење, примена на законските прописи и организирање на работата во училиштата.
Основната обука се реализира низ шест модули (Примена на информатичко-компјутерска технологија во менаџирањето, Теорија на организација, Луѓето во организацијата, Директорот како педагошки раководител, Законодавство и Финансии) и истата е поделена на три дела: непосредна обука, индивидуална работа односно подготовка на семинарска работа и презентирање.
Обуките ќе ги организира Државниот испитен центар.
Кандидатот кој успешно ќе ја заврши основната обука за директор, се стекнува со право на полагање испит ќе треба да достави пријава до Државниот испитен центар, кој пак, формира Испитна комисија.
Испитот за директор се полага 2 часа и состои од три дела. Првиот и вториот дел се однесуваат на практична проверка на компјутерски вештини, односно проверка на способноста за примена на теоретските знаења и презентација, при што кандидатите треба да одговорат точно на минимум 80% од вкупно 50 прашања кои по случаен избор ги одбира електронскиот софтвер во чија база ќе има 300 прашања. Успешноста во првите два дела е виза за полагање на третиот дел, одбрана на завршниот семинарски труд на тема којашто исто така, ја избира електронскиот систем од базата на теми.
Задолжителните обуки за континуирано професионално усовршување од најмалку четири семинарски денови во текот на една година, се предвидуваат и за веќе избраните и ангажирани директори.
- Во оваа прилика би сакал да апелирам и до сите политички партии, наместо да посегнуваат по основците, средношколците, студентите, наставниците и професорите, со цел да ги манипулираат заради собирање на политички поени, да понудат свои предлози и сугестии, со што би дале придонес во имплементацијата на овој досега најкрупен пакет на суштински реформи во насока на унапредување на квалитетот на образовниот систем во земјата – рече Ристовски.