Драга Кајгана (виртуелен дневник)

  • Креатор на темата Креатор на темата Acid
  • Време на започнување Време на започнување
Драга кајгана, зошто машките мислат само на онаа работа?
Од сабајле мислам и се прашувам...
 
Ќе пишувам за убавите нешта и разочарувањата, за љубовта, за почетоците, за крајот... Многу приватни нешта споделени на место од кое сум запознал бар 100 луѓе. Ама, секогаш ми е убаво кога во иднината ќе се навратам на тоа што сум мислел некогаш во минатото.

Точно пред 19 години излегов на прв дејт со девојката која ми беше првата љубов. На страна мувања и слично, имав до тој момент една детска љубов од основно (која траеше 2-3 месеци), поради која не ја ишишав косата 2 и кусур години (почна како заебанција дека ми "раскина" откако ја ишишав шлем фризурата, па малку потраја тоа), како и една неформална врска со едно лудо девојче во средно со кое се гледавме повеќе од 1 година. Имало затрескувања, болни корпи, неколку неделни/месечни врски, покрај овие две гореспоменати, но ништо не се споредува со првата посериозна љубов.
Немаме право да се жалиме дека е ладно во моментов, затоа што паметам дека тогаш зимите почнуваа многу порано. Се сеќавам дека беше камен ладно додека чекав да се симне од 57-ца спроти ГТЦ, премрзнат и размрсулавен. Седнавме на кафе во кафуле кое одамна не постои, продолживме на прошетка на кеј, кон парк. До последниот ноќен автобус, седевме на клупа, потонати во разговори без да го преземам првиот чекор. Немав расчистено некои работи во главата, а сакав да си дадам шанса за нешто посериозно. Ми требаа уште 2 недели за да започне нешто што траеше скоро 5 години. Уште колку пати мрзнеше поради мене на клупите во парк, на камената патека на кеј, стутулени во прегратки на -10. Кога доаѓаш од сиромаштија, без сопствено место за приватност, без абер за кола и слично, твојот дом е природата :D Кога ќе си го вратам филмот после толку години, кога ќе се ставам на место на другиот, сфаќам дека воопшто не било доволно само да сакаш некого без да преземеш нешто во насока на нудење сигурност во иднина. Да, се изградив во човек кој во моментов е добар пример за некој што успеал да излезе од сенките на минатото и да биде фамилијарен човек со добра кариера, но во тој момент единствено што ми се вртеше во главата беше Вардар, навивањето и маалскиот живот. Не сум бил идеален дечко како што си замислував, а не стигнав да и го кажам тоа. Далеку од идеална беше и она.
She was my everything. Толку се затрескав и она стана цел мој свет, што намалив на дружба со друштвото на вечерни излегувања, а останав во аут и од многу заеднички активности (само навивачкиот живот не трпеше :D) со нив. Влегов пренаивно, несвесен дека не секој е подготвен да сака со цело срце. Reality check-от дојде после нецели 2 години. Таква болка во срцето сум почуствувал само неколку пати во животот. Жештина, како некој да те боде сред срце. Кошмари, месеци неприфаќање на реалноста. Дури и кога финално раскинавме, не ме болеше до тој степен. Уште три години поминаа во подеми и падови, па во последната само се чекаше некој да рече доста е.
За ништо во животот не треба да ми е криво, се' е искуство. Ама, не можам да кажам дека не ми е криво што не пресековме бар година дена пред крајот. А страдав и после тоа. И тоа многу. Не можев година и кусур да се вратам во колосек.
Имаше една случка која ја просведочив, која беше капак на сите случувања и после која како да се скрши нешто во мене и реков доста е тагување, време е за нов лист.
А во тој нов лист, убаво ме здрма една личност која не ми даде шанса да влеземе во посериозни води од неколку преубаво поминати вечери. И мило ми е ради тоа, затоа што до ден денес имаме убав однос. Поминав низ многу нешта со нејзе во животов што можам да кажам дека практично станавме како фамилија.
Сепак, во тој прв момент после нејзината корпа, се отвори нова епизода во мојот живот. Како што милуваше да каже еден колега, епизода на блуд и разврат. Крајот на овој луд период дојде на почетокот на 2017.
Седев во апартман во Амстердам, размислував дали да и дадам шанса на една девојка со која се гледавме тогаш, кога од нигде никаде добив порака од познаничка на другар.
Не требаше многу време за во февруари (под тешко пијанство) да почнам врска која ќе биде мојата втора долга врска. Ако првата траеше скоро 4 години и 7 месеци, втората ќе трае 4 години.
Влегов толку лабаво што воопшто не ми пречеше што двајцата сме тотално различни светови. Сакав нешто ново и поразлично. Сакаше да ме воведе во некој свет што за мене беше се' она што презирам, но не ми сметаше, затоа што она беше многу поразлична од светот во кој беше заглавена и мислев дека на крај јас ќе бидам тој што ќе ја извади од таму. Имаше надеж дека ќе излезе од тие кругови, а во мојот живот донесе нови авантури и што е најважно придонесе да отфрлам една навика која како дете од стечајска фамилија ми беше всадена уште од мал. После секое трошење на поголема сума пари, потајно осеќав грижа на совест. Се подразбирало дека кога одам на екскурзија како мал, парите што ми ги давале биле за не дај боже и се очекувало да ги вратам. Се поминувала цела недела во школо со 150 денари. Се излегувало со 100 денари. Кога прв пат почнав да заработувам самостојно, секој трошок ми беше однапред пресметан. Со нејзе, научив дека парите се за трошење, дека треба да живееш во моментот. Треба да се има мера, ама не смееш да си дозволиш да те боли срцето ако си приуштил нешто поскапо.
Како одминуваше времето, сфатив дека нема да го напушти животот на кој е навикната, ниту пак ќе се помири дека никогаш нема да станам дел од круговите во кои се движеше. Ниту пак ќе се обидам. Се случи нешто што не ми даваше срце да прекинеме многу пред официјалниот крај и ми олесна многу кога побара да одиме малку на пауза. Крајот го ставив јас, после неколку месеци. И посакувам многу убав живот, бидејќи е особа која е многу добра по душа, штета што живее прво за другите, па за себе.
Ми требаше одмор. Одмор од се' во животот. Си уплатив одмор во Охрид, сам во хотел. Планирав седење на плажа и читање книги на зајдисонце.
Ми беше роденден. Од никаде, на доручек, келнерот ми носи парче торта со свеќичка и ми честита роденден. Бившата ми ја нарачала. Како што почнува секоја приказна од модерното време, си ја ставив сликата на стори. Ми коментира девојка која ја знаев неколку години, но само на професионална основа. Месец дена претходно ми фати око додека вртев по ФБ и баш си реков што прави во животот. И се видела штосна објавата. Знаев дека тоа ќе биде мојата наредна голема љубов. Само неколку месеци по раскинувањето.
За месец и 1 ден, ќе правиме 5 години врска, 3 години во брак.
Конечно запознав некој кој нема само да критикува, туку и ќе ми дава поддршка во се'. Некој со кој ќе чувствувам мир во душата. Некој со кој сакам да го поминам остатокот од животот. Најсилната жена на светот. Мајката на моето дете. Најрадосен сум што токму таа е мајката на син ми. Ја има најубавата насмевка на светот <3
Ако нешто жалам во животот, тоа е што ја запознав толку доцна и имавме само 2 години да уживаме целосно во нашата врска пред да почне ново поглавје во нашиот живот, во кое некој друг е поважната фигура.
Најголем страв ми е дека нема да доживееме длабока старост за да поминеме уште многу заеднички дни.
Се зезаме со другарите дека сега правиме групи само за мекици, детски родендени и за жал, погреби.
Почнаа да си заминуваат нашите најблиски. Знае еден другар да му каже на татко ми дека срце му се кине кога ги гледа родителите дека дојдоа до оваа возраст. Каде заминаа оние луѓе што личеа дека цел живот ќе бидат млади? Секое одење на гости кај моите, се враќам со горчина на душата, немоќен да го спречам процесот на нивното стареење. Барем ја имам среќата што се уште се тука, каква и да е нивната здравствена состојба.
Пред некоја година, татко ми имаше тешка операција. Мислев дека ќе го загубам. Кога ми се јави по телефон и ми рече сине ме носат на операција, сум плачел како мало дете. Бев во продавница и солзите сами ми навираа. Како го пишувам ова, си течат и во моментов.
Само 10 денови претходно, жена ми го доби позитивниот тест за бременост. Детето требаше да се роди околу роденденот на татко ми. Не можев да ја извадам од глава мислата дека еден живот почнува, друг завршува. Татко ми е добар. Но, другиот живот заврши уште непочнат.
После она прво раскинување, по втор пат почувствував што значи скршено срце. Моите баби и дедовци си заминаа уште кога бев дете, така што не сум бил свесен за тие работи.
Неколку денови по операцијата на татко ми, се појавија првите проблеми. Тотално неискусни, не сум ни знаел што се може да се случува во една бременост. Радоста дека веднаш ни успеа да зачнеме плод, еуфоријата кога ја слушаш срцевата реакција, траеше само неколку недели.
Уште ми ѕвонат во ушите зборовите на докторот, по една тешка, непроспиена ноќ од болки. Жал ми е душо, овде плод веќе нема. Ја оставив душата од плачење кога си дојдовме дома. Се случувало во 50% од случаите, but I didn't give a fuck. Не мораше на нас. После неколку денови депресија, решивме да патуваме коллу што можеме и да не коментираме веќе на таа тема додека не се обидеме повторно, односно до моментот кога ќе можеме да се обидеме повторно. Секоја чест на оние (ќе ги наречам храбри будали) што одма се фалат со првиот позитивен тест и секој ден објавуваат слики како се подготвуваат. Уживаат во бременоста, несвесни за разочарувањето кое може да го донесе истата. Не требаше многу долго да по неколку месеци добиеме нова шанса. Не уживавме скоро ич, затоа што константно бевме во грч да не се случи истото. Боцкај клексани секој ден, прекрстувај се на секој преглед, плаши се од секоја ситница што ќе изникне во тие 9 месеци.
Две недели пред терминот, во 2 ноќта ме будат дека пукнал водењакот. Се изгубив тоталка. Што попрво, нејзе ја задржаа во болница, јас морав да го средам цел стан. Сум рибал се' во 3 ноќта, останав без спиење. Два дена траеше породувањето.
Може 15 километри изодев околу болницата на денот на пораѓајот. Сосема случајно, судбината сакаше да докторот што беше дежурен кога ни ја соопшти лошата вест година претходно, се погоди да влезе на пораѓајот и да ја породи жена ми. За добра среќа, сабајлето ги нахранив сите мачиња од дома до болница. Суеверие. Здраво машко бебче, на кое сега му се тресам на секоја настинка (која за жал трае од октомври до мај). Да ми е среќен и здрав цел живот и се надевам за брзо ќе добие сестричка (или братче де).
Судбината сакаше во три врзани ноемвриски денови, прво да биде роденден на едната бивша, наредниот ден на ми беше почетокот на врската со првата бивша, а на третиот ден да станам татко. Секогаш сум го сакал ноември. Судбината сакаше и да се преселам на улицата која со првата бивша ја поминувавме секој ден по сто пати.

Со тек на време станав благодарен на Господ што не видовме уште поголеми маки и разочарувања како многу мои познаници. Години потрошени на ин витра, милион спонтани абортуси, алал да им е како останале силни во животот. Некои уште чекаат, некои добија деца, што ми претставува огромна радост.
Болна тема за зборување, лесно е да зборуваш на истата кога веќе ќе заврши со добро.
 
Времињата се тешки, животот е тежок, но веќе сме биле тука.
Овој пат ќе бидеме подобро... Го променив мислењето, конечно е моето време.
Го чувствувам тоа во себе, овој пат ќе бидеме подобро.
God Did!!!
 
Кајгано,
Лудо е и потресувачко во 4 сабајле да читаш нечии животни истории, и да се подсеќаш на својот живот.
Само едно сфатив за волку години, Господ го товари човекот колку што може да носи.
Не мислете дека нешто случајно лошо или добро ви се случува, едноставно тоа е вашиот дел кој природата ви го доделила, ваше судено.
Носете си го со здравје и гордо, оти друг живот и друга судбина немате.
 
Ne sum nesto protiv AI-to, ne sum ni nekoj fan iskreno. Go koristam, mi se naslo vo zivotot, ne velam ne. No aman ljuge, amaan daj ne se glupirajte da si zborate so nego. Ako imas nesto da go prasas, napisi mu ko coek otkolku deset pati da se objasnuvate glasovno, pa ne te sfatil, ne te slusnal dobro, pa ke ti vrati na ungarski itn itn. Napisi mu so te interesira i kraj, ne filozofirajte bez potreba.
 
Дневна доза надреализам.

Јадам тост на една од масите што се пред сендвичарата кога по скалите што водат до неа се качува некој човек што поради аголот каде што бев седнат не го видов одма во целост туку како се качуваше по склалите ми се откриваше дел по дел негова фигура па поради тоа на дел од секунда кога ги качи првите скали каде што му се гледаа долгата бела коса и брада и црната боја на облека ми заличи на поп за откога ги искачи сите скали по парталавата облека да сфатам дека не е. Одма до самите скали имаше канта за ѓубре ставена од сендвичарата за тие што јадат таму да ги фрлаат салфетките и омотите од сендвичите и само што ги качи скалите почна да буричка во неа. Станав од стол му пријдов и му се обратив: Господине ве молам нарачајте нешто за јадење јас ќе платам. "Не, не фала" и продолжи да буричка по масите каде што имаше остатоци од тие што јаделе и оставиле, а на едната и замотана ќеса за да бара храна.

Не може се ниту да се објасни, ниту има секогаш логика. :toe:
 
Back
На врв Bottom