Нешто што гледав периодов, нека стои тука, може ќе му се најде на некој.
DTF St. Louis
Нетипична црна комедија за ликови во средни години која на почеток изгледа дека е за средовечна криза, брачни проблеми и сл., но постепено станува многу повеќе од тоа. Спора е, ликовите се фино напишани и се градат постепено. Дијалозите се понекогаш чудни, на работ на апсурдноста, но е убаво заокружена приказна. Jason Bateman и David Harbour завршија одлична работа. 7/10
Rooster
Feel-good, топла комедија со Стив Карел. Тој е просечен писател што пишува книгички за на плажа, повикан е да предава во универзитет каде што работи и неговата ќерка. Исполнета е со хумор, човечност и оптимизам, па е лесна и забавна за следење. Засега имаме една сезона. 8/10
Widow's Bay
Ова го почнав како препорака слична на FROM. Некако ми е чудна комбинација од комедија и хорор, но не ми легна нешто особено. Си има свои моменти. Мало место исполнето со мистерии, чудни ликови и појави. Наликува на Twin Peaks, ама ко да сте го нарачале од Temu.

7/10
The Four Seasons
Лесна сериичка за брачни парови кои се соочуваат секој со свој предизвик. Главната ѕвезда и тука е Стив Карел. Очекував просек, но добив многу убава забава. Се гледа инстант и некако останува во глава бидејќи обработува важни теми, иако на прва остава наивен впечаток. Ако сте фанови на White Lotus дајте и шанса и на оваа. 7/10
All Her Fault
All Her Fault е сѐ што сакам во една серија. Паметно сценарио, нема премногу тупење, не е претенциозна и во 8 епизоди кажува сѐ што има да каже. Sarah Snook глуми, растура. Dakota Fanning исто така. Детенцето Duke McCloud е преслатко.

Препорачувам. 10/10
I Will Find You
Ова имаше огромен хајп на Netflix, но е чист просек. Почетокот потсеќа на Prison Break, а потоа имате дупки во сценарио, ликови што не знаат кај тераат и претенциозност до немајкаде. Плус, многупати видено, ништо оригинално и не знам зошто толку ука-бука имаше по нетов. 6/10
The Crystal Cuckoo
Шпански трилер за млада докторка на која ѝ е трансплантирано срце, па тргнува да дознае повеќе за својот донор. Така завршува во мало планинско место каде што сите кријат тајни. Малку ми сметаше мешањето на временските линии и некои очигледни клишеа. Не е ремек-дело, но е добра за бинџање во два дена и да си продолжиме со животите. 6/10