Како поддржувач и симпатизер на РК Вардар ми е криво и ми е жал, но судбината на ракометните тимови е таква. Сум пишувал повеќе пати на оваа тема, единствените два тима кои можат за себе да речат дека во континуитет функционираат на врвно ниво во секоја смисла на зборот (резултатска, организациска, финансиска и сл.) се Кил и Барселона. Првите како најголемиот ракометен бренд во светов, зад која стојат огромна бројка на навивачи (барем за ракометни стандарди) и вторите како тим кој зад себе го има фудбалскиот клуб па така за нив "нема зима" што би се рекло. Во оваа група можеби би влегол и РНЛ. Апсолутно сите други тимови, функционираат вака, на овој начин.
Чисто како за пример, пред неколку месеци низ германските ракометни кулоари мошне дискутирана тема беше судбината на Магдебург од следна сезона. Бидејќи главниот спонзор е исклучително богата жена која е во сериозни години и боледува од тешка болест. Дилемите беа дали доколку почине и Магдебург го изгуби главниот спонзор ќе може клубот да продолжи да се одржува на истото ниво. Еј, зборуваме за една Германија! За една исклучително богата држава, за еден клуб кој постои преку 60 години, со 3 титули во ЛШ и еден куп други натпреваруања, кој собира редовно околу 8 илјади гледачи, а они дискутираа за тоа дали би можел клубот да се одржи во една таква ситуација? Тоа само кажува на какво ниско ниво е сеуште овој спорт и покрај огромните чекори напред кои ги направи во последниве 10 години. Фленсбург имаше исто така проблеми со финансии пред неколку години, не се знаеше дали главниот спонзор ќе продолжи да финансира. Мислам дека нема потреба да кажувам што претставува Фленсбург во светот на ракометот. Хамбург исчезна од мапата. Париз сите знаеме кој го држи и на нив ќе им дојде крајот.
Во овој дел од Европа па, ситуацијата е уште позаебана (како и секогаш). Веспрем од секогаш бил големо име, со една навистина огромна традиција, ама Веспрем пред 10-тина години го немаше ни пола од буџетот кој го има од кога Орбан дојде на власт во Унгарија. Ростерот секогаш им се состоеше од најквалитетните унгарски играчи + Срби, Хрвати, Босанци и по некој Словенец, Романец и Русин. Ѕвезди од калибарот на Палмарсон, Руезга, Наѓ, Илиќ итн. немаше во тој клуб. Орбан донесе доста контроверзен закон со кој на компаниите им се отпишува дел од даноците ако инвестираат во популарните спортови како фудбал, ракомет и др. Не случајно сите компании кои спонзорираат клубови во Унгарија се блиски до партијата на власт, што го прави законот уште поконтроверзен.
Келце е во иста ситуација како Вардар. Газдата - Сервас, еден ден за година, две, три, пет, десет ќе престане да го финансира клубот и ќе се случи истото како тука.
Нека пројде четврт-финалево, нека ја освојат 13-тата домашна титула и 14-тиот куп па ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Што и да биде, ние поддржувачите, симпатизерите и навивачите ќе му бидеме потребни повеќе од било кога на клубот во периодов кој следи. Можеби летово по заминувањето на Сергеј ќе добиеме некоја добра информација околу идното финансирање на клубот, кој знае.