Далеку од очите на јавноста
Денес, во просториите на РФМ се одржал состанок на УО на нашата ракометна федерација. Како што не известува скромниот документ поставен на нивната страна, под точката 4 се разговарало за: "Предлог - Одлука за утврдување на број на странски државјани во националното првенство и Куп натпреварувања;"
Очигледно, повторно некој пробува да ја протне онаа идеа за ограничување на бројот на странците. Од кого потекнува истата? Нејзин креатор во РФМ е поранешниот член на УО Филип Христов. Тој лани на крајот на сезоната испрати вакво барање кон РФМ а по одбивањето од на федерацијата да го исполни, во фер-плеј коректен дух и огромна желба за соработка (како и секој вистински преставник на Металург) си даде оставка. Работите се смирија во оваа сезона, исполнета со Европски успеси кои ја израдуваа нашата нација од страна на двата клуба. Но, денес, нашата федерација се дрзна не само да разгледува предлог за ограничување на бројот на странците, туку почна да разговара за нивниот број во натпреварувањата, како што стои во соопштението. Ова, очигледно значи дека РФМ веќе донело одлука за ограничување на бројот на странци, па сега само разговара и колкав да биде нивниот број.
Од сето ова можеме да заклучиме дека по оваа одлука ќе дојде до големи потреси во Македонскиот клубски ракомет. Најпрвин, тимот на РК Вардар дефинитивно ќе биде десеткуван следната сезона во домашното првенство, што ќе може да значи и негово ослабнување во битката за титулата во следната 2014/2015 сезона. Нималку повеќе, ова ќе значи и сериозен удар и врз тимот на ЖРК Вардар, кој оваа година заврши како трет во Европа. Тој тим е скоро и цел со странски ракометарки, па најверојатно нема да се задржи во таков формат. Дали ова е целта на мерката која ја спроведува РФМ, под превезот на "потребата за младински таленти"? Сите знаеме дека во македонските клубови има огромен број домашни ракометарки и ракометари, и огромен број млади домашни ракометари и ракометарки. Тие, сигурно имаат голема чест да учат од мајсториите на Дибиров, Радичевич, Лекич, Пино, Дујшебаев, Карачич, Прибак и сите оние кои поминале толку многу во дресот на ЖРК и РК Вардар, но и во странство, од каде нивното искуство индиректно го пренесуваат и на играчите во домашните првенства.
Кому му е потребна оваа мерка и зошто? Се разбира, потребна му е на оној што ја предлага, а тоа е екипата на РК Металург која пополека го гледа својот залез со стареењето на Вугринец, Мојсовски, Миркуловски, Марковски, Јоновски и сите наши репрезентативци. Како што стареат, така се понеквалитетни, а Вардар гради се посилен тим. Тоа на овие "душегрижници" и големи "македонољубци" им смета. За нив, само Металург е Македонија (изјава на Добри Димовски, татко на Ванчо Димовски во познатате контактна емисија Јади Бурек) а Вардар е Русија. Дали Кил е Скандинавија, г-дине Добри? Но, да не бегаме од темата. Тие сакаат Металург, со скромен буџет (официјален околу 1 милион евра, а неофицијален околу 2,5 милиони евра) да продолжи да биде шампион на Македонија, а Европските успеси да се занемарат. Тие сега би ги закопале сите успеси на Вардар, и оние нивните, кои не очекуваат во Европа, само за да би биле што е можно подолго на тронот во Македонија!
Мислам дека и малите деца можат да сфатат зошто има потреба да се ограничува бројот на странците во лига која двата најуспешни клубови ја играат 3 недели во годината, кога решаваат за титулата. Смешно е и апсурдно да се бара зголемување на фондот на македонци во домашното првенство во ваков распоред на натпреварувања (СЕХА лига како основна лига на двата клуба преку сезоната). Но, некому му смета Вардар. На Металург му сметаат се погласните шпекулации за Штербик, за Рутенка, за сите одлични играчи кои можат на Македонија во следните години да и донесат радости. Тој сака се тоа да го снема, исто како што успеа да ги уништи школите на Борец Велес, РК Прилеп, РК Струга и останатите клубови, со тоа што ги коопорираше во Металург академијата. Подоцна, си направи и паралелна лига од домашната, се под превезот "за развој на ракометот". Сега Металург плаче како во Македонија немало ракометни школи, а за тоа бил виновен Вардар, бидејќи тој носел странци. Ова не е крај на уништувањето кое го носи Металург. Успеа и да го уништи македонскиот женски ракомет кој по Кометал, живуркаше и произведуваше ракометарки. До предлани во женската ракометна лига имаше едвај 4 тима кои се спротиставуваа на заканите на големиот газда и успеваа некако да преживеат. Сега, конкуренцијата повеќе се намалува. Повторно, поради уништувањето на школите на овие клубови, тие пропаѓаа. И повторно, сега Вардар носел странски ракометарки, па бил виновен за ваквата ситуација. Лицемерието и дволичноста на овој маалско-трујачки клуб немаат крај.
Сето ова Металург го креираше да биде единствен расадник на таленти (што јас не пробувам тука да го оспорам и е легитимна цел), но и со цел да стане единствен клуб кој егзистира во Македонија. Лино Червар ги научи своите пулени на ова по примерот на тоа што го спроведуваше во РК Загреб. Но, Хрватска за среќа има голем број деца кои се извезуваат уште од 15 години во германските школи, па така нивниот репрезентативен ракомет е сеуште многу моќен. Како што можеме да видиме, Загреб се подмладува, но очигледно нова преквалитетна генерација како онаа од 2000 нема.
Кога ќе се вратиме на самата мерка како таква, таа е неуспешна и во пракса. Како пример ја земам Романија, земја со поголеми капацитети од Македонија во основ на школска база. Таа е последна земја која го имплементираше ова правило во својата лига, надевајќи се дека клубовите ќе развиваат школа. Еве конкретен пример: турнирот во Струга на почетокот на оваа сезона. Дали се сеќавате на романска Констанца? Каква игра прикажаа момците на Шундовски? Дали се пласираа во ЛШ преку квалификационата група??? Играта им беше никаква, и не отидоа понатаму во ЛШ.
До 2009 Романија беше заборавила што е тоа ЕП и СП. По проширувањето на системот на ИХФ за СП, се квалификуваше во 2009 и 2011. Овие првенства имавме можност да ги гледаме на нашите телевизии, бидејќи игравме и ние на истите. Дали се сеќавате на Романија??? Се разбира дека не. Таа била слаба репрезентација без позначаен успех. Дали мерките на романската ракометна федерација вродиле со плод во репрезентацијата? Не. Тие само го уништиле она што го имале, клубски претставник во ЛШ. Сега не можат да го вратат ни тоа, бидејќи мерката беше донесена токму на начинот на кој РФМ сака да ја донесе - тивко, зад очите на јавноста (која сака да гледа и не е на ранк на порталчиња кои за две вина не објануваат ништо) да ја протне и имплементира, а се со цел да пукне како гром од ведро небо и преку ноќ да се бркаат играчи од клубовите!
Но, оваа мерка има уште поголем размер. Доколку федерацијата не може да му издаде на играч дозвола за настап во домашното првенство, тој нема право на настап и во ЛШ. Во превод: ракометниот клуб Металург и целата негова управа воопшто не ги интересира ракометот. Ги интересира личниот профит, нивната функција и силниот Металург. Тие се спремни да прегазат преку лешови да дојдат до својата цел. Спремни се да ги уништат националните успеси. Тоа е нивната мисија.
Останува на РФМ да видиме дали ќе подлегне на притисокот за донесување на оваа мерка. Ако реши да го направи тоа, не сакам да бидам песимистичен, но не очекува епизода во машкиот ракомет онаква каква што имавме во женскиот пред неколку години - промашена генерација ракометарки, форсирана од Металург, кој тогаш беше единствен, се со цел лично богатење на група луѓе кои не се заинтересирани за спортот, без бирање средства да се уништи се што фатило корен во ракометна Македонија.
П.С. Кога во едно соопштение на Управниот одбор ќе видиме закажување седница на Казнената комисија која треба да се произнесе по случајот во кој г-дин Червар го исплука македонскиот ракомет, целото Куп натпреварување и федерацијата со неизлегувањето на завршницата од купот да го прими медалот за второто место? До кога РФМ ќе толерира вакви хирови од страната на Металург, и жестоко ќе удира по Вардар за сенешто?
http://www.skopjezavardar.bloger.in...1121072107410851086108910901072/26079388.aspx
Одличен текст.