Мурси обвинет за убиства и киднапирања
Текст: Макфакс
Свет | 26 јули 2013
Египетското правосудство денеска го притвори соборениот исламистички претседател Мохамед Мурси на 15 дена, обвинувајќи го за редица кривични дела, вклучувајќи и убиство на војници и заговор со палестински Хамас.
Мурси војската го држи од 3 јули, но до денеска се немаше соочено со никакви формално-правни мерки.
Веста е објавена неколку часа пред најавениот собир на милиони Египќани, на групите за и против Мурси, кого војската го собори од власт на 3 јули.
Во насилствата со кои се проследени протестите, последниот месец загинаа повеќе од 200 луѓе.
Обвиненијата против Мурси се однесуваат на неговото бегство, заедно со другите челници на Муслиманското братство, од затворот северно од Каиро во 2011 година, за време на бунтот кога беше соборен Хосни МУбарак.
Обвинението вклучува подметнување пожар, уништување на затворските документи и „соработка со Хамас со цел агресивни дејства во земјата, напади на полициски станици, офицери и војници". Обвинет е за убиство на неколку затвореници, офицери и војници, како и киднапирање на неколку офицери и војници.
Портпаролот на Муслиманското братство ги оцени обвиненијата како „смешни" и како знак за враќање „кон стариот режим".